Македонија
На Клиниката за ортопедија за една недела направени три трансплантации на коскени ткива
На Клиниката за ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ, минатата недела успешно се направени три имплантации на коскени ткива од починат донор кај пациенти со различни заболувања. Кај 16-годишна девојка со повреда здобиена при спортски натпревар, д-р Алан Андоновски направи успешна реконструкција на предниот вкрстен лигамент со лигамент од починат донор.
Кај 49-годишен пациент повреден при пад од 13 метри, во септември 2020 година, кој бил опериран во повеќе наврати и кај кој се настанати компликации, д-р Александар Савески со коскено ткиво од починат донатор направи премостување на несраснатиот дел на фрактурата.
Третата трансплантација е кај 27-годишен пациент со малигна болест- Јуинг сарком. Откако го отстрани заболен дел на коската, д-р Резарат Далипи го замени со здраво коскено ткиво од починат донор.
За период од една година колку што Клиниката за ортопедија е вклучена во Програмата за трансплантација на органи и ткива на Министерството за здравство, направени се пет експантации и 14 имплантации на коскени ткива кај пациенти со сериозни болести предизвикани од трауматски повреди или од малигна болест и со тоа е отворено ново поглавје во трансплантациската медицина во ортопедијата. За многу пациенти особено на тие со малигна болест, добивањето здраво коскено ткиво од починат донор значи можност за нов и подобар живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес студено утро, преку ден сончево со мала облачност
Времето денеска наутро ќе биде ведро и многу студено, а преку ден ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -11 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени Целзиусови.
И во Скопје студено време во утринските часови, а преку денот сончево со мала облачност и тивко. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Македонија
СДСМ избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денес ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Со тоа ќе стане извесно кој се’ ќе ги носи клучните одлуки во опозициската партија која в година повторно ќе треба да се соочи со гласачите на локалните избори
Социјалдемократите известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.
Македонија
Лашкоска: Обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот, Андон Сарамандов, се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.