Економија
Средба Керим – Јаневски: Туристичката комора и Агенцијата се лојални партнери за промоција на туризмот
Претседателот на Туристичко-угостителската комора, Аркан Керим, денеска оствари работна средба со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, на која се разговараше за можностите за унапредување на соработката меѓу двете институции со цел подобра промоција на нашата земја како одлична туристичка дестинација. На средбата присуствуваше и претседателот на Сојузот на стопанските комори, Трајан Ангелоски, кој ги истакна отвореноста и подготвеноста на соработка на највисоко ниво.
„Ова е наша прва работна средба по преземањето на претседателската функција во Туристичко-угостителската комора, во насока на претставување на приоритетите на кои ќе работи Комората во наредниот период, а кои веруваме дека, доколку ги организираме со заеднички пристап, ќе дадат многу подобри резултати. Агенцијата за промоција на туризмот е наш важен партнери и во таа насока Сојузот е подготвен за лојална соработка и меѓусебна поддршка“, истакна Керим на средбата.
Соговорниците се заложија заеднички да работат за да се постигне поставената цел во 2022 година да се реализираат 2,5 милиона ноќевања и да се оствари 400 милиони долари приход од туризмот и угостителството во македонската економија.
На средбата се разговараше и за заеднички настап на реномирани саеми, меѓу кои и 43. саем за туризам, кој овој месец ќе се одржи во Белград.
„Туристичко-угостителската комора е организација на врвни професионалци во туристичката индустрија, со изградени релации и воспоставена комуникација со нашите колеги од други земји. Користејќи ја оваа мрежа на комуникации, а вклучувајќи ја во активностите и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, ќе направиме значаен исчекор во привлекувањето туристи од европските земји, регионот и пошироко“, истакна Керим.
Новиот претседател на ТУК беше избран минатата недела на Собранието на Комората, каде што ги претстави приоритетите на своето дејствување и најави реформирање на Комората.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 % во однос на одлуката од 18.11.2024 година.
Од 26.11.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,737 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,50 ден/лит и сега ќе изнесува 72,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,029 ден/кг и сега ќе изнесува 44,737 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,489%, кај дизелот за 3,554%, кај екстра лесното масло за 2,215% и кај мазутот намалувањето е за 2,312%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7524%.
Економија
Мицкоски: Грчевито се бориме да нема покачување на струјата, но ако мора, еве нека биде во третиот и четвртиот блок
Владата ќе се бори да не дојде до покачување на струјата, ниту за најавените до три проценти по Нова година. Премиерот Христијан Мицкоски денес на поставувањето камен-темелник за нова градинка во Расадник, Кисела Вода, одговарајќи на новинарски прашање, рече дека доколку мора, покачување ќе има, но само во поскапите блокови.
„Ќе направиме сè за да ја оптимизираме и да нема покачување на цената на електричната енергија, ниту до тие три проценти. Ако мора, еве да се покачи во некој од блоковите, оние повисоките, третиот и четвртиот. Можеби таму би имало некакво интервенирање. Тоа го правиме затоа што навистина сакаме на граѓаните да не им го отежнуваме и онака тешкиот живот. Замислете ние ако постапуваме неодговорно и не се бориме и да ги покачиме сметките 20-30 проценти, сè ќе поскапи. Замислете каков шок ќе биде тоа во делот на инфлацијата. Ќе се бориме до последно да ги нема и тие три проценти. Тоа е максимумот што може да се случи во третиот и четвртиот блок, а во првиот и вториот да нема никакво покачување, каде што се најголемиот број од потрошувачите“, рече премиерот Мицкоски.
Објасни дека е изводливо да нема поскапување на струјата оти успеале да ги намалат трошоците за 15-20 проценти на старите долгови оти побарале и добиле попуст, а новите тендери биле 15-20 проценти поевтини од оние порано, со што успеале да ги оптимизираат и производното и приходното портфолио. Каде оделе тие 15-20 проценти досега, премиерот Мицкоски вели дека точно се знае, а набргу и јавноста ќе дознае.
„Тоа што го наследивме во енергетиката е апокалиптична ситуација. Колку што сум информиран, и Финансиската полиција и МВР и други институции се занимаваат со тоа што се правело во годините претходно. Многу бргу од денеска ќе се излезе со јасни информации“, рече премиерот Мицкоски.
Драматичен пораст на цената на струјата не очекува ниту претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, оти цената на електричната енергија е стабилизирана.
Економија
Промоција на станбениот кредит од Халкбанк
Со цел да им обезбеди на клиентите уште поатрактивни услови за реализација на нивните станбени планови, Халкбанк АД Скопје воведе дополнителна промоција на својот станбен кредит кој е со фиксна каматна стапка почнувајќи од само 3,0 отсто за првите 5 години, односно 3,4 проценти за првите 10 години, и променлива за останатиот период на отплата.
Со почеток од 20 ноември, па се до 31 декември 2024 година, станбениот кредит на Халкбанк ќе се издава БЕЗ нотарски трошоци, БЕЗ надомест за полисата за осигурување за првата година и БЕЗ трошок за проценка на недвижниот имот. А фиксниот надоместок за обработка на апликацијата изнесува 3.000 денари.
Максимален износ на средства кои можат да се добијат е до 300.000 евра, со максимален рок на отплата до 30 години, а постои можност и за добивање грејс период во отплатата од 12 месеци. Кредитот може да се користи за купување на стан, купување на куќа, како и за рефинансирање на изложености во други банки по основ на станбен кредит.
Искористете ја атрактивната понуда која трае до крајот на годинава и нека Халкбанк стане вашиот партнер на патот кон обезбедување сопствен дом.
За повеќе информации за условите и аплицирањето за станбениот кредит, посетете ја веб страната на банката или најблиската филијала.
(ПР)