Македонија
Министрите Спасовски и Хојс потпишаа имплементациски протокол за борба против трговијата со луѓе
Денеска, во Клубот на пратениците, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерот за внатрешни работи на Република Словенија, Алеш Хојс, потпишаа имплементациски протокол помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Словенија за борбата против трговијата со луѓе.
Овој билатерален документ е еден од повеќето што во изминатиот период беа потпишани, чија примарна цел ќе биде соработката во превенцијата на трговија со луѓе и сите форми на злоупотреба на деца. Со овој имплементациски протокол се предвидува и спроведување заеднички проекти за подигнување на свеста на јавноста за превенција во областа на сузбивање на трговијата со луѓе.
Министерот Спасовски истакна дека како и во изминатите години, ефикасното управување со границите и миграциите и спречувањето на илегалната миграција по должината на таканаречената западнобалканска рута останува како еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи, притоа нагласи дека граничното управување во голем степен е усогласено со европските стандарди во делот на граничната безбедност.
Од страна на словенечкиот министер за внатрешни работи, Алеш Хојс, беше пренесена целосната поддршка и помош од Словенија за нашиот реформски пат кон целосно интегрирање во ЕУ, а беше повторена и заедничката заложба за поддршка и соработка во областите на заеднички обуки, борбата против трговијата со луѓе и злоупотреба на деца кои се жртви на трговија со луѓе, како и за соработка во подобрување на капацитетите за управување со границите и миграциитe.
„Словенија е токму една од оние земји што 30 години ја поддржуваат Република Северна Македонија на нејзиниот европски пат, една од земјите што навистина работат на тоа да се зачлените во ЕУ и гласно зборуваме во европските институции за тоа. Потпишувањето на овој имплементацискиот протокол за борбата против трговија со луѓе е само надградба на една исклучителна соработка на два народа, кои постојано покажуваат дека можеме да живееме во соживот, да разменуваме трговски добра, да живееме братски. Во однос на соработката на подрачјето на министерствата за внатрешни работи, таа соработка е одлична, а вашите информации што ги добиваме со размена на податоци не се само важни за нас, туку и за целата ЕУ. Благодарност за сѐ што направивте во текот на првиот мигрантски бран во 2016-2017 година“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Милошоски – Клајн: Поддршка од Унгарија кон нашите ЕУ интеграции
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, оствари работна средба со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клајн, придружуван од заменик-шефот на Мисијата, Атила Фодор.
Во разговорот беа потенцирани одличните билатерални односи на нашата земја со Унгарија, засновани на меѓусебна доверба, почит и соработка. Посебен акцент беше ставен на економската и политичката соработка помеѓу државите, како и реализацијата на заеднички проекти.
Амбасадорот Клајн ја истакна поддршката на Унгарија кон нашите ЕУ интеграции, истакнувајќи ја важноста на членството во ЕУ на земјите од Западен Балкан кон стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет на Регионот.
Македонија
Превентивно повлечени одредени серии „Аптамил“ формули за доенчиња, соопшти АХВ
Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека, врз основа на информации добиени преку европскиот Систем за брзо предупредување за храна и храна за животни (RASFF), спроведено е превентивно повлекување од пазарот на одредени серии формули за доенчиња од брендот „Аптамил“.
Направена е итна инспекциска контрола кај увозникот на производите, од кој АХВ доби и официјално известување дека од пазарот веќе се повлечени производи опфатени со нотификациите и дека е извршено и нивно отповикување. Повлекувањето се однесува на ограничен број серии кај кои постои можност за присуство на цереулид.
„Производи опфатени со повлекувањето:
· APTAMIL AR 2
Сериски број (лот) Рок на употреба
20250924 / 111492248 24.09.2026
20251106 / 111505015 06.11.2026
· APTAMIL PRONUTRA 2
Сериски број (лот) Рок на употреба
20250619 / 111450979 19.06.2026
20260720 / 111470149 20.07.2026
20260922 / 111494041 22.09.2026
20261027 / 111509436 27.10.2026
20261130 / 111518857 30.11.2026
20261219 / 111526365 19.12.2026
20270121 / 111539141 21.01.2027
· APTAMIL PRONUTRA 1
Сериски број (лот) Рок на употреба
20260722 / 111473082 22.07.2026
20260904 / 111489543 04.09.2026
20261014 / 111504828 14.10.2026
20261126 / 111519122 26.11.2026
АХВ со апел потрошувачите кои имаат купено од наведените производи со дефинираните сериски броеви и рокови на употреба, истите да не ги користат, нештетно да ги уништат, или да ги вратат на местото од каде се купени.
Македонија
Владата го утврди Предлог-Законот за Советот на јавните обвинители, соопшти Министерството за правда
Владата на денешната седница на предлог на Министерството за правда го утврди Законот за Советот на јавни обвинители.
Овој закон, како што е соопштено, претставува значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.
„Клучни измени во Предлог-законот:
Детално уредена постапка за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот.
Засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието.
Зајакната транспарентност на работата на Советот, преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на лични податоци, угледот на странките и други легитимни интереси.
Воведување прецизни и јасни критериуми за избор на членови на Советот, со кои се гарантира стручност, искуство и интегритет, по пример на новиот Закон за Судскиот совет.
Детално уредена постапка за разрешување на член на Советот, со прецизирани рокови и јасни критериуми“.
Од министерството информираат дека Предлог-законот, заедно со Предлог-законот за Јавното обвинителство, добија заедничко позитивно мислење Венецијанската комисија.

