Македонија
МВР: Бонус плата за 5.897 вработени што оствариле прекувремена работа

Денеска, на 5.897 вработени во МВР, кои оствариле над 150 часа прекувремена работа во текот на 2021 година, ќе им биде исплатена бонус платата во поединечен нето-износ од 28.718 денари (463 евра), соопшти МВР.
За оваа намена, како што појаснија, од буџетот на МВР се издвоени 188.167.373 денари, средства што се обезбедени со домаќинско и планско работење. Досега, вклучувајќи ја и бонус платата за 2021 година, исплатени се пет бонус плати со вкупна вредност од 561.773.133 денари, односно 9.060.857 евра.
„По првата исплатена бонус плата во МВР во 2019 година во претходниот мандат на министерот Оливер Спасовски, Министерството за внатрешни работи продолжи со обезбедување средства за исплата на бонус плата и за 2020 година, но и за 2017 и 2018 година и тие им се исплатени на вработените во МВР, а кои овие средства веќе нема да ги бараат преку суд, со што Министерството нема да се изложува на непотребни судски трошоци по тужбите на вработените. Ова раководство на МВР е решено континуирано да го унапредува статусот на полициските службеници и на вработените во МВР како преку драстичното и сеопфатно материјално-техничко и инфраструктурно подобрување на условите за работа така и со спроведувањето на загарантираните права на сите вработени, секогаш имајќи го предвид фактот дека само задоволна полиција претставува ефикасен сервис на граѓаните, работи со полн капацитет и легитимитет и испорачува резултати во активностите за справување со криминалот“, е наведено во писмената информација од страна на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Меѓусебната заштита на Коцевски со СДС и ДУИ е причина за 2% доверба во судството

СДС ги штитат корумпираните обвинители и судии бидејќи им овозможуваат закрила на нивните функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Клиентелизмот на Коцевски е гаранција за заштита и неказнивост на функционерите од СДС и ДУИ.
Поддршката што Коцевски ја доби од Филипче е меѓусебна заштита која ја гуши правдата во државата. Бидејќи доколку падне Коцевски, ќе се отворат врати за истраги како против Филипче така и за останатите функционери од СДС и ДУИ.
СДС со негласањето на интерпелацијата целосно се разголи, и на виделина пред јавноста излезе спрегата помеѓу СДС, ДУИ и Коцевски.
Очигледно е дека СДС и ДУИ стојат зад заштитата на Коцевски, кој за возврат не презема ништо за наводните злоупотреби и сомнежи за висоока корупција како и сомнителни тендери поврзани со Филипче, Заев и Ахмети.
Со одбивањето да ја поддржат интерпелацијата, СДС и ДУИ јасно покажаа кој го поставал Коцевски и кој го одржува на функцијата, јавниот обвинител Коцевски.
Се додека Коцевски е на позицијата, довербата во правосудството ќе биде помала од 2%, а одговорност за криминалите поврзани со СДС и ДУИ нема да има.
Доколку постои грам морална одговорност кај Коцевски, треба да ја препознае пораката од јавноста и да си поднесе оставка.
На Македонија и се неопходни темелни реформи во судството, правосудство растеретено од политички влијанија каде судиите и обвинителите ќе носат одлука врз основа на законите и Уставот а не под влијание на партиските интереси на СДС и ДУИ.
Во Македонија неопходно е правдата да завладее, неопходни се коренити реформи и трансформација на судскиот систем“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Времето денеска сончево со мала до умерена облачност, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.
Попладне ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи.
Минималните температури ќе се движат од 12 до 20, а максималните од 26 до 36 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната дневна ќе достигне 36 степени.
Македонија
Бендевска: Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ

По повод 2 Август – Денот на Републиката, во име на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Весна Бендевска, заедно со собраниска делегација во состав: Бране Петрушевски, Никола Коњановски, Даниела Николова и Даниел Стојчевски, одбележа 81 година од Првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
„На хероите на двата Илиндена кои се жртвуваа за денес да можеме да бидеме свои на своето, да им ветиме уште еднаш дека денешните генерации нема да го заборават заветот што ни го оставија. Да ги насочиме нашите погледи, стремежи и напори од заедничкото минато, кон заедничката сегашност и иднина. Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ“ – порача потпретседателката Бендевска.