Европа
Објавени детали за состојбата на Абрамович: Неколку часа бил без вид, му се лупела кожата

Портпаролот на рускиот бизнисмен и милијардер Роман Абрамович потврди дека се сомневаат оти Абрамович бил отруен за време на преговорите меѓу Украина и Русија.
Труењето, сметаат тие, се случило во Киев претходно овој месец. Со директно е потврдена сторијата објавена од „Волстрит журнал“ (WSJ) претходно денеска.
WSJ пишува дека наводно зад труењето стојат тврдокорни струи во Москва на кои крајот на војната не им оди во прилог.
Портпаролот на Абрамович не кажа ништо во таа насока, само потврди дека постои сомневање за труење.
Рускиот бизнисмен почнал да се чувствува лошо на почетокот на март додека учествувал на неформалните мировни преговори во Киев, изјавил извор за „Гардијан“.
Во преговорите учествувал и украинскиот пратеник Рустем Умеров, а мажите од Украина заминале во Полска, а потоа одлетале за Истанбул, каде што им била укажана лекарска помош.
„Тоа беше за време на неговото прво патување во Киев. Роман го загуби видот на неколку часа. Во Турција беа лекувани на клиника, заедно со Рустем“, објснил изворот на „Гардијан“.
По состанокот во главниот град на Украина, Абрамович, кој патувал меѓу Москва, Лавов и други места за преговори, како и најмалку двајца високи членови на украинскиот преговарачки тим, развиле симптоми како вцрвенети очи, постојано и болно солзење и лупење на кожата на лицето и рацете, објави WSJ.
Изјавите на изворот на „Гардијан“ се согласуваат со тврдењата за потенцијално труење кои први ги објавија американскиот весник и списанието за истражувачко новинарство Bellingcat.
„Bellingcat може да потврди дека тројца членови на делегацијата што учествувала на мировните преговори меѓу Украина и Русија ноќта меѓу 3 и 4 март 2022 година, почувствувале симптоми на труење соодветни на употреба на хемиско оружје. Една од жртвите бил и рускиот бизнисмен Роман Абрамович“, пишува Bellingcat.
Од таму додаваат дека дека ваквите симптоми вклучуваат воспаление на очите и кожата, односно продорна болка во очите.
„Тројцата мажи кои почувствувале симптоми консумирале само чоколадо и вода, неколку часови пред да се појават симптомите. Четвртиот член од тимот кој консумирал вода и чоколадо немал симптоми”, пишува Bellingcat.
„Врз основа на далечински и увиди на самото место, експертите заклучиле дека симптомите најверојатно се резултат на труење со неидентификувано хемиско оружје“, додаваат од таму.
Состојбата на Абрамович се подобрила и тој подоцна се вратил во Киев за да учествува во уште една рунда разговори, посочил изворот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Фото+видео) Опасна бура во Словенија: паѓаше град со големина на јајце, издадено портокалово предупредување

Словенија е погодена од силни бури придружени со силни налети на ветер, поројни дождови и град.
Сообраќајот во земјата е забавен, а Агенцијата за заштита на животната средина издаде портокалово предупредување за целата територија.
Од агенцијата посочуваат дека поради дождот може да дојде до задржување на вода и зголемување на реките.
На објавите на социјалните мрежи се гледа дека паѓал град со големина на јајце.
Според објавите и коментарите, најлошото било околу Шемпетер во долината Савиња.
Како што јавува ТВ Словенија, во текот на вечерта бурата постепено ќе ослабне , најдоцна на истокот од земјата.
Бура пристигнува и во Хрватска
Силна бурна ќелија, која пристигна преку брегот од Италија, се движи кон внатрешноста на Хрватска, придружена со врнежи од дожд, силни налети на ветер и локален град.
Водна пијавица е снимена над морето во близина на Умаг. Се очекува активноста на бурата дополнително да се интензивира во наредните часови.
Управата за заштита на животната средина издаде портокалова тревога за регионите Риека, Карловац и Загреб поради локално можни грмотевици со привремено силни до бурони ветрови, а можна е и појава на град.
Европа
Колона долга околу 700 километри забележана на автопат во Франција

Колона долга речиси 700 километри е забележана денеска на автопат во Франција, додека вкупната должина на сите колони на патиштата во земјата изнесуваше 1.051,6 километри во време на зголемен сообраќаен интензитет поради летните одмори и смената на туристи, што колоквијално се нарекува „Црна сабота“.
Како што извести BFM TV, сообраќајот на патиштата во Франција дополнително бил забавен поради две сообраќајни несреќи на автопатот кон Медитеранот и Атлантскиот Океан.
Според податоците на Bizon Futé, француската агенција за следење на состојбата на патиштата, до 7 часот утрово колоните биле подолги од 200 километри, а до 10 часот веќе надминале 570 километри.
Како што беше соопштено, гужвите се во согласност со прогнозите на агенцијата, која предупреди на „исклучително тешки сообраќајни услови“ за оваа сабота, а врвот на метежот се очекува околу пладне.
Сообраќајот во правец кон Алпите исто така е интензивен и загушен, со задржувања од час и 45 минути во тунелот Мон Блан во правец кон Италија
Европа
Финска, Норвешка и Шведска под жештина невидена од 1961 година

Земјите од Северна Европа, познати по својата студена клима, се соочуваат со интензивни топлотни бранови, со температури над 30 степени Целзиусови во подолг временски период.
Во норвешкиот дел од Арктичкиот круг, метеоролошките станици регистрирале температури над 30 степени Целзиусови дури 13 дена во јули, додека Финска имала три последователни недели со температури од 30 степени, пишува денес британскиот „Гардијан“.
Според научниците, тоа е најдолгиот период според историските податоци од 1961 година, а трае 50 проценти подолго од претходниот рекорд.
„Топлотниот бран е сè уште во полн ек, со максимални температури денес околу 32-33 степени. Дури и арктичките региони забележаа три недели со температури над 25 степени и може да ги соборат своите августовски температурни рекорди утре“, изјави Мика Рантанен, климатолог во Финскиот метеоролошки институт, во објава на социјалните мрежи.
Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека температури над 30 степени се регистрирани 12 дена во јули во најмалку една станица во трите најсеверни покраини на Норвешка.
Во Шведска, метеоролозите, исто така, регистрираа продолжени топлотни бранови во неколку северни градови, при што метеоролошката станица во Хапаранда регистрираше температури од 25 степени или повеќе 14 дена по ред.
Овие топлотни бранови, кои ја погодија северна Европа кон средината на јули, беа предизвикани од топлите води покрај северниот брег на Норвешка, кои ги покачија температурите во нордиските земји за осум до 10 степени над сезонските норми.
Поради интензивен топлотен бран, лизгалиште на мраз во северна Финска ги отвори вратите за луѓе кои бараат засолниште од жештината, откако локалните болници беа преполни, а сточарите предупредија дека нивните ирваси се на работ на смртта од жештината.