Свет
Русија им нуди на сириските војници плата од 1.000 евра за да дојдат во Украина, тврди невладина организација

Русија има список од 40.000 сириски војници и припадници на сојузничките милиции подготвени за распоредување во Украина, објави денеска Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR).
Русија, како сојузник на сирискиот режим на Башар ал Асад, на 11 март соопшти дека доброволци, вклучително и оние од Сирија, се добредојдени да се борат во Украина на страната на руската армија која ја нападна соседната земја на 24 февруари.
Според SOHR, руските офицери, во координација со сириската армија и сојузничките милиции, отвориле канцеларии за регистрација во областите под контрола на режимот во Дамаск.
„Повеќе од 40.000 Сиријци досега се пријавиле да одат во Украина да се борат на руска страна“, рече Рами Абдел Рахман, директор на SOHR, невладина организација со седиште во Велика Британија, која има широка мрежа на извори во Сирија.
Во Сирија, каде воената плата е од 13 до 32 евра месечно, Русија нуди илјада евра за војување во Украина, додава опсерваторијата. Дополнително, тие имаат право на отштета од седум илјади евра во случај на повреди, а нивните семејства ќе добијат 15 илјади доколку загинат во битка, наведува истиот извор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се урна станбен блок во Индија

Четири лица загинаа, а уште 10 се водат за исчезнати откако денеска се урна повеќекатен станбен блок во близина на Њу Делхи, јавија индиските медиуми повикувајќи се на полицијата.
Според извештаите, спасени се 14 лица. Блокот се урнал во Мустафабад во североисточниот дел на државата Делхи. Ограничените услови ја попречуваат спасувачката работа, изјави портпаролот на Националните сили за одговор при катастрофи.
Причината за уривањето се уште не е позната. Локалните медиуми јавуваат дека неодамна биле извршени градежни работи во приземјето на зградата.
Главниот министер на Делхи, Река Гупта нареди истрага за инцидентот.
Свет
Во сообраќајка загина поранешен хрватски фудбалски репрезентативец и играч на фудбалскиот клуб Динамо

Во тешка сообраќајна несреќа, што се случи во Карловац, загинаа 2 лица, меѓу кои и поранешниот хрватски фудбалски репрезентативец и играч на фудбалскиот клуб Динамо, Никола Покривач, јавуваат хрватските медиуми.
Полицијата во краткото соопштение наведува дека несреќата се случила на обиколницата Турањ и дека во неа учествувале 4 патнички возила.
Три лица се пренесени на лекување во медицинска установа.
Свет
Русија и Украина денеска треба да разменат затвореници

Русија и Украина денеска треба да разменат затвореници, а посредник во договорот повторно се Обединетите Арапски Емирати, соопштил извор запознаен со преговорите.
Ќе бидат разменети вкупно 492 војници – 246 од двете страни, како и уште 46 ранети украински војници.
За време на војната Русија и Украина со посредство на ОАЕ веќе разменија вкупно 3.233 воени заробеници