Македонија
Џафери – Борел: Процесот на проширување на ЕУ во моментов е повеќе од потребен
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеф Борел Фонтел. На средбата присуствуваа и координаторите на пратеничките групи и претставниците на помалите политички партии во Собранието.
Од страна на претседателот Џафери беше искажано задоволството за реализацијата на посетата во моменти кога е повеќе од потребна јасна потврда на европската перспективна на земјата, имајќи ги предвид тековните настани во Украина и одредени случувања во нашето соседство, кои покажуваат колку брзо може да се промени мирот и стабилноста и рапидно да се зголемат безбедносните, економските, енергетските и други предизвици на континентот. Тој го информираше Борел за донесената Декларација во Собранието, со која најостро се осудуваат воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и се повикуваат институциите на Република Северна Македонија да помогнат во обезбедување хуманитарна помош за бегалците од Украина. Претседателот Џафери се осврна на исполнувањето на реформската агенда и надминувањето на отворените прашања со соседите во изминатите години, пред сè заради исполнување на стратешката определба на граѓаните за членство во Европската Унија. Во таа насока, апелираше за што поскоро отпочнување на преговорите за членство за Република Северна Македонија.
Борел искажа особено задоволство од реализацијата на средбата поради неговата долгогодишна историја во парламентаризмот и неговата претходна функција како претседател на Европскиот парламент. Како добар познавач на регионот и застапник за процесот на проширување, ги поздрави чекорите преземени за унапредување на евроинтеграцискиот пат и повика на надминување на одредени прашања укажани од страна на Европската комисија, кои првенствено одат во прилог на националниот интерес, но и на членството во ЕУ. Тој го пофали конструктивниот пристап на новите влади во Скопје и Софија и ја потврди заложбата и активниот ангажман на челниците во Европската Унија за што поскоро почнување на преговорите за членство во Европската Унија.
Од страна на претставниците на пратеничките групи и помалите политички партии беше едногласно потврдена определбата за унапредување на европската интеграција на државата, беше пренесена намалената поддршка кај граѓаните за ЕУ и стравувањето за губење на кредибилитетот на ЕУ доколку состојбата не се промени, како и силната поддршка за граѓаните на Украина, нивното право на самоопределување во нејзините меѓународно признати граници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

