Свет
Најблискиот сојузник на Путин: Колапсот на Русија ќе доведе до голема нуклеарна експлозија

Еден од најблиските сојузници на претседателот Владимир Путин денеска ги предупреди САД дека светот може да се сврти кон нуклеарна дистопија доколку Вашингтон продолжи со, како што Кремљ го нарекува, долгорочен заговор за уништување на Русија.
Дмитриј Медведев, кој беше руски претседател од 2008 до 2012 година, а сега е заменик-секретар на рускиот Совет за безбедност, рече дека САД направиле заговор и сакаат да ја уништат Русија како дел од примитивната игра.
„Тоа значи дека Русија мора да биде понижена, ограничена, скршена, поделена и уништена“, рече Медведев.
Тој рече дека Кремљ никогаш нема да дозволи Русија да биде уништена, но го предупреди Вашингтон дека доколку го постигне она што го опиша како деструктивни цели, светот може да се соочи со дистописка криза, која ќе заврши со голема нуклеарна експлозија.
Уништувањето на најголемата земја во светот по површина, рече Медведев, може да доведе до нестабилно раководство во Москва, „со максимален број нуклеарни оружја насочени кон цели во САД и Европа“.
Тој додаде дека колапсот на Русија ќе доведе до шест земји вооружени со нуклеарно оружје во Евроазија, предводени од „лудаци, фанатици и радикали“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан вели дека светот е побезбедно место по средбата меѓу Трамп и Путин

Светот е побезбедно место по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Со години гледавме како двете најголеми нуклеарни сили ја елиминираат рамката на нивната соработка и си испраќаат пораки едни на други“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој додаде дека сега таа практика е завршена.
„Светот денеска е побезбедно место отколку што беше вчера“, рече Орбан.
Светските лидери денес реагираа на самитот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин, а како што објавија медиумите, реакциите беа поделени – некои го критикуваа недостатокот на конкретни резултати, додека други ја нагласија важноста на самиот дијалог.
Свет
Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала кон Украина

Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала и една балистичка ракета кон територијата на Украина, објавија утринава украинските воздухопловни сили.
Нападите во текот на ноќта беа насочени кон области на линијата на фронтот во регионите Суми, Доњецк, Чернигов и Дњепропетровск, објавија воздухопловните сили на каналот Телеграм.
Оттаму, исто така, наведуваат дека нивните единици за противвоздушна одбрана уништиле 61 беспилотно летало.
Главниот штаб на украинските вооружени сили објави во својот дневен утрински извештај дека во текот на изминатите 24 часа на линијата на фронтот имало 139 судири со непријателот.
Од друга страна, руските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта пресретнале и уништиле 29 украински дронови над различни руски региони, вклучувајќи 10 беспилотни летала над Ростовскиот регион, објавија утринава руските медиуми, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, по нивната вчерашна средба во Алјаска, не споменаа ништо за потенцијален прекин на огнот во војната во Украина.
Свет
Зеленски во понеделник ќе отпатува за Вашингтон на разговори со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделник ќе отпатува за Вашингтон на разговори со американскиот претседател Доналд Трамп, објави Зеленски на Телеграм по денешниот телефонски разговор со Трамп, јави ДПА.
Зеленски рече дека претходно телчефонски разговарал со Трамп повеќе од час и половина, откако американскиот претседател синоќа се сретна со рускиот лидер Владимир Путин во Алјаска.
„Во понеделник ќе разговараме за сите детали во врска со завршувањето на убиствата и војната“, рече Зеленски, додавајќи дека е „благодарен за поканата“