Македонија
Адвокатот на Јовановски: Боки 13, татко му и асистенката се невини
Бојан Јовановски-Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска се невини, посочи адвокатот Сашко Дуковски пред судот. Тој рече дека има договор помеѓу Меѓународниот сојуз, кој бил склучен со две фирми, а Обвинителството сака да посочи дека тој е склопен за да биде направена измама и додаде: „Јас такво нешто немам видено“. Дуковски рече дека договорот е граѓанско-правен однос, а за негово неисполнување не може да се одговара кривично. Дециден е дека се неточни обвинувањата оти станува збор за измислен проект посочувајќи на одржани состаноци, ангажирани професори и асистенти од факултет, потпишани договори: „Тврдам дека нема ни ‘и’ од измама, а не, пак, перење пари“. Адвокатот рече: „Наместо да бидат општествено наградени, тие се обвинети“.
„Обвинението претставува законски недозволена компилација на правни наводи со цел, ако се нафрлат повеќе факти, тогаш да се смета дека обвинетите го извршиле кривичното дело. Прво, се вели дека Бојан Јовановски ги искористил документите на Меѓународниот сојуз, па потоа како физичко лице ги врши измамите. Или е едно или е друго. Не може дејството да биде стави сѐ што сметаш, па нешто ќе помине. Мене не ми е јасна една работа – зошто во ниту еден момент не беа споменати двата договора склучени со ‘Пелистер’ и ‘Дрим билдинг’, а мораа да бидат споменати. Ова е веројатно прв случај во историјата за ваква наводна измама, а прв е затоа што не може да има ваква измама“, посочи Сашо Дуковски.
Тој додаде дека речиси секој во државава го познава стопанственикот Силјан Мицевски, па посочи: „Бојан го измамил Силјан? Бојан? Кој може да ме убеди во тоа? А немал ни таква намера. Треба да имате докази за тоа, а не да кажувате имало средби, присуствувале други. Да добиел пренамена на земјиштето, сега таму ќе имаше објект за стари лица“. Дуковски додава: „Нека се обиде кој било од нас да му побара на Силјан Мицевски 70.000 денари, а не 700.000, па да видиме дали ќе ги добие“.
„Ардијан Амзоски не е ништо повеќе од полномошник во 2017 година на ‘Дрим билдинг’ и не може да биде оштетен. Кој е оштетен – Силјан Мицевски или ‘Пелистер’? Не знам дали Силјан е оштетен или сведок, а третиран е како сведок. Како тоа Силјан Мицевски е измамен од страна на Бојан Јовановски кога тој на расправа пред овој суд на 29.4. 2021 година наведува дека прочитал во дневен весник за овој проект и затоа пристапил и стапил во контакт со Меѓународниот сојуз сѐ со цел да се остварат тие проекти што се однесуваат на Меѓународниот сојуз, а тоа е изградбата на дом за стари лица. Од кога овој сведок почувствува дека е измамен? Дали почувствува во моментот кога даваше исказ пред Обвинителството во својство на граѓанин што дава известие? Па и тогаш, а и надвор, наведе дека не се чувствува измамен и дека верува во тој проект. И одеднаш се поставува измамен по финансовата контрола и беше под наводници да поднесе кривична пријава за измама. Судот не го прифати тој доказ за да се утврди тоа“, додаде Дуковски.
Нему не му е јасно како Агапи Дика, претседателка на Собранието на Меѓународниот сојуз, може да биде сведок, а не обвинет иако ги потпишувала сите одлуки на здружението со вака поставено обвинение: „Не ми е јасно ако е ваква состојбата, како Дика и Кухар не се обвинети“.
„За овој договор со ‘Пелистер’ има повеќе акциски планови, како и од самиот Силјан Мицевски биле ангажирани стручни лица, а од Меѓународниот сојуз биле ангажирани професори и асистенти од Градежниот факултет. Значи, имате разговори, договори, акциски планови – но, не, не е доволно тоа, Бојан измамил.
„Лилјана Тодоровска лаже, беше откриена неколкупати при директно испитување! Не може да му се верува на такво сведочење! Таа жена прима на сметката, каде што е единствен потписник, износ од 719.000 евра во денари и во врска со тој факт на моите прашања велеше: ‘Јас не видов кому и кој ги пратил парите’. Тие пари, јас ќе се согласам со обвинителот за една работа, тие пари се легални. Е, сега, не ми е јасно како тие исти средства, кои биле легални, а биле префрлени според договорот, сега се трансформираат во измама? Кога ќе го прочитате записникот, ќе видите дека дава одбрана бидејќи беше уплашена. Истото тоа го правеше и сведокот Кухар“, изјави Дуковски.
Нему не му е јасно како без доказ е посочено и прифатено дека некој ги зел тие 719.000 евра од Лилјана Тодоровска, која била автор на проектот, особено што таа рекла дека дејството се случило во банка среде град.
„Барем една снимка да имаше од надзорна камера. Не може вакво тврдење без никаков доказ. Тоа значи дека можеше да каже дека и од мене ги зела парите“, рече Дуковски.
Тој цитира и одредби од договорите со кои вели дека Обвинителството кажува дека е направена измама. Според тоа, за неисполнување на договорот се предвидени плаќање пенали.
„Се поставува прашањето каква е измамата? Во што се состои доведувањето во заблуда? Од чист облигациски однос правиме измама, а покрај тоа и перење пари, кое е омилено кривично дело на Обвинителството за гонење организиран криминал“, праша Дуковски посочувајќи дека имало состаноци, стручни лица.
Прв човек на Меѓународниот сојуз по функција е Агапи Дика бидејќи е претседател на Собранието што избира претседател на правното лице, односно го избира Бојан Јовановски, рече Дуковски кому не му е јасно како Јовановски е обвинет, а Дика е сведок против него.
За асистенката Христина Блажевска, рече дека не е докажано оти му дала пари на Бојан Јовановски ниту, пак, дека била во банка со Лилјана Тородовска за да ѝ ги земе парите што ги извадила од сметката.
„Ова да се случувало во Америка, за тој паричен износ, Лилјана Тодоровска би пријавила. Ако има навистина таков настан сигурно таа би реагирала, Комерцијална банка има обезбедување, тоа би реагирало. Блажевска не смее да биде обвинета. Каде е доказот за помагањето?“, објасни Дуковски.
Во врска со Миле Јовановски, адвокатот Дуковски рече дека докажале оти не перел пари, туку тие му се од продадени два стана и дуќан: „Доставивме доказ за потекло на парите. Доставивме решение за денационализација и најважно од сѐ, имотните листови во однос на семејното земјиште се од Преспа, каде што се занимаваат со одгледување јаболка. Тој продавал на сите пазари, во Македонија и Србија. Не е доволно да речете дека е без производи“.
Бизнисмените Ардијан Амзовски и Силјан Мицевски во својство на оштетени странки пред судот во случајот „Меѓународен сојуз“, каде што и сведочеа, си ги бараат парите што ги дале за изградба на старски домови. На рочиштето на кое се даваат завршни зборови во нивно име зборуваа адвокати што добија полномоштво да ги застапуваат.
„Се приклучувам кон кривичниот прогон, пред јавувам отштетно побарување. Пред јавувам и трошоци“, рече Маја Дојчиновска, адвокатка на Силјан Мицевски, кој е управител на „Пелистер“.
И адвокатката за која судијката рече дека е полномошник на Ардијан Амзовски најави дека си бараат отштета од обвинетите.
„Како полномошник на Ардијан Амзовски, останувам кон истакнатото побарување како и кон обвинителниот акт. Пред јавувам трошоци во постапката“, рече адвокатката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

