Економија
НБРМ: Последните случувања во Украина значат нагорен ризик за инфлацијата
Засега непроменета каматна стапка, продолжуваме со реоценувањето, а идните промени се условени од макроекономските показатели. Ваков е заклучокот од редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше заклучено дека последните случувања во Украина значително го менуваат глобалниот економски контекст и влијаат врз домашната економија. Тие во основа значат нагорен ризик за инфлацијата, а надолен ризик за економскиот раст. Од една страна, видливи се ефектите врз инфлацијата, а од друга, веќе се извесни ризиците за забавување на побарувачката поради зголемена неизвесност, воздржаност на домашните субјекти и намалена побарувачка од нашите трговски партнери. Во околности кога инфлацијата претежно е предизвикана од надворешни фактори на понудата, а ризиците за економскиот раст (побарувачката) се надолни, беше одлучено основната каматна стапка засега да остане иста, на нивото од 1,25 %, и да се понуди непроменет износ на благајнички записи од 10 милијарди денари. Тековната монетарна поставеност го поддржува кредитирањето на компаниите и граѓаните, односно обезбедува поддршка за натамошно закрепнување на економијата.
Сепак, ќе продолжиме со реоценување на поставеноста на монетарната политика имајќи ги предвид најновите информации за конфликтот, како и фискалните мерки и последиците од нив врз домашната економија. Всушност, веќе е почнат новиот циклус на макроекономски проекции, во чии рамки ќе се направи сеопфатно реоценување на поставеноста на монетарната политика. Доколку се оцени дека е потребно, централната банка ќе реагира и побргу.
Во однос на инфлацијата во домашната економија, има нагорни ценовни движења, како и во сите земји во моментот. Така, во првите два месеца од 2022 година остварена е просечна годишна стапка на инфлација од 7,1 отсто. Забрзувањето на инфлацијата е главно одраз на растот на светските цени на примарните производи (храна и енергија), но и општо на увозните цени. Ова доаѓа до израз особено во економиите што зависат од увоз, односно каде што значителен дел од потрошувачката е увезен, како што е случајот и со нашата економија, како една од трговски најотворените економии во регионот. Најновите проекции на ЕЦБ за инфлацијата во ЕУ, како наш најзначаен увозен партнер, како и нагорните ревизии на светските цени на енергентите и на храната, упатуваат на повисока инфлација во однос на проектираната според есенските проекции и кај нас оваа година, а потоа постепено намалување в година. Исто така, се следат и домашните фактори, особено состојбите на пазарот на труд и нивното можно влијание во претстојниот период. Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена во согласност со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата и актуелните геополитички тензии. Народната банка внимателно ги следи сите промени и доколку растот на цените е од продолжен карактер и ако се забележат поизразени притисоци од побарувачката и позначително влијание врз инфлациските очекувања, таа е подготвена за соодветна реакција со сите инструменти со кои располага.
Нивото на девизните резерви и анализата на показателите за нивната соодветност покажува дека тие и понатаму се во сигурната зона. Неизвесниот амбиент, поради појавата на новите надворешни шокови, но и неоснованите шпекулации во јавноста во врска со стабилноста на девизниот курс, имаат неповолни влијанија врз побарувачката за девизи во економијата. Стабилноста на девизниот курс е загарантирана и не треба да се доведува во прашање. Во овој контекст, на седницата на Комитетот беа разгледани промените во валутната структура на штедењето, како и однесувањето на субјектите на девизниот и на менувачкиот пазар. Притоа беше заклучено дека одредени целни мерки, како што е промената во задолжителната резерва, може да се употребат како реакција на ваквите тенденции.
Во однос на движењата во реалната економија, во четвртиот квартал од 2021 година реалниот БДП бележи раст од 2,3 % на годишна основа, кој е поумерен во однос на очекувањата според октомвриската проекција. Со овие остварувања продолжи натамошниот раст на домашната економија, но побавно, во услови на ширење на петтиот бран од пандемијата поврзан со сојот омикрон, нарушувањата на глобалните синџири на снабдување и појавата на првите ефекти од нарушувањата на пазарот на енергија. Гледано за целата 2021 година, економијата бележи реален раст од 4 %, што е во рамките на очекувањата од октомвриската проекција на Народната банка (3,9 %). Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2022 година се делумни и недоволни за согледување на состојбите во целина, а оцената е дополнително отежната и поради кризата во Украина. Податоците за јануари покажуваат натамошен реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, како и мал раст на индустриското производство на годишна основ, по падот во претходниот квартал. Имајќи ги предвид најновите геополитички случувања, ризиците за проекцијата на растот и економските изгледи за оваа година се во надолна насока.
Солидните движења во монетарниот сектор продолжија и во февруари. Според првичните податоци, во февруари 2022 година кредитите и депозитите бележат солидни стапки на годишен раст. Растот на кредитирањето на корпоративниот сектор забрзува, при што и понатаму е поизразен во однос на кредитирањето на населението.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 се значително нагласени од ескалацијата на геополитичките тензии и од нивните потенцијални ефекти, пред сѐ, врз глобалниот раст на цените, но и врз трговските текови и побарувачката, што налага внимателно следење на состојбите. Народната банка продолжува со внимателното следење на движењата, ризиците и промените на глобалните и на домашните услови и е подготвена за соодветна реакција преку расположливиот инструментариум.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска во Прага: Македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка. Во состав на делегацијата учествуваа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа. Во рамки на работната посета беше остварена билатерална средба со Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
Во рамки на посетата, делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.
Економија
Царина со грант од Јужна Кореја ја унапредува контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит
Царинска управа се етаблира како лидер на Балканот со напреден Систем за анализа на ризик и податочен склад имплементиран со грант од Република Кореја во висина од 4,75 милиони долари кој ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија.
Системот овозможува унапредување на контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит, како клучно во сузбивање на сивата економија, разобличување на криминалот, заштита на финансиските интереси и полнење на Буџетот, како и олеснување и забрзување на легалната трговија.
Воедно, во случај цените на стоките да се пониски од берзанските, царинските службеници ќе добијат аларм за можна царинска измама. Ќе се овозможи и подобра детекција на профили со висок ризик во воздушниот сообраќај.
Ова беа клучните пораки на денешниот церемонијален настан на кој директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, заедно со генералниот директор на Корејска Царинска Служба, Ли Мјонг Ку го промовираа системот. Системот беше промовиран со одржување на состанок на највисоко ниво и во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, државниот секретар Андриана Матлиоска и амбасадорот на Република Кореја, Ким Донг Бе, по кој директорите на македонска и корејска Царина одржаа прес-конференција.
„Само годинава заклучно октомври, вкупната трговска размена изнесува 18 милијарди долари, што кажува за тежината на секојдневната работа на Царинската управа во олеснување на трговијата, при истовремено спречување на обидите за криминал. Овој систем ни е од исклучителна важност бидејќи со истиот се овозможува унапредување на анализата на ризик и подобра селекција и концентрираност на контролите на високоризични пратки, со што се овозможува олеснување и забрзување на легалната трговија. Сите податоци за целиот увоз, извоз, транзит, податоците за акцизна стока, целокупната евиденција на заплени, прекршочни и кривични пријави се интегрирани во Системот каде истите се анализираат со поддршка на напредна вештачка интелигенција. Воедно истиот обезбедува податоци за пратки чии вредности се различни од берзанските цени, но и чии вредности се под просечните согласно анализата на вредноста на целокупниот увоз, со што ги алармира царинските службеници за проверка на контејнерите со вакви пратки, се со цел да се спречат можни обиди за царинска измама“, истакна директорот Николовски на прес-конференцијата.
Воедно, како што истакнува Николовски се овозможува подобрување на квалитетот на податоците кои понатаму ќе бидат предмет на анализи и креирање мерки за подобрување на трговските политики како клучни за забрзување на растот на економијата.
Директорот на корејската Царина, Ли, вели дека најважно и уверен е во истото, системот ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија. Тоа не само што ќе придонесе државата да ја зацврсти својата позиција како лидер на Балканот со напреден царинско административен систем, туку и ќе биде инспиративен пример за силна царинска соработка и пријателство.
„Патот на овој проект до денешната церемонија на пуштање во употреба не би бил можен без посветеноста и блиското партнерство меѓу владите на Република Кореја и РС Македонија. Преку континуирана комуникација и соработка меѓу нашите две земји, денес тој конечно дава конкретни резултати. Од 2008 година, Царинската служба на Кореја го воведе нашиот систем за електронско царинење UNIPASS во 16 земји, со вкупна вредност од 329,37 милиони американски долари. Овој ODA проект во вредност од 4,75 милиони американски долари (6,1 милијарди корејски вони) за РС Македонија има особено значење, бидејќи претставува прво воспоставување на системот за електронско царинење на Царинската служба на Република Кореја во целиот европски регион. Воспоставен е интегриран информациски ресурс и систем за управување со ризици, со цел подобрување на оперативната ефикасност и обезбедување непречен проток на стоки во РС Македонија“, истакна директорот Ли.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.

