Македонија
Апостолоски: Времето на доделување народни пари на политички подобни организации заврши
Советникот за односи со јавноста на Град Скопје, Даниел Апостолоски, на денешната прес-конференција презентира факти во насока на, како што најави, разоткривање на вистината и превенција во ширењето на лажни вести на организации на кои претходното градско раководство 3 години им доделувало парични средства во обид да се политизираат постапката и изборот на проекти и проектни активности во социјалната сфера.
Според него, Црвениот крст со години е партнер на Град Скопје и спроведува летен камп за децата со социјален ризик опфаќајќи ги и децата што биле опфатени со проектот на Арнаудова и нејзиниот сопруг. Партнер на Град Скопје е Црвениот крст, организација со традиција и која креира позитивни промени во државата со децении.
Изминатите денови, вели Апостолоски, биле сведоци на неосновани напади и лични навреди со обиди за политизација во однос на проектот на здружението на Кристина Арнаудова и нејзиниот сопруг, кои повеќе години од институциите од централната и локалната власт испумпувале средства за проекти.
„Одлуките на Град Скопје и сега и во иднина ќе бидат базирани врз оцена на квалитет на сите понудени проекти. Ако тоа било пракса порано да се даваат средства на политички подобни организации, чии основачи се политички фигури кои на овој начин со буџетски средства се самопромовирале, таа пракса престанува со новиот мандат. Фактите за оваа организација говорат дека проектот на Арнаудова и нејзиниот сопруг од Град Скопје во 2019 година добил финансиска поддршка од 250.000 денари, во 2020 година има добиено финансиска поддршка од 250.000 денари, во 2021 година има добиено 200.000 денари за летниот камп. Очигледно овие средства на Град Скопје се давале за активности што веќе се спроведуваат и тоа поцелоопфатно од страна Црвениот крст“, истакна Апостолоски.
Објасни дека организацијата по увид во доставената документација зела средства од 30 компании со финансиски донации, околу 300 донации со производи, како и други органи на државната управа од кои добиле финансиска поддршка, меѓу кои Општина Центар, Агенцијата за млади и спорт и, се разбира, Град Скопје.
„Прејудицирањето дека Градот е обврзан да финансира некоја организација е јасен обид за политизирање, особено имајќи предвид дека Град Скопје подржува проекти на релевантни организации, како Црвениот крст, каде што квалитетот на понудени активности е висок и работат волонтери, но и на над 50-ина други здруженија на граѓани, кои имаат понудено проектни активности во социјалната сфера, а кои од комисијата добиле висока оценка. СДСМ и претходното градско раководство треба да ѝ објасни на јавноста зошто се давале парите на граѓаните на проекти на партиски подобни организации, кои голем дел од средствата ги трошеле на хонорари. Нема да се дозволи СДСМ да врши притисок и хајка со цел парите на граѓаните да се доделуваат на нивни истакнати активисти“, напоменува тој.
Додава дека проектите што ќе се поддржуваат се вреднуваат според квалитетот и влијанието што ги имаат во општеството во социјалната сфера.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.
Македонија
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Тој кажа дека од почетокот тврдел дека евентуалната постапка за негово разрешување е политичка одлука.
Тој предмалку ја соопшти одлуката на прес-конференција во Обвинителството. Коцевски рече дека си заминува од функцијата гордо и со крената глава.
„Функцијата што ја вршев нешто помалку од две години ја извршував чесно и достоинствено, заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава. Доказ за тоа е дека дури денес во 10 часот, на само еден час пред закажаниот почеток, ми беше доставена покана од Собранието да присуствувам на седницата за која ќе се раправа за мое разрешување. Предлогот за мое разрешување не ми е доставен и немам на што да се произнесам“, рече Коцевски.
Тој вели дека е јасно оти предлогот за негово разрешување не е заснован ниту на закон ниту на факти, туку претставува преседан со далекосежни последици врз независноста на Јавното обвинителство.
„Овој предлог како основи за разрешување содржи само три реда, а ниту еден од нив нема образложение или аргументирана поткрепа. Законот е јасен: државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење по предлогот на Владата, како уставно и законски надлежен орган задолжен да ја штити независноста на јавното обвинителство. Оттука, самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана“, вели Коцевски.
Според него, предлогот за негово разрешување е дојден затоа што јавно и отворено зборувал за проблемите во обвинителството.
„Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е заради мое непрофесионално работење. Тоа не е заради недостаток на резултати. Туку затоа што, како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување. Убеден сум дека стојам тука пред вас и затоа што се зафатив со еден навистина значаен и тежок процес – прочистување на редовите на обвинителството. Јас сум првиот државен јавен обвинител кој, по донесувањето на Законот за јавно обвинителство во 2021 година, изврши контрола на работењето на вишите јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, рече Коцевски.

