Македонија
Арсовска: Град Скопје почнува со реализација на европски проект за реупотреба на градежен отпад
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска го потпиша договорот за почеток на реализацијата на европскиот проекот Re-Construct, за креирање и пилотирање екосистем за имплементација на циркуларен модел за справување со градежен отпад.
„Со помош на овој пилот проект за прв пат некоја единица на локална самоуправа ќе го отвори прашањето со третирањето на градежниот отпад и шут од рушење, изнаоѓање на начини за негова иновативна пренамена и негова повторна употреба. Главната цел е да се зголемат и подобрат капацитетите на Град Скопје за транзиција кон циркуларна економија и одржлива реупотреба на градежен отпад преку идентификација на диви депонии, нивно следење и интервенции за справување со градежен отпад“, изјави Арсовска на потпишувањето.
Потенцираше дека со имплементацијата на овој проект се зголемува подготвеноста на градската администрација и јавните претпријатија за имплементирање на иновативни решенија за управување со градежен шут, што практично е почнување на процесот и подготвеноста за транзиција кон циркуларна економија, а истовремено се пренесуваат знаења, искуства и позитивни примери од успешни ЕУ региони во насока на градење капацитети.
Од таму посочуваат дека со реализација на овој проект, Град Скопје ќе добие развиен циркуларен модел за управување со градежен отпад преку вклучување на сите засегнати страни, ќе се намали бројот на диви депонии, а ќе обезбеди и трајно решавање на проблемот со диви депонии.
„Градот Скопје изминатиов период интензивно работеше на чистење на дивите депонии, а периодов работи на чистење на диви депонии и на приватни имоти. Исто така, со проектот Градот Скопје ќе добие и развиена апликација за следење и мапирање на диви депонии, како и комплетна дата база на податоци за диви депонии, чија подготовка е веќе во тек. Со реализацијата на овој проект ќе се зголеми рециклирањето на градежен отпад на територија на градот, ќе биде поставена оперативна механизација за преработка на градежниот отпад, а ќе бидат обучени 30 технички лица за управување со механизација за преработка на градежен отпад, 20 градежници за реупотреба на градежен отпад, а ќе биде изготвен и прирачник за реупотреба на материјали и градежен шут“, потенцираат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

