Македонија
Џафери: Време е визијата за иднината на Европа да се преточи во дела
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, присуствува на конференцијата на претседатели на парламенти на ЕУ на тема „Европската Унија како гарант за стабилноста, безбедноста и напредокот на регионот и пошироко“.
„Факт е дека стабилноста, безбедноста и просперитетот на Република Северна Македонија во изминатите децении во голема мера се должеа на неизмерната поддршка по разни основи од страна на Европската Унија и нашите меѓународни партнери. Тука би издвоил четири клучни моменти од нашата заедничка историја со Унијата. Првиот момент е воспоставувањето на дипломатските односи во 1995 година, со што се отворија можностите за договорна соработка во повеќе области од заемен интерес, особено соработката што се одвива преку Договорот за стабилизација и асоцијација; вториот момент е вашиот придонес за Охридскиот рамковен договор во 2001 година, со кој денес го славиме соживотот во нашата држава и моментот со кој ја избегнавме судбината што ја искусија поголемиот дел од нашите соседи во регионот; третиот момент е поврзан со вашата директна вклученост во надминувањето на најголемата политичка криза во нашата земја во 2015 година и напорите што ги вложивте за ние повторно да се вратиме на нашиот интеграциски пат; и последниот момент е вашата поткрепа за надминување на отворените прашања со Република Грција и Република Бугарија како дел од предусловите за наше почнување на преговорите за членство со Унијата“, нагласи Џафери во своето обраќање.
Додаде дека за спроведување на обврските што произлегуваат од исходот на овие четири клучни настани Унијата ни доделува оргомни финансиски средства, со цел институциите да може да ги реализираат предвидените реформски активности, а со тоа и граѓаните да ги почувствуваат стандардите што ги уживаат граѓаните на ЕУ.
Како пратеници, додаде Џафери, ја поздравуваме повеќедецениската соработка со Европскиот парламент, особено во рамките на дијалогот „Жан Моне“, кој значително придонесува за унапредување на политичкиот дијалог во нашето Собрание.
„Ние сме посветен партнер на Европската Унија, кој активно придонесува за нејзината безбедност и стабилност, особено во моменти на наплив на бегалци, како што беше кризата во 2015 година.
Република Северна Македонија со години наназад е активен фактор во мировните мисии на ЕУ за справување со кризи демонстрирајќи ја на тој начин својата целосна подготвеност за придонес во критичните региони заедно со колегите од земјите членки на Унијата. Сегашните тектонски поместувања во безбедносната сфера одат во прилог на унапредување на отпорноста на ЕУ и потребата за зајакнување на партнерствата со земјите кандидати. Во тој контекст ја поздравуваме иницијативата за целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во стратешкиот компас и можноста за пристап до Европскиот одбранбен фонд бидејќи сме убедени дека нашата вклученост ќе има директна рефлексија на мирот и безбедност во нашиот регион, а индиректно на мирот и безбедноста на целиот континент“, истакна Џафери.
Апелира за што побрза адаптација на европскиот наратив за проширувањето, со оглед на драстичната актуелна промена на европското безбедносно, економско и енергетско милје и долгорочните последици што тоа ќе ги има врз нашиот континент. „Време е вашата визија за иднината на Европа да се преточи во дела, процесот на проширување да продолжи со поголема динамика и, конечно, да почнат преговорите за членство на Република Северна Македонија и Албанија најбргу што може“, посочи претседателот на македонскиот парламент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.

