Спорт
Македонија на два чекори од мундијалски рај: Потребно е чудо за да ја елиминираме Италија, но…
Топспорт во Палермо,
Никола Ѓуровски
Фудбалската репрезентација на Македонија е пред најголемиот предизвик во историјата. Се наоѓа на само два чекори до пласман на Светското првенство, меѓу европската елита која се бори за мундијалска виза.
Прв ривал е европскиот првак Италија. Овде во Палермо добро ги знаат Александар Трајковски и Илија Несторовски и потајно стравуваат од изгледот на новата Италија на Роберто Манчини.
„Аѕурите“ го освоија Европското првенство, но потоа имаа лоша низа на крајот од квалификациите, па испуштија директен пласман на мундијалот. Никој не знае како ќе реагира сега тимот на Манчини, посебно што тој има големи проблеми со одбраната.
Ќе ги нема искусните Леонардо Бонучи и Џорџо Кјелини како стоперски тандем, туку улогата ќе им биде доверена на Бастони и на Мансини. А тие никогаш не играле заедно за националниот тим на Италија. Посебно не во еден вака важен меч.
На голот ќе биде Џанлуиџи Донарума, а на десната бековска позиција Флоренци или Де Шилјо. Левата бековска позиција му е доверена на Емерсон.

Силата на Италија е во средниот ред. Таму „царуваат“ Жоргињо од Челси, Николо Барела од Интер и Марко Верати од ПСЖ. Уметници, виртуози со топката.
Во нападот на Манчини се планирани Чиро Имобиле, Лоренцо Инсиње и Доменико Берарди.
Езгјан Алиоски верува во успех, иако потенцира дека на Македонија ќе и биде потребно чудо за да ја елиминира Италија во Палермо.
„Италија е европски првак, ќе игра на домашен терен, а Македонија првпат е дел од еден ваков бараж за Светско првенство. Никој до пред неколку години и не веруваше дека можеме да стигнеме до овде. Но, сега сме на два чекори од нова историја и ќе дадеме се од себе за нов успех. Би бил рамен на чудо, но во фудбалот се случуваат и чуда. Јас сум жив пример, ме избркаа од Јанг Бојс како прекуброен, а потоа со Лидс Јунајтед играв во Премиер – лигата“, вели Алиоски.
Натпреварот меѓу Италија и Македонија се игра утревечер, со почеток во 20.45 часот, на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Крај на сезоната за Конор Бредли
Фудбалерот на Ливерпул, Конор Бредли, ја завеши сезоната, по повредата со која се здоби во четвртотокот, против Арсенал (0:0). Дефанзивецот ќе мора да го оперира повреденото колено на левата нога, објави денес шампионот на Англија.
„Бредли заработи повреда на коленото во последните минути од натпреварот од Премиер лигата на гостински терен против Арсенал во четвртокот навечер. Бредли ќе биде опериран во наредните денови, а потоа ќе започне период на рехабилитација. Во оваа фаза од процесот, не е одреден временски рок за негово враќање во игра“, се вели во соопштението на Ливерпул.
Англиските медиуми објавија дека сезоната е завршена за 22-годишниот десен бек.
Потврдата за сериозноста на повредата на Бредли дојде по инцидентот во судиското продолжение. Напаѓачот на Арсенал, Габриел Мартинели, го турна дефанзивецот додека тој лежеше повреден на теренот, непосредно пред да биде изнесен на носилки.
На Мартинели му беше покажан жолт картон од судијата Ентони Тејлор, а потегот на бразилскиот крилен напаѓач беше жестоко критикуван од јавноста и предизвика гнев кај играчите на Ливерпул.
Подоцна кога дозна за сериозноста на повредата на ривалот, Мартинели јавно се извини за непримерниот гест.
Спорт
(Видео) Баерн против Волфсбург броеше до осум
Како што се очекуваше, фудбалерите на Баерн го победија тимот на Волфсбург во последниот натпревар од 16-то коло на Бундеслигата. Баварците го декласираа ривалот со 8:1.
Баварците воспоставија контрола од првата минута, имаа многу поголем посед на топката, но гостите од Долна Саксонија беа подеднакво опасни во првото полувреме пред голот на Мануел Нојер.
Баерн поведе многу рано со автогол на Килијан Фишер, но Волците брзо возвратија преку Џенан Пејчиновиќ, талентиран 20-годишен германски фудбалер по потекло од Црна Гора.
По половина час игра, Луис Дијаз, на асистенција на Олисе, повторно го доведе домашниот тим во водство, а во второто полувреме, баварската машина едноставно ги здроби гостите, Мајкл Олисе (двапати), уште еден автогол (Мориц Јенц), Рафаел Гереро, Хари Кејн и Леон Горецка донесоа повеќе од убедлив триумф.
Со оваа победа, Баерн ја зголеми својата предност на табелата, откако второпласираната Борусија Дортмунд освои само бод во Франкфурт против Ајнтрахт во петокот (3:3), додека Баер Леверкузен беше неочекувано убедливо поразен пред своите навивачи против Штутгарт (1:4).
Баварците сега имаат 44 бода, 11 повеќе од тимот од Дортмунд на второто место на табелата.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Брајтон го елиминира Манчестер Јунајтед од ФА купот
Манчестер Јунајтед нема победа од натпреварот со Њукасл на крајот од 2025 година. Рубен Аморим беше отпуштен од менаџерската позиција, но тоа не ги смени работите на „Олд Трафпрд“.
Под водство на привремениот менаџер, Дарен Флечер, одиграа нерешено 2:2 во Барнли, кај претпоследниот тим во Премиер лигата, а вечерва „црвените ѓаволи“ беа елиминирани од ФА Купот.
Натпреварот на „Олд Трафорд“ заврши со резултат 1:2 (0:1), што значи дека Брајтон се пласира во четвртото коло од најстарото фудбалско натпреварување во светот.
Несомнено е дека играч на натпреваротбеше Брајан Груда. 21-годишникот му донесе водство на Брајтон во 12-та, а учествуваше и во решавачкиот гол, бидејќи му асистираше на 35-годишниот Дани Велбек, поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед.
Бенјамин Шешко по корнерот што го изведе Португалецот Бруно Фернандеш во 85-тата минута само успеа да го намали резултатот.
Наредната сабота, Јунајтед во дербито ќе го пречека Манчестер Сити.

