Македонија
Карванот за информирање и вакцинација против Ковид-19 почна од Шуто Оризари, опфатени се 14 локални заедници
Министерот за здравство, Беким Сали, амбасадорката на САД, Кејт Брнз, претставници од СЗО и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, ја посетија првата од 14-те локални заедници, каде што ќе помине карванот за вакцинација против Ковид-19 во следните две недели. Карванот ќе патува низ целата држава за да им ги приближи информациите за вакцините и самите вакцини на граѓаните од избраните локални заедници.
![]()
„Уште еднаш сакам да потенцирам дека одлуката за вакцинирање не треба да се одложува. Како држава обезбедуваме доволно количини вакцини, кои се сигурни и безбедни и им се достапни на сите граѓани во државата. Сите заинтересирани граѓани може да се вакцинираат на 14-те локации од организираниот карван, а секој работен ден и во најблискиот здравствен дом. Вакцините се побезбеден начин за развивање имунитет кон Ковид-19 отколку заразување со вирусот и докажано нудат посигурна заштита од природниот имунитет. Исто така, вакцинирањето е многу важно во контекст на олабавување на заштитните превентивни мерки – колку повеќе луѓе се вакцинираат, толку ќе бидеме подобро заштитени како заедница“, изјави министерот за здравство, Беким Сали.

Со вакцини против Ковид-19 досега безбедно се вакцинираа милијарди луѓе во светот. Сите вакцини поминуваат низ ригорозни проверки и независни процени, со цел да се осигури нивната безбедност и делотворност.
„Јас се вакцинирав против Ковид-19 затоа што вакцините се безбедни и ефикасни. Научните факти јасно докажуваат. Како што рече министерот, пандемијата не е завршена и мора да продолжиме да го комунираме ова. Затоа ми е многу драго што сме партнери на овој проект. Овој карван не само што ќе помогне да ги донесеме вакцините во заедниците, поблиску до луѓето на кои им се потребни, на најраниливите и на оние што се во поголем ризик, туку ќе ги направи попристапни и информациите што им се потребни“, рече амбасадорката на САД, Кејт Брнз.

Омикрон-сојот навидум предизвикува полесни симптоми во споредба со делта, особено кај оние што се вакцинирани, но не треба да се потценува. Луѓето заразени со омикрон може да завршат во болница, а има и смртни случаи. Се очекува дека луѓето што биле заразени исто така може да развијат т.н. долг Ковид. Бустер-дозите може да обезбедат континуирана заштита од тешка форма на болеста Ковид-19 и од смрт, како и да помогнат луѓето да развијат максимална заштита од сите варијанти на вирусот познати во моментот.
„Најголемиот број лица што се хоспитализирани или умираат поради Ковид-19 се невакцинирани или нецелосно вакцинирани – за овие лица Ковид-19 останува болест опасна за животот. Со овој карван сакаме да допреме до луѓето, да ги обезбедиме информациите што им се потребни, да ги слушнат од луѓе на кои им веруваат и да се погрижиме вакцините против Ковид-19 да бидат лесно достапни. Зошто да го ризикувате својот живот кога се потребни само неколку минути за да си го спасите? Вакцинирајте се кога карванот ќе дојде во вашата заедница“, рече д-р Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО Европа за Северна Македонија и шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје.
![]()
Пандемијата е далеку од завршена. Ова значи продолжување на мерките за јавно здравје и лична заштита за кои знаеме дека функционираат, вклучително и вакцинација против Ковид-19. Вакцините се направени да спречат тешка болест и смрт и тие се многу ефикасни во тоа.
„Настаните како овој ни помагаат да ги доближиме вакцините и информациите за нив до локалните заедници. Вакцините се од суштествено значење во спасувањето животи. Тие се безбедни и делотворни и значително го намалуваат ризикот од тешка форма на болест и смрт. Вакцинирајте се за да се заштитите себеси, децата и вашите заедници. Примете и бустер-доза за да обезбедите континуирана заштита од сите варијанти на вирусот“, рече Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во Северна Македонија.
Освен настаните организирани како дел од карванот, граѓаните исто така може да се вакцинираат во најблискиот здравствен дом секој работен ден од 8 до 14 часот. Вакциналниот пункт во Поликлиниката „Букурешт“ во Скопје е отворен до 20 часот од понеделник до петок.
Министерството за здравство го почна карванот против Ковид-19 со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ). Во продолжение следува листата со точно време и локации што ќе бидат посетени во државата:
21 март, 11-15 ч – плоштадот во Шуто Оризари
22 март, 12-16 ч – плоштадот во Кратово
23 март, 12-16 ч – плоштадот во Радовиш
24 март, 12-16 ч – плоштадот во Струмица
25 март, 12-16 ч – пазарот во Ново Село (Струмица)
26 март, 11-15 ч – Скопје, ТЦ „Ист гејт“
27 март, 11-15 ч – плоштадот во Куманово
28 март, 12-16 ч – општина Липково, паркингот во село Матејче
29 март, 12-16 ч – поштата во Арачиново
30 март, 12-16 ч – општина Чучер Сандево, ОЈУ Партизански дом во село Сандево
31 март, 12-16 ч – Зелениково, основно училиште „Марко Цепенков“
1 април, 12-16 ч – општина Врапчиште, Центарот за култура во село Неготино
2 април, 11-15 ч – Кичево, Центарот за култура
3 април, 11-15 ч – Струга, новото шеталиште
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

