Црна хроника
Приведени петмина дрвокрадци во Прилепско, одземени приближно 11 кубни метри дрва
Полициски службеници од Прилеп вчера извршиле засилени контроли на повеќе локации во Прилеп за откривање случаи на бесправно сечење огревни дрва.
Како што информираат од МВР, притоа во повеќе возила биле пронајдени и одземени околу 11 кубни метри огревни дрва, кои ѝ биле предадени на Шумската полиција за понатамошна постапка, а лицата што ги управувале биле лишени од слобода и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
На патниот правец Плетвар – село Царевиц биле затекнати четири патнички возила натоварени со бесправно исечени огревни дрва, и тоа: патничко возило „фолксваген поло“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од В. С. (35) од Прилеп, а сопатник бил Т. Р. (32) од Прилеп, патничко возило „опел астра“, со охридски регистарски ознаки, управувано од В. Р. (45) од Прилеп, патничко возило „сеат толедо“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од Д. Д. (47) од Прилеп, и патничко возило „фолксваген голф“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од А. П. (45) од Прилеп.
На патот кон вештачкото езеро, во близина на селото Дервен, биле пронајдени две оставени возила „лада нива“, од кои едното било натоварено со дрва.
Над манастирот „Св. Ѓорѓи“ биле пронајдени и подигнати бесправно исечени огревни дрва, а на местото наречено Борила и на местото наречено Леково биле пронајдени две, односно четири запрежни коли натоварени со огревни дрва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен скопјанец: бил баран по потерница за издржување казна затвор поради грабнување и силување
Вчера, во 14:20 часот, полициски службеници од Одделот за криминалистички работи – Ѓорче Петров и Одделот за криминалистички работи – Кисела Вода, при СВР Скопје, по издадена судска наредба, го лишија од слобода С.Х. (40) од Скопје.
Лицето било барано по потерница за издржување казна затвор во времетраење од четири години и 10 месеци, поради сторени кривични дела „грабнување“ и „силување“.
По целосно документирање на случајот, лицето ќе биде спроведено во надлежна казнено-поправна установа.
Црна хроника
Претрес во гевгелиско: пронајдена дрога и откриена импровизирана лабораторија
На 17.12.2025 во село Богородица, гевгелиско, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија ги лишија од слобода А.Д.(18) и Д.Д.(52), двајцата од село Богородица.
При претрес на нивниот дом, извршен со судска наредба, пронајдени се повеќе различни пакувања со марихуана, бела прашкаста материја, повеќе шишиња исполнети со течност, дигитални ваги, предмети со остатоци од марихуана, како и други предмети наменети за импровизирана лабораторија за одгледување на марихуана.
Лицата се задржани во Полициската станица Гевгелија и по поднесување на кривична пријава се изведени пред судија од Основен суд Гевгелија, кој им определи мерка домашен притвор.
Црна хроника
Уапсени мажи во гостиварско и Ресен, возеле под дејство на алкохол
Ноќеска во 03:30 часот на патот Тетово – Гостивар, кај наплатна станица Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода А.Р.(62) од Тетово.
При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со тетовски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,90 промили алкохол во крвта, по што веднаш е исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Вчера во 19:04 часот на улица „Корчуланска“ во Ресен, полициски службеници од ОВР Ресен го лишија од слобода Б.М.(34) од село Велестово, охридско. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со охридски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,76 промили алкохол во крвта, по што веднаш е исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настаните, против нив ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.

