Свет
Столтенберг: Ако Москва нападне сојузник, тоа ќе предизвика реакција на целото НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера беше во посета на Германија, каде што се сретна со канцеларот на Германија, Олаф Шолц, на разговори за војната во Украина и заедничкиот одговор на кризата.
Столтенберг за време на посетата разговараше и за германските медиуми и објасни дека НАТО ќе продолжи да ѝ дава поддршка на Украина преку воени и финансиски аспекти.
„Ја зголемивме нашата воена и финансиска поддршка за Украина. Германија игра клучна улога во овие напори. Исто така, има невидени санкции што ја засегаат Руската Федерација, која мора да плати висока цена за оваа војна“, рече Столтенберг.
Тој исто така појасни дека НАТО ѝ даваше поддршка на Украина во минатото, особено во форма на воена обука што се спроведува во Украина од 2014 година.
„Сето тоа им помогна на украинските војници против инвазијата на руската армија“, истакнува Столтенберг.
Како и во претходните две недели Столтенберг мораше да одговори на прашањето дали НАТО планира да ги исполни желбите на Зеленски за затворање на небото или евентуално поконкретни акции на силите на НАТО на украинска територија.
„Навистина ја разбирам фрустрацијата на претседателот Зеленски и на украинскиот народ. Тие се жртви на бруталната и бесмислена инвазија на трупите на претседателот Владимир Путин. Сепак, конфликтот не смее да ескалира подалеку од Украина и затоа НАТО нема да интервенира“, изјави генералниот секретар на НАТО.
Со цел да се зголеми безбедноста на земјите членки на НАТО, Столтенберг објаснува дека дополнителни контингенти на армијата се распоредени на источните граници на алијансата.
„Ова е многу јасен сигнал до Москва дека нападот врз сојузникот ќе предизвика реакција на целата алијанса. Сите за еден и еден за сите. Сакаме да избегнеме понатамошен конфликт“, заклучи Столтенберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Фајненшл тајмс“: Зеленски можно е оваа недела да го посети Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп може да го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела, објави новинарот на „Фајненшл тајмс“, Кристофер Милер, повикувајќи се на три извори.
Според Милер, средбата би можела да се одржи во петок, на 17 октомври, но други детали засега не се познати.
Двајцата лидери последен пат се сретнаа во септември за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а во последните денови имале два телефонски разговора, меѓу другото и за можната испорака на американски крстосувачки ракети „Томахок“ на Украина.
Паралелно, украинската делегација предводена од премиерката Јулија Свириденко започнува недела на преговори со американските претставници во Вашингтон.
Свет
Скандал во Индија: Талибански министер не ги повикал новинарките на прес-конференција

Талибанскиот министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки, предизвика бурни реакции во Индија откако на својата прва прес-конференција во Делхи не ги повикал жените новинарки.
Настанот, на кој присуствувале околу 16 новинари, но ниту една жена, предизвика остри реакции од индиските медиумски организации и опозициски политичари. Тие го оценија инцидентот како „отворена родова дискриминација“.
Под притисок на јавноста, Мутаки следниот ден одржа нова, „инклузивна“ прес-конференција, каде изјави дека исклучувањето на жените било „техничка грешка“.
„Настанот беше организиран во краток рок и поканите беа испратени на ограничен список новинари, без никаква друга намера“, рече тој.
Мутаки моментално престојува во Индија на разговори со претставници од Русија и индиската влада, со цел јакнење на дипломатските врски.
Иако се обиде да ги оправда ограничувањата на жените во Авганистан, индиските новинари остро го прашаа зошто девојчињата таму веќе четири години немаат пристап до образование.
Свет
Лавров ги демантира гласините за труење на Башар ал-Асад

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги отфрли наводите дека Москва наводно се обидела да го отруе поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, кој доби политички азил во Русија.
Како што објави руското издание Info24, Лавров на средба со претставници на арапските медиуми изјавил дека поранешниот сириски лидер и неговото семејство се наоѓаат во Москва „исклучиво од хуманитарни причини“.
„Тие беа изложени на закани со физичко насилство, па руските власти им овозможија азил. Асад нема никакви здравствени проблеми во нашата престолнина. Труење не се случило, а сите што ги шират тие гласини – нека останат со својата совест,“ изјавил Лавров.
Башар ал-Асад беше претседател на Сирија од 2000 година, а земјата ја напушти откако минатиот декември сириските бунтовнички сили влегоа во главниот град Дамаск.