Спорт
Во новите лимити за плата во Ла лига, Барселона е негативна!
Надежите на Барселона дека во летниот преоден рок ќе можат да го донесат Ерлинг Халанд добија силен „удар“ откако шпанската Ла лига ги објави лимитите за плата во шампионатот, и само Барселона има негативен скор.
По зимскиот преоден рок, Ла лига го објави најновиот лимит на ограничувања на платите во сите клубови во првата и втората шпанска лига, каде што само Барселона имаат негативен скор. Лимитот за трошење на Барса во текот на летото падна на 97 милиони евра, но сега сумата е -144 милиони евра по пристигнувањето на Дани Алвеш, Феран Торес, Пјер-Емерик Обамејанг и Адама Траоре на „Ноу Камп“.
„Намалувањето од 242 милиони евра значи дека било предвидено дека Барселона ќе има помали загуби од реалноста. Негативниот лимит не значи ништо околу пристигнатите засилувања, но значи дека ќе има поголеми ограничувања во следните сезони, доколку нема зголемување на профитот на клубот“, објаснува корпоративниот директор на Ла лига, Хавиер Гомез.
Дури и во случај на оваа негатива, Барселона може да носи нови засилувања, но само ако се внесат нови пари во клубот. Тие можат да искористат 25 отсто од продажбата на нов фудбалер за ново засилување, процент кој при одредени услови може да скокне на 50 отсто.
Преостанатите 19 клубови од Ла лига имаат позитивни лимити, со Реал Мадрид со најголем лимит од фантастични 739 милиони евра, по што следуваат Севилја (199 милиони евра) и Атлетико Мадрид (161 милиони евра).

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Линдзи Вон се врати во САД
Американската скијачка Линдзи Вон денес се врати дома во Соединетите Држави, откако помина една недела во болницата во Тревизо. Вон (41), доживеа фрактура на ногата откако падна во олимписката трка во спуст.
„Не сум застанала на нозе повеќе од една недела… Бев имобилизирана во болнички кревет од трката. И иако сè уште не можам да стојам, чувството е прекрасно да се вратам на дома“, објави Вон на социјалната мрежа „X“ со емотикон со американско знаме.
„Голема благодарност до сите во Италија што се грижеа толку добро за мене“, изјави Вон.
41-годишната скијачка имаше најмалку три операции на скршена лева нога во Италија. Претходно беше објавено дека ќе ѝ требаат нови операции во САД.
Вон, девет дена пред почетокот на Зимските олимписки игри ги скина лигаментите во левото колено, на тренингот за спустот во Кран Монтана. И покрај повредата реши да настапи на Игрите во Милано и Коритна.
Спустот го заврши по само 13 секунди, на 8 февруари, по што беше префрлена со хеликоптер во болница. Еден ден подоцна, таа потврди дека претрпела комплексна фрактура на тибијата, за која се потребни повеќе операции за да се поправи соодветно.
Foto/ /depositphotos
Спорт
Винисиус му постави ултиматум на Реал
„Винисиус Жуниор го информираше Реал Мадрид дека сака наскоро да чуе јасен став за нов договор. Доколку не се постигне договор до април, тој ќе размисли за заминување“, објави во вторникот „Ел Насионал“.
Разговорите меѓу Винисиус Жуниор и Реал Мадрид, околу новиот договор, одамна престанаа. Двете страни не можат да се договорат за платата и таа во моментов е причина за сите проблеми.
Бразилецот бара плата каква што има Килијан Мбапе, односно околу 30 милиони евра, додека „кралскиот клуб“ му нуди околу 20 милиони.
Доколку реши да замине, ќе може да бира каде ќе ја продолжи кариерата. Засега како главен фаворит се издвојува ПСЖ.
Бразилецот пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ пред осум години од Фламенго, за сума од околу 50 милиони евра. Одигра 356 натпревари во дресот на Реал, има учинок од 116 голови и 94 асистенции.
Спорт
Пресврт, Влаховиќ сега сака да остане во Јувентус
Душан Влаховиќ сериозно размислува за продолжување на договорот со Јувентус. Овие информации ги пренесоа неколку италијански медиуми.
По месеци шпекулации за неговото заминување, се чини дека српскиот репрезентативец се уште не донел одлука да го напушти Торино, напротив, сите опции сè уште се разгледуваат, а самиот играч покажал интерес да го продолжи договорот.
„Соработник близок до менаџерот на фудбалерот, открива дека Влаховиќ покажал интерес за продолжување на соработката“, вели италијанскиот новинар Даниеле Лонго, потврдувајќи дека самиот Влаховиќ ја разгледува опцијата за нов договор.
Оваа перспектива го менува претходниот наратив, дека напаѓачот нема намера да остане во Јувентус.
Влаховиќ во моментов с годишна плата од 12 милиони евра е најплатениот играч во клубот и еден од најплатените во Серија А. Јувентус му нуди нов, повеќе годишен договор, со помала плата, што барем досега играчот и неговиот менаџер го одбија.
Foto/ depositphotos

