Свет
Бајден го нарече Путин „воен злосторник“
Американскиот претседател Џо Бајден денеска го нарече својот руски колега Владимир Путин „воен злосторник“ поради неговата крвава инвазија на соседна Украина.
„Мислам дека тој е воен злосторник“, им рече Бајден на новинарите.
Претходно денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека САД „напорно работат“ за да утврдат дали руските сили намерно гаѓаат цивили.
Украина побара од Хаг да ја испита Русија за воени злосторства.
JUST IN: President Biden calls Russian President Vladimir Putin a war criminal for the first time, a notable shift for him and his administration https://t.co/x8KfohP493
— CNN Politics (@CNNPolitics) March 16, 2022
Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки рече дека Бајден „зборува од срце“ откако видел слики на телевизија од „варварските постапки на бруталниот диктатор преку неговата инвазија на странска земја“.
Пред три недели Путин нареди голема инвазија на Украина, велејќи дека Русија сака да присили на разоружување на украинската армија и да ја собори прозападната влада.
Украинската армија, поддржана од голем проток на западно оружје, возврати, во голема мера одложувајќи го напредокот на Русија.
Руските трупи сè повеќе се свртуваат кон бомбардирање цивили, што доведе до тоа три милиони Украинци да станат бегалци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан со предупредување: Додека нема нафта, нема пари за Украина
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Будимпешта нема да поддржи финансиска помош за Украина додека не се обнови снабдувањето со нафта преку нафтоводот „Дружба“, пренесува Анадолија.
Орбан изјави дека Украина, иако технички подготвена за нафтоводот, ги прекинала испораките за Унгарија од политички причини. Тој нагласи дека неговата влада нема да се согласи на таков пристап.
„Додека нафтата не тече низ „Дружба“, нема да има пари за Украина“, рече тој преку социјалната мрежа Икс. Тој исто така предупреди дека, без активирање на стратешките резерви, цените на горивата би можеле да достигнат 1.000 форинти (околу 2,64 евра) за литар веќе следната недела.
Орбан истакна дека Унгарија нема да дозволи да биде ставена во неповолна положба и потсети дека Будимпешта веќе ги прекина испораките на дизел за Украина и го информираше Брисел дека е подготвена да блокира пакет помош вреден 90 милијарди евра. Тој повтори дека Унгарија се залага за мир, а не за ескалација и дека нема да поддржи економска помош сè додека не се нормализира транзитот на нафта.
Транспортот на нафта до Унгарија и Словачка беше прекинат на 27 јануари по нападот врз „Дружба“. Владите во Будимпешта и Братислава го обвинија Киев за политичка злоупотреба на ситуацијата и спречување на продолжување на испораките. Како одговор, двете земји го прекинаа извозот на дизел гориво во Украина.
Во исто време, министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел не успеаја да се договорат за 20-тиот пакет санкции против Русија. Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, го оцени тоа како чекор назад, но рече дека разговорите со Унгарија и Словачка продолжуваат со цел да се постигне договор.
Свет
Жена избодена до смрт на гробиштата во Виена: уапсена 14-годишна девојка
65-годишна жена е пронајдена мртва со повеќекратни убодни рани во виенскиот округ Пенцинг доцна во понеделникот попладне. Безживотното тело е откриено на гробиштата Баумгартен околу 17:30 часот од страна на случаен минувач. Полицијата уапси 14-годишно девојче под сомнение за убиство, објавува „Хојте“.
Полицијата и брзата помош веднаш пристигнале на местото на настанот, но за 65-годишната жена било предоцна. „Обидот за реанимација не успеа“, изјави портпаролот на полицијата Филип Хаслингер за агенцијата АПА на местото на настанот. Веднаш е започната истрага.
Истрагата брзо ги одвела истражителите од Покраинската канцеларија за кривични истраги до 14-годишно девојче во кое полицијата се посомнева поради нејзиното однесување. Девојчето живеело во непосредна близина на гробиштата, каде што се верува дека е убиена жената. Се верува дека жртвата е избрана по случаен избор.
Тинејџерката е уапсена на нејзината домашна адреса и моментално е во притвор. Таму, истражителите запленија нож, за кој се сомнева дека е оружјето употребено во злосторството, како и облека поврзана со убиството. Таа се смета за главна осомничена, но сè уште не е познато дали е испрашана.
Полицијата сè уште не објави детали за идентитетот на жртвата или осомничената. Гробиштата беа затворени за јавноста до 21 часот, а имаше силно полициско присуство. Екипата на местото на злосторството работеше доцна во ноќта и истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Свет
Макрон: Војната во Украина е стратешки, воен и економски неуспех на Русија
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, оцени дека војната во Украина, која трае веќе четири години, претставува „троен неуспех“ на Русија – воен, економски и стратешки.
„Четири години Европа се буди со звукот на руските бомби во Украина. Четири години агресивна војна избрана од Русија, со очигледно непочитување на меѓународното право, суверенитетот на народите и човечките животи. Четири години погодени градови, уништени училишта и болници, енергетска инфраструктура методично насочена кон туркање на семејствата во студ и терор. Четири години, 15.000 убиени украински цивили. Четири години уништени животи, насилство, силување, тортура, воени злосторства и терор. Четири години, илјадници украински деца оттргнати од нивната земја и нивните семејства. Но, четири години Украина цврсто стоеше и се спротивставуваше“, рече Маркон на социјалната мрежа Икс, објави „Фигаро“.
Макрон додаде дека Украина е „првата линија на одбрана на Европа“ и потврди дека Франција и европските земји цврсто стојат зад неа.
„Исто така, ќе продолжиме да ја таргетираме руската воена економија: ќе останеме на курсот на санкции и ќе продолжиме со нашите акции против „флотата на духови“. До оние кои мислат дека можат да сметаат на нашиот замор: грешат. Ние сме и ќе останеме со Украина“, нагласи францускиот претседател, објави Танјуг.

