Македонија
Ковачевски: Со отстранувањето на линданот од ОХИС ги решаваме наследените еколошки проблеми
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, со шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир, и со Микела Телатин, шеф на канцеларијата на УНОПС за нашата земја, присуствуваше на настан со што се означи крајот на подготвителните работи за исполнување на сите безбедносни стандарди по што ќе почне отстранувањето на линданот од малата депонија во ОХИС.
Ковачевски во обраќањето на настанот истакна дека изминатиот период беа безбедно отстранети и уништени огромни количини екстремно опасни хемикалии, кои со децении беа складирани во кругот на ОХИС, а кои претставуваа еколошка закана.
Ковачевски нагласи дека реализацијата на овој крупен проект се оствари во соработка на Владата на Северна Македонија со Владата на Норвешка и со две агенции на Обединетите нации – Организацијата за индустриски развој (УНИДО) и Канцеларијата за проектни услуги (УНОПС), како и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, која издвои 2,5 милиона евра од ИПА 3-програмата конкретно за комплетирање на процесот на ремедијација на малата депонија.
„Главна цел на овие подготовки е максимална безбедност при отстранувањето на опасните хемикалии складирани повеќе десетици години во малата депонија во поранешниот индустриски комплекс ОХИС. На тој начин се овозможи реализацијата на проектот ‘Отстранување на техничките и економските бариери за почнување на решавањето на повеќегодишниот проблем со техничкиот отпад линдан и неговите изомери, депониран во кругот на фабриката’, потенцира премиерот Ковачевски и додаде дека Владата продолжува одлучно, заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање, да ги решава и елиминира наследените еколошки проблеми.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, во своето обраќање информира дека се преземени сите највисоки мерки според пропишаните стандарди за да се избегне какво било разнесување на опасниот материјал што ќе се ископа од малата депонија и дека се преземени сите мерки за максимална заштита на средината.
„Ние во Министерството за животна средина особено сме посветени на почитување на сите еколошки и безбедносни стандарди. Од тие причини елиминацијата на сите жешки точки на територијата на нашата земја на еколошки безбеден и соодветен начин е високо на листата на нашите приоритети. На ОХИС како жешка точка број еден во земјата гледаме како на историски проблем на чие решавање посветуваме многу внимание и енергија, а кој целосно ќе биде решен“, рече министерот Нуредини.
Шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија Дејвид Гир, истакна задоволство што ЕУ даде свој придонес за чистење на малата депонија.
„Рехабилитацијата на локацијата на ОХИС во рамките на проектот ‘ЕУ за чист воздух’ е уште еден практичен израз на нашата непоколеблива посветеност кон Европскиот зелен договор и здравствените и социо-економските придобивки што ќе ги донесе и во Северна Македонија“, рече Гир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

