Македонија
„Дојдовме до напредок во врска со прашањата за историските личности“, најави бугарскиот премиер Петков

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и бугарскиот премиер Кирил Петков имаат заеднички став дека во почнување на преговорите на Македонија со ЕУ ќе се се намали можноста за нестабилност во регионот. Додека Ковачевски вели дека нема конкретен документ за кој може да се разговара во рамките на институциите, Петков упати порака до историската комисија: „Имам добри вести, некои работи, кои беа тешко да се надминат, сега има реална можност за надминување“.
„Во врска со политичките прашања, министерствата за надворешни работи работат. Тие се на ниво на размена на документи. Уште нема конечен документ за кој сме договорени. Штом се случи тоа, ќе го споделиме со релевантните институции во двете земји. Потенцирав дека проширувањето на ЕУ во суштина станува безбедносна политика и дека застојот во овој процес создава дополнителна нестабилност за регионот затоа што има неколку негативни тенденции, создава простор за влијание од трети страни. Одложувањето на пристапниот процес кон ЕУ за земјите од регионот создава дилеми што може да резултираат со намалување на довербата кај граѓаните во ЕУ. Историската комисија работи независно. На нашиот состанок тука во Софија истакнаа дека ќе ја забрзаат работата и штом дојдат до заклучоци, ќе ја споделат со другите“, рече Ковачевски.
Петков, пак, смета дека по кризата во Украина и војната што ја почна Русија, Западен Балкан мора да биде стабилен.
„Со Димитар работиме многу координирано и со фокусирани распореди и временски рамки, си поставивме неколку одредници, кои мора да бидат остварени. Северна Македонија припаѓа во семејството на ЕУ што е можно побргу. Нашата влада сака да го постигне овој резултат. Имаме неколку одредници, како што се заштитата на правата на малцинствата. Во блиска координација сме со европските партнери, кои служат како трета страна во преговорите. Очекуваме специфичен јазик на кој заедно ќе работиме во преговорите. Се надевам дека ќе го постигнеме резултатот. Историски, многу е подобрен нашиот однос во последните три месеци. Имаме заедничка цел. Комисијата за историски прашања ме извести за некои важни историски личности и нивниот третман. Ќе ви дадам некои детали. Дојдовме до напредок по тие прашања за историските личности на многу конструктивен начин. Тоа отвора можност за забрзување на нашите преговори. Секако, прво, ќе ми треба да добијам од моите партнери целосен извештај од Комисијата, па штом го добиеме тоа, ќе оди бргу“, Петков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нов сообраќаен режим за еднонасочен сообраќај на улицата Белградска

Изминатиов викенд екипи на ЈП Улици и патишта Скопје на улица „Белградска“ ја поставија новата вертикалната сигнализација за еднонасочен сообраќај.
На оваа сообраќајница во насока од булевар „Мајка Тереза“ кон улица „Димче Мирчев“ согласно основен сообраќаен проект воведен е нов сообраќаен режим за еднонасочен сообраќај.
ЈП Улици и патишта Скопје апелира до учесниците во сообраќајот да го почитуваат новото сообраќајно решение на оваа сообраќајница.
Македонија
Објавени добитниците на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, на својата последна седница донесе одлука за доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година.
Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Добитници на наградата во областа на културата и уметноста за 2025 година се: актерот Гоце Тодоровски, писателот за деца и возрасни Александар Кујунџиски, поетот, романсиер, драмски писател и новинар
Братислав Ташковски и писателот акад. Божин Павловски.
Свеченото врачување на наградите ќе се одржи на 23 октомври 2025 година (четврток), во 12:00 часот, во Собранието на Република Северна Македонија.
Македонија
По 61 година, учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.