Македонија
(Видео) Тренчевска: Жените и мажите треба да имаат еднаков глас во граѓанскиот и политичкиот живот
Концептот на еднакви можности е еден од клучните приоритети на Владата, што значи дека жените и мажите треба да имаат еднакви права и еднаков глас во граѓанскиот и политичкиот живот. Ова е концептот со кој нашата земја беше и се уште е призната како лидер во регионот, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во обраќањето на 66. седница на Комисијата за статусот на жените на ОН во Њујорк.
Тренчевска во својот говор ги обележа достигнувањата и предизвиците во оваа област, за кои како што рече, се главна мотивација и фокус во понатамошното работење.
„ Мора постојано да го имаме предвид фактот дека климатските промени не се родово неутрални и имаат силни родово базирани димензии. Сакам да го изразам моето огромно задоволство што нашата земја ја препозна важноста на ова прашање и стана една од првите во регионот што започна со вакви активности. Имено, почнавме како прва земја во регионот која номинираше родова фокална точка на UNFCC и за само 5 години лесно можеме да потврдиме дека се приближуваме кон постигнувањето на нашата прва цел, развој на родово одговорни акции за климатски промени и политики за родова еднаквост со климатска отпорност“, рече министерката Тренчевска.
Таа ја истакна силната решителност и поддршката за создавање поодржлива иднина за сите, што значи, преземање амбициозни климатски акции, препознавање и воведување на социјална правда и справување со родовата различност. Исто така посочи дека во рамките на тој процес Министерството за труд и социјална политика во тесна соработка со партнерите, систематски ги анализираше родово базираните разлики и ранливости во секторите поврзани со климата.
„ Го започнавме процесот на градење на институционалните капацитети за вкрстување на родовата еднаквост и климатските промени, ги развивме македонските индикатори за родот и климатските промени во националните стратешки документи и ја воведовме климатските промени како посебна стратешка област во новата Стратегија за родова еднаквост 2021-2026 година. Исто така го воведовме и концептот на родова еднаквост во Долгорочната стратегија за климатска акција и Законот за климатска акција. Почнувајќи речиси од нула, денес можеме да кажеме дека успеавме да воспоставиме повеќе од солидна основа и засадивме дрвца за родова еднаквост за намалување на емисиите на стакленички гасови“, рече министерката Тренчевска.
Министерката Тренчевска изрази уверување дека Република Северна Македонија се согласува со изјавата на Европската Унија и најостро ја осудува воената агресија врз Украина, изразувајќи солидарност со украинскиот народ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

