Европа
Роман Абрамович и украински преговарачи имаaт симптоми на труење, објави „Волстрит журнал“
Рускиот бизнисмен Роман Абрамович и украински мировни преговарачи имаат симптоми на труење откако се сретнале во Киев претходно овој месец, пишува „Волстрит журнал“ (The Wall Street Journal).
WSJ за оваа информација се повикува на блиски луѓе до двете страни.
По состанокот во главниот град на Украина, Абрамович, кој патувал меѓу Москва, Лавов и други преговорачки места, како и најмалку двајца високи членови на украинскиот преговарачки тим, развиле симптоми како вцрвенети очи, постојано и болно солзење и лупење на кожата на лицето и рацете, пренесува WSJ.
Приказната за симптоми на труење кај неколку луѓе ја потврдува и Bellingcat, холандско здружение на истражувачки новинари, специјализирано за факчекинг.
„Bellingcat може да потврди дека тројца членови на делегацијата што учествуваше на мировните преговори меѓу Украина и Русија ноќта меѓу 3 и 4 март 2022 година, почувствувале симптоми на труење со хемиско оружје. Една од жртвите е рускиот бизнисмен Роман Абрамович“, напишаа тие.
За Абрамович веќе се споменуваше дека учествувал во мировните преговори како посредник меѓу завојуваните страни. Тој, наводно, лично ја пренел пораката што Зеленски му ја испратил на Путин.
Абрамович, како и повеќето олигарси, заврши под санкции.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, како што беше соопштено пред пет дена, во телефонски разговор побарал од американскиот колега Џо Бајден да не воведува санкции за рускиот бизнисмен бидејќи тој може да се покаже како корисен посредник во мировните преговори со Москва, пишува „Волстрит журнал“.
Како резултат на тоа, Белата куќа го уверила Министерството за финансии да не продолжува со плановите за воведување санкции за Абрамовиќ, велат извори запознаени со ситуацијата.
Истите извори наведуваат дека Бајден се консултирал со Зеленски за голем број санкции, вклучително и за Абрамович.
Како што пишува WSJ, за труењето се обвинуваат тврдокорните струи во Москва кои сакале да ги поткопаат мировните преговори.
Абрамович и украинските преговарачи наводно се опоравуваат и нивните животи не се во опасност.
Извор близок до бизнисменот изјавил дека не е јасно која била целта, а западните експерти кои го истражуваат инцидентот велат дека е тешко да се утврди дали симптомите се предизвикани од хемиски или биолошки агенс или некој вид на напад со електромагнетно зрачење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Во Киев се урива споменик кој ја слави блискоста меѓу Русија и Украина
Властите на Киев во вторникот почнаа да го отстрануваат споменикот од советската ера што ја означува врската меѓу Русија и Украина, повеќе од две години откако Москва започна инвазија врз Украина.
Неколку дена ќе бидат потребни за целосно уривање на споменикот од црвен гранит, кој се состои од дваесетина поединечни елементи, соопшти градската управа.
Тоа е всушност група статуи кои прикажуваат украински Козаци кои го опкружуваат лидерот Богдан Хмелницки и московскиот амбасадор.
Статуите ќе бидат префрлени во воздухопловниот музеј.
Споменикот е изграден во 1982 година за да го одбележи „обединувањето на украинскиот народ со братскиот руски народ“ во 1654 година, кога Хмелницки склучил сојуз со рускиот император во борбата против полско-литванскиот сојуз.
Советските историски книги го романтизираа како почеток на нераскинливо пријателство меѓу Украина и Русија.
Европа
Белоруските спортисти одат на Олимписките игри, Лукашенко: Победете ги противниците
Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска им порача на белоруските спортисти кои учествуваат на Олимписките игри во Париз под неутрален статус „да ги победат своите противници“.
„Ако сте избрале и одите таму под неутрален статус, истепајте ги, покажете им дека сте вистински Белоруси“, рече Лукашенко во соопштението за печатот на претседателството.
За време на посетата на регионот Могилев во Белорусија, жителите го прашале Александар Лукашенко што мисли за ова учество под неутрален статус, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на белоруското претседателство.
„Спортистот треба да избере. Доколку одлучи да учествува на Олимписките игри, ќе биде уште пожесток. Затоа што разбирате дека состојбата на умот и гневот не се од мала важност во спортот“, реагира Лукашенко. „Вие сте Белорусија и кога ќе излезете како победници, тоа е добар начин политички да ги удрите во лице“.
Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, ги искорени сите форми на опозиција во неговата земја, потиснувајќи мирно масовно движење во 2020 година. Тој е навикнат и на широки изјави и испади, како на пример кога парадираше со калашников во раката пред демонстрантите кои се противат на неговото владеење, нарекувајќи ги „стаорци“. Во февруари 2022 година, тој ја отвори Белорусија за руската армија за да може да ја нападне Украина од север.
Белорусија беше исклучена како земја од Игрите поради нејзината поддршка за руската инвазија на Украина, а нејзините спортисти се натпреваруваат под неутрален статус, без химна, знаме или национални обележја.
Европа
(Видео) Полицијата го бркаше убиецот со меч низ Лондон, објавена е снимка
Би-би-си објави снимка на која се гледа лондонската полиција која го брка напаѓачот со нож, кој денеска уби 13-годишно момче и повреди неколку други.
На снимката се слушаат полицајците како им викаат на граѓаните: „Заклучете ги вратите“.
Полицијата смета дека не се работи за терористички напад.
Полицајците уапсија маж вооружен со меч по извештаите за сериозен инцидент со прободување во североисточен Лондон.
Со електрошокер бил совладан 36-годишниот маж кој мавтал со меч.
„Со голема тага можам да потврдам дека 13-годишното момче кое беше избодено, почина во болница набргу откако му биле нанесени убодите“, изјави началникот на лондонската полиција Стјуарт Бел.
Уште две лица и двајца полицајци се во болница поради убодни рани и се надвор од животна опасност.
„Не мислиме дека постои закана за пошироката заедница, полицијата не бара други осомничени и се чини дека овој инцидент не е поврзан со тероризам“, рече Бел.