Македонија
Владата на Република Северна Македонија: Лицата со попреченост се ослободени од партиципација за студирање

На иницијатива на Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Владата на Република Северна Македонија донесе уредба за правата на лицата со попреченост и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање.
Со оваа уредба Владата овозможи сите лица со попреченост запишани на прв, втор и на трет циклус студии на јавните високообразовни установи да бидат ослободени од партиципација.
Оваа уредба им овозможува на лицата со попреченост да ги остварат сопствените потенцијали и личен развој на еднаква основа со сите други граѓани да бидат вклучени во високообразовните процеси, а за образовните институции е поттик да ги приспособат условите и програмите за образование за овие наши сограѓани.
На тој начин лицата со попреченост развиваат компетенции во согласност со сопствените преференции и стануваат конкурентни на пазарот на трудот.
Со оваа уредба, освен сите лица со попреченост, од партиципација за студирање се ослободуваат и лицата со статус на деца без родители и родителска грижа, невработените родители на деца и лицата со статус воени инвалиди.
За остварување на ова право, подносителот доставува барање со наод и мислење од Службата за функционална процена на деца и млади при ЈЗУ Здравствен дом – Скопје по основите на Меѓународната класификација на функционалноста (МКФ) како нов модел произлезен од реформата што ја спроведе Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, со која се исклучува досегашниот медицински модел на категоризирање наспроти процената на функционалните можности и капацитети на лицата со попреченост.
Во согласност со чл. 24 од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, сите лица со попреченост имаат право на образование без исклучување и дискриминација, со цел за максимален развој на човековиот потенцијал.
До донесувањето на оваа уредба право на ослободување на партиципација имаа само некои категории лица со попреченост, што практично ги ставаше другите во подредена позиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.