Македонија
Централниот совет на Демократскиот сојуз: Поддршка на проектот за една изборна единица

Централниот совет на Демократскиот сојуз,на вчерашната седница расправаше за актуелните политички состојби, како и соработката со СДСМ и другите партии од владината коалиција .
На седницата беше изразена целосна поддршка на проектот за измени на Изборниот законик, со кои се предвидува Македонија да биде една изборна единица, што е долгогодишна определба на Демократскиот сојуз и претставува еден од клучните предуслови за натамошна соработка со парламентарните партии.
Централниот совет се заложи за афирмација и донесување на другите предлог-проекти на Демократскиот сојуз, како што е законот за преиспитување на политички монтираните судски процеси, како и проектите поврзани со засилување на институционална борба против тешките облици на криминал и висока корупција, формирање на посебен фонд за поддршка на младите итн.
Централниот совет на Демократскиот сојуз расправаше и за актуелните состојби и случувања предизвикани од руската воена агресија врз Украина и даде целосна поддршка на Владата за солидарноста и помошта на народот на Украина вклучително и преземање хуманитарни акции и прифаќање бегалци од оваа земја.
Како членка на НАТО и кандидат за членство во Европската унија, Македонија има обврска и интерес да биде дел од прогресивните сили во Европа и да се залага за зачувување на територијалниот интегритет и сувренетитет на државите и почитување на меѓународното право.
Централниот совет изрази загриженост во врска со најавата на првиот човек на Државниот завод за статистика за можна недоверба во резултатите од пописот, која би можела да предизвика политички и меѓуетнички тензии во Македонија.
Демократскиот сојуз сугерира оваа статистичка операција и резултатите да бидат реален одраз на состојбите и истите да не се објавуваат пред да се проверат.
На седницата беше искажано незадоволство од соработката на локално ниво со СДСМ, како и преиспитување на натамошната соработка.
Ви благодариме на соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски да предложи нови кадровски решенија, одењето на Таравари значи паѓање на уште една маска

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на која се дискутираше за актуелната економска и политичка состојба во државата
Во рамки на седницата, Извршниот комитет го овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да предложи нови кадровски решенија на позициите што досега ѝ припаѓаа на Алијансата за Албанците, по одлуката на Арбен Таравари да ја напушти владината коалиција.
Овој чекор на Таравари беше оценето дека претставува уште еден доказ дека групата на заштитници на криминалот и корупцијата добива нови редови. „Уште една маска падна, уште една илузија беше разоткриена“, пишува во соопштението.
„На политичката сцена се појави нов, добро координиран марионетски квартет: СДС, Алијанса, ДУИ и Левица – различни имиња, но ист газда. Различни маски, но ист сценарист. ДУИ со години инвестираше во создавање на лажни политички конкуренти кои всушност се негови продолжени раце. Така ги добивме СДС и Алијансата на Таравари – партии со речиси идентичен рејтинг, подготвени да бидат потрошени во функција на обидот за враќање на ДУИ на власт. И како што е случај со секоја потрошна роба, така и овие ќе бидат фрлени на политички отпад кога ќе ја завршат својата задача“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, жално е што токму ваквите политички привезоци најдобро се снаоѓаат во улога на сервилни помошници – без став, без визија, без достоинство.
„Но, да биде јасно: државата не оди во провалија. Од провалијата ја вадиме. А тоа што ги боли е фактот што веќе нема амнестии, нема рекети, нема наместени тендери. Боли што правдата конечно тропа на нивната врата. На крајот, нека викаат колку сакаат. СДС, ДУИ и нивните политички вазали веќе се осудени – од граѓаните на изборите. А вистинскиот суд – оној на правдата – допрва доаѓа“, се наведува во соопштението.
Македонија
Викендов дожд со температури под просекот за овој период од годината

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени, информира УХРМ.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Во четврток кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд. Температурите ќе бидат под просекот за овој период од годината.
Македонија
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе добие Факултет за медицина

Владата ја разгледа и усвои информацијата за потреба за основање на Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
„Формирањето на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола претставува стратешка неопходност за унапредување на здравственото образование особено во Пелагонискиот и Југозападниот регион на Република Северна Македонија“, велат од Владата.
Новоформираниот факултет ќе има задача да биде правен наследник на Високата медицинска школа, каде освен тригодишни студии ќе може да се акредитираат четиригодишни студиски програми по медицински сестри и акушерки.
Од Владата велат дека имајќи го предвид фактот дека е потребно време да се испочитуваат мислењата од сите надлежни институции, како на пример да се разгледа проектот за основање на Факултетот за медицински науки и здравство како единица во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од страна на Одборот за акредитација на високото образование, да се донесе закон за основање, и да се испочитува членот 149 од Законот, каде е наведено дека запишувањето на студии се врши врз основа на јавен конкурс кој го објавува универзитетот, односно самостојната висока стручна школа кој ги реализира студиите најмалку пет месеци пред започнувањето на наставата, Министерството за образование и наука предложи Факултетот за медицински науки и здравство да отпочне со работа од студиската 2026/2027 година, а во меѓувреме да се завршат сите постапки согласно Законот за високо образование.