Македонија
Рашковски бара реконструкција на случајот: „Тешко да најдете црна мачка во темна просторија“

Ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, обвинет за незаконски набавки на софтвери, камери и кабини, бара реконструкција на целиот случај. Односно, дали софтверот работи, дали кабините ги има на самото место, дали се функционални. Според него, обвинителниот акт е паметна будала бидејќи пишува дека давал насоки и извршувал, а не може двете нешта да се прават одеднаш.
„Обвинителката ме инспирира со теориите, па да кажам и јас со теории. Теоријата на случај што Обвинителството ја кажа дека нема потреба за набавка – многу е опасна. Оној што треба да утврди дали нештото е законски или незаконски наспроти тоа постоењето рационално трошење на средствата, е Собранието, кое на крајот ја усвојува завршната сметка. Во завршната сметка, помеѓу другите работи на Генералниот секретаријат, ги имате и овие набавки што се предмет на денешното рочиште. Во таква ситуација ќе ви стане јасно зошто ние бевме држени во притвор – многу е тешко да најдете црна мачка во темна просторија, а уште потешко е да ја најдете ако ја нема. Ние бевме држени во црнина бидејќи полесно е да се убедат судот и јавноста дека криминалот постои и дека е извршен, а ние заедно со Даниел бевме чувани за да не… А ние ќе докажеме дека црна мачка не постои“, рече Рашковски.
Нему не му е јасно зошто и другите луѓе се обвинети. Тој не може да направи поврзување на сите луѓе: „Не сум барал помош за да извршам кривично дело, ниту сум извршил кривично дело“.
„И така натаму, ќе дојдеме до она што не од аспект дека нѐ загрижува од содржината на доказите, туку од аспект на тоа да види јавноста со каков непрофесионализам е направено собирањето докази. Ќе го земам примерот со Маја Сиљановска за која се вели дека ништо не работела. Тоа значи дека не треба да постои трага од нејзиното работење, еве јавноста нека провери дали 400.000 корисници на ‘купувамдомашно.мк’ се реални“, рече Рашковски правдајќи ги другите.
Рашковски посочи дека ќе има интересно судење и рече: „Се надевам дека ќе успееме да ја докажеме нашата невиност“.
„Барам од судот за секое судење да имаме пристап до телевизор или проектор, да имаме табла за да пишуваме и би сакал од вас една дозвола, бидејќи студентите тоа ќе го бараат, при изведување на доказите да дозволите присуство на студенти на судењето бидејќи тоа го предавам и на факултет“, рече Рашковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Доаѓа невреме – силен ветер, пороен дожд и град ќе ја погодат Македонија

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, во понеделник и вторник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
„Процесите ќе бидат поинтензивни особено во текот утрешниот ден кога локално ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2), силен ветер (над 60км/ч) и изолирана појава на град“, велат од УХМР.
Според најавите, од среда ќе преовладува претежно стабилно и потопло време со пораст на дневната температура.
Во Скопје, утре и во вторник времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има појава на невреме со пообилен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Од УХМР препорачуваат во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
ЦУК: Четири активни пожари во Македонија, 2 под контрола

Центарот за управување со кризи информира дека на територијата на Македонија се евидентирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои: 4 се активни, 2 се под контрола, а9 се изгаснати.
Активни пожари: 4
1. Општина Чашка – над Богомила (мешана шума)
2. Општина Куманово – с. Слупчане (нискостеблеста шума)
3. Општина Студеничани – с. Дречавица (шумски пожар во планински терен)
4. Општина Македонски Брод – с. Грешница (деградирана нискостеблеста шума)
Под контрола: 2
1. Општина Долнени – с. Стровија, позади место викано Гајдарец-Клепало (нискостеблеста шума)
2. Општина Желино – с. Церово (мешана шума)
Изгаснати се пожарите во Берово, Брвеница, Струмица, Гевгелија, Куманово, Крушево, Долнени, Струга и Студеничани.
Македонија
(Видео) Избувнаа повеќе нови пожари – „Во Македонија има многу граѓани кои не ѝ мислат добро“, вели Михаилов

Попладнево низ повеќе делови од Македонија се појавија нови пожари, откако претпладне беше стабилизирана состојбата на теренот.
Надлежните институции реагираат со интервенции на копно и од воздух.
Информации објави заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.
„Дефинитивно во Македонија има многу граѓани кои не и мислат добро, друго објаснување за ова кое се случува јас немам!
Пожаров кој го гледате е над село Ваксинце, општина Липково и избил пред 30 тина минути, а истиот ветерот многу бргу го шири накај Стража!
Таму се две екипи на ЈП “Македонски Шуми” Куманово и ТППЕ Куманово!
Откако ја стабилизиравме целосно состојбата и со добра координација на Главниот Штаб на Македонија до пладне го решивме и последниот активен пожар кај Долнени, во текот на попладневните часови веќе имаме пријава за неколку нови пожари!
После пладне е пријавен нов пожар во близина на село Богомила, општина Велес каде веднаш од страна на Главниот Штаб беа упатени сили на ЈП “Македонски Шуми” , екипи на МВР и месно население, а таму на помош беше пратен и делуваше од воздух еден хеликоптер.
Во 14 часот, во исто време се појавија два пожари, едниот во близина на село Милетино во општина Брвеница кој по брзата интервенција од копно беше локализиран и пожарот во општина Желино, во близина на село Церово на кој во моментов во координација со Главниот Штаб делуваат копнени сили составени од ТППЕ и ЈП “Македонски Шуми” и двата ЕР Трактори на ДЗС!
Исто така, нашите копнени сили кои сеуште се наоѓаат високо на пожарот во Долнени над селото Стровија попладнево ни пријавија појава на дури четири нови чадења или нови пожари кој во моментов службите ги проверуваат и пристапуваат на гасење на истите!“, напиша Михаилов на ФБ.