Македонија
Ковачевски разговараше со Блинкен: За САД итното отворање на преговорите за Северна Македонија со ЕУ е врвен приоритет
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, вечерва оствари телефонски разговор со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен. Ковачевски ја изрази благодарноста на народот и на Владата за поддршката на САД од независноста до денеска, која што е проследена и со одлични билатерални односи.
Ковачевски за стратешкото партнерство со САД рече дека е од суштинско значење, кое е крунисано со поддршката на Вашингтон за нашето членство на НАТО. Членството во алијансата, истакна премиерот Ковачевски во телефонскиот разговор со државниот секретар на САД Блинкен е огромна привилегија и одговорност.
Премиерот Ковачевски ја осуди руската агресија во Украина како неиспровоцирана и како грубо кршење на меѓународното право, ја реафирмира цврстата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и ја поздравија брзата, обединета и решителна реакција на меѓународната заедница.
За време на разговорот Ковачевски и Блинкен изразија задоволство од усогласеноста и ефикасната координација на НАТО и ЕУ во санкционирањето на Русија, како и во организирањето на ефикасна поддршка за Украина кон која се приклучи и Северна Македонија.
Ковачевски ја изрази неговата благодарност до САД за поддршката за Северна Македонија во евроинтегративниот процес и го поздрави апелот на САД дека е потребно негово забрзување со отворање на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија. Ковачевски потенцираше дека нема време за губење и дека секое натамошното одложување може да има сериозни регионални последици и широко да ја отвори вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен од своја страна во разговорот со премиерот Ковачевски потврди дека САД се фокусирани на поддршката за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан.
Со силната поддршка на САД за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија Блинкен ја поздрави новата динамика на дијалогот со Бугарија и изрази надеж дека следува решение за прашањата меѓу двете земjи за време на француското претседателство со ЕУ.
Државниот секретар на САД Ентони Блинкен потенцираше дека поддршката на Вашингтон доаѓа од целосната посветеност на Северна Македонија на вредностите на НАТО, кои земјата ги докажа и во поддршката за Украина којашто е целосно хармонизирана со сите сојузници во НАТО.
Ентони Блинкен во телефонскиот разговор со премиерот Ковачевски потенцираше дека САД и Северна Македонија стратешкото партнерство го издигнаа на ниво на соработка која нè прави незаменливи сојузници во НАТО и во заедничките мисии на Алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницира вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат по што ќе следува и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со Инспекторатот ќе постапи професионално, стручно и транспарентно со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивањето на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.

