Македонија
Набавувачот на софтвер до Русковска: Кажете зошто ми понудивте да сведочам против Рашковски
Сопственикот на фирмата „Инвока груп“, Даниел Станчев, која за Владата ги набави спорните софтвери за мерење брзина на возилата, тврди дека е невин. Нему не му е јасно ниту зошто бил држен во притвор. Упати и неколку прашања до Обвинителството, на кои бараше одговор, а меѓу нив и зошто бил во притвор, како и зошто му било нудено да биде сведок наместо обвинет. Додека тој зборуваше и упатуваше барања, Русковска се сврте кон него и го следеше во излагањето.
„Договорот е завршен и испорачан според сите процедури за јавни набавки. Како заклучок за тоа имаме аплицирано и како најевтин понудувач сме добиле договор. Обвинителството да одговори на прашањата зошто по две недели мое приведување во Шуто Оризари е дадена понуда за да сведочам против Рашковски, без притоа да ми биде сменет статусот од обвинет во сведок. Во досегашната постапка јасно се гледа дека од второосомничен веќе сум четвртоосомничен според Обвинителството. Исто така, јас речиси една година сум во домашен притвор. Дали јас сум обвинет поради неисполнување договор или поради мојата семејна положба, ќе се утврди со доказите во постапката. Со оглед на тоа, барам од Обвинителството да го повлече обвинението против мене бидејќи сметам дека сум невин од првиот ден кога е почната истрага“, рече Станчев.
Тој испорачуваше барања до Русковска, а со цел, како што рече, јавноста да знае повеќе детали за случајот.
„Јавноста е должна да ги има сите информации зошто сум јас држен до денешен ден во куќен притвор, зошто и дали под притисок бев држен во затворот во Шуто Оризари, дали од Обвинителството цело време ми беа нудени спогодби да не бидат опфатени лица блиски до мене. Јавноста треба да знае. Исто така, барам од судот да биде транспарентен и сите одлуки досега што се објавувани од Кривичниот суд за моите притвори јавно да бидат достапни на интернет-страницата на судот, како и другите одлуки. Сѐ друго што е наведено во обвинението, а кое не се однесува на мене, не сакам да го коментирам“, додаде Станчев.
Адвокатот на Даниел Станчев, сопственик на „Инвока груп“, тврди дека неговиот клиент имал право да се јави на тендер и да даде понуда во согласност со распишаниот тендер, па, така, не сторил ништо незаконски. Според него, сите ќе докажат дека не биле во состојба да му помогнат на Рашковски да стори или да не строи некакво дејство затоа што генералниот секретар има овластувања и ингеренции: „Дали некое дејство ќе преземе или нема, може да зависи само од неговата волја, а не од волјата или дејството на трето лице“.
„Бидејќи понудил најниска цена на софтверот, Комисијата за јавни набавки ја одбрала понудата на ‘Инвока груп’ како најповолна и му предложила на генералниот секретар да склучи договор. Во обвинението сака да се поентира со фактот што обвинетиот Даниел Станчев во согласност со склучениот договор доставил фактура до Генералниот секратаријат на Владата, а таа била платена без да биде имплементиран софтверот за определување просечна брзина на возилата и изрекување казна. Одбраната е сигурна дека се погрешни заклучоците на обвинението и затоа побаравме судот да нареди да се направи тестирање или испитување и презентација за функционалноста на софтверот за определување просечна брзина на возилата и изрекување казна во присуство на обвинетите, одбраната, судот и вештаците. Сигурни сме дека при презентацијата ќе се покаже и утврди дека софтверот е функционален, комплетен и применлив, а дека вештакот на Обвинителството, веруваме поради недоволно искуство, не успеал да утврди дека софтверот е комплетен. Одбраната е сигурна дека и од доказите на Јавното обвинителство ќе се утврди дека обвинението по однос на Даниел Станчев, всушност, претпоставува дека тој му помогнал на првообвинетиот во сторување на кривичното дело“, рече адвокатот на Станчев.
Обвинетите Ивица Димитровски и Игор Христов тврдат дека не му помагале на Драги Рашковски во незаконски дејства. Ивица Димитровски се приклучи кон барањето на Рашковски да се направи јавна демонстрација на софтверот, дека постои и дека работи, иако тој се гони дека системот во пракса не функционира и дека не е имплементиран, како и за начинот на неговата набавка. Неговата адвокатка посочи дека се надева на ослободителна пресуда иако процентот на вакви судски пресуди е мал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

