Македонија
ИДСЦС спроведе симулациска вежба за поплави во општина Кавадарци
Институт за демократија во соработка со Општина Кавадарци, на 17 март 2022 година спроведе симулациска вежба за опасност од поплави. За време на вежбата, симулирана беше хипотетичка поплава по обилни врнежи проследени со невреме, зголемен водостој на реките Црна Река и Луда Мара и контролирано испуштање/неконтролирано прелевање на водите од акумулациите „Тиквешко Езеро“ и „Моклишко Езеро – Градот“, придружено со топење на снегот во планините од нивното сливно подрачје.
Претставници на Општината, заедно со подрачните единици на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за јавно здравје, Министерството за внатрешни работи, Противпожарната служба, јавните претпријатија „Комуналец“ и „Национални шуми“, директно учествуваа и носеа одлуки во согласност со своите надлежности имајќи ги притоа предвид нивните моментни капацитети, ресурси, можности и способности.
Сценариото за вежбата опфати период од приближно седум дена пред и за време на обилните врнежи и топење на снегот до триесет дена по прекинот на врнежите и намалување на водостоите во речните корита и акумулациските езера.
Поздравни обраќања дадоа Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија, Митко Јанчев, градоначалникот на општина Кавадарци, и амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.
Трошановски истакна дека преку проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините“ општините развиваат стратешки и акциски планови и процедури што ќе им помогнат да превенираат и да бидат подготвени кога ќе се случат несреќи за да се намали штетата за општината, државата и за граѓаните.
„Симулациите на мерки од плановите за справување со разни типови на катастрофи се многу важни бидејќи тие не се само вежбање на процедурите што сме ги усвоиле, туку се и процеси на учење и подобрување бидејќи преку самата симулација се увидуваат некои пропусти што во теоретскиот дел претходно не сме можеле секогаш идеално да ги согледаме“, рече Трошановски.
Јанчев потенцира дека целта на симулациската вежба е практично да ги утврди поставеноста, начините на одлучување, нивото на координација, нивото на материјалните капацитети и практичните предизвици на општината при управување на ризици од несреќи и катастрофи.
„Јас сум убеден дека ваквите проекти се од големо значење за секој град, секоја општина, а стратешките планови се најдобрата основа за нивна безбедноста во справување со каква било несакана ситуација“, рече Јанчев.
Амбасадорката Галовеј смета дека ваквите вежби помагаат да се идентификуваат силните страни, но и предизвиците со кои може да се соочиме, но и ни помагаат да научиме како можеме да го подобриме нашиот одговор на кризи на индивидуално и колективно ниво.
„Ефективната координација помеѓу националните и локалните власти е од клучно значење за овој процес. Локалната отпорност и подготвеност се клучни за заштита на луѓето кога се случуваат кризи, но се исто така важни за идниот развој и одржување на животната заедница“, смета Галовеј.
Вежбата придонесе да се откријат и скриените недостатоци на системот и да се изнајдат начини тие да се надминат. Со вежбата се утврди дека можностите на штабот да дискутира и да бара решенија се ограничени, постои различно ниво на познавање на тематиката и недостигаат обуки. Учесниците на вежбата се сложија дека вежбите се одличен начин да се зајакнат капацитетите на субјектите за подготвеност и одговор преку отворена дискусија.
Симулациската вежба „Кавадарци – поплава 2022“ се спроведе како дел од проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“, кој е финансиран од владата на Обединето Кралство, со поддршка на британската амбасада Скопје, а е имплементиран од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

