Култура
Премиера на македонскиот документарен филм „Како ја дефинираш ароганцијата?“

Документарецот на Небојша Илијевски е филм за последиците од дејствувањето на властите, профитерите, бирократијата врз животите на малите луѓе, но и за спознанието за моќта на тој мал човек, кој е потиснуван од ароганцијата и заробен во своите стравови, мисли, патерни… Ароганцијата на која сме изложени во секојдневните животни борби често придонесува да се загубиме себеси оневозможувајќи си го потребното внимание и свесност за суштината на животот. Ова е темата на долгометражниот документарен филм „Како ја дефинираш ароганцијата?!“ по сценарио и во режија на Небојша Илијевски, кој премиерно ќе биде прикажан утре, петок, 1 април 2022 година, од 20 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.
Музиката е на Бобан Лазовски, камерата на Бошко Столиќ и на Томислав Георгиев, анимациите на Ратомир Цениќ, колаж-артот на Маргарита Василевска, арт-директор е Дејан Спасовиќ, а монтажата е на Небојша Илијевски.
Ова е филм за последиците од дејствувањето на властите, профитерите, бирократијата врз животите на малите луѓе, но и за спознанието за моќта на тој мал човек, кој е потиснуван од ароганцијата и заробен во своите стравови, мисли, патерни. Филмот го освестува потенцијалот да живееш наместо да живуркаш фокусирајќи се на суштината наместо на формата.
„Без оглед на тоа дали се работи за решеност да се обелодени педофилија во црква знаејќи ги последиците од таквиот чекор, за допинг-скандал што ти ја прекинува кариерата или за фактот дека си комплетно невидлив за системот и покрај успесите и вредностите што ги носиш, мудрост е да ги направиш работите што не можеш да не ги направиш, а притоа да не се изгубиш себеси“, нагласува авторот Илијевски.
Есецијалната цел на филмот е гледачите да се охрабрат и да се мотивираат да се загледаат во своите лични контексти и да си понудат и пронајдат решенија што ќе ги вратат кон себеси, кон нештата што навистина се важни во/за животот, кон вистинскот јас.
„Човекот постојано си ја бара слободата! Но, за жал, само надворешната слобода. Онаа што е во релација со општествениот систем. Така, тој е определен на борба со општеството, но не и на борба со внатрешната психолошка структура што тој систем практично ја креирал. Значи, вистинскиот радикал се наоѓа внатре! Внатре во нас, а не таму надвор во рамките на општествениот поредок“, се вели во една реплика од филмот.
По проекцијата на докуметарниот филм, ќе следува и четириесетминутна сесија со главните протагонисти и со авторот, во што ќе биде вклучена и публиката, а по премиерата, преку плаформата Аrrogance.mk гледачите ќе имаат можност за интерактивен придонес кон целиот контекст на носење свесност за личната ароганција во однос на сопствените животи. Продукцијата е на „Холистик филм“, а е поддржан од Агенцијата за филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Димитрија Доксевски избран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Актерот Димитрија Доксевски на денешното свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е избран за нов директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Според статутот на ДФРМ, мандатот на Димитрија Доксевски важи за следните две изданија на фестивалот.
Димитрија Доксевски ја презентираше предлог програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера, соопшти ДФРМ.
Димитрија Доксевски е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Својата професионална кариера ја започнал во Македонскиот народен театар во 2006 се до 2011. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во прериодот од 2011 до 2013, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и се до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ Македонија, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од Македонија.
Учествувал во организирање и продуцирање повеќе театарски претстави, организирање на повеќе од 20 музички настани со артисти од целиот свет, продуцирање и организација на 2 големи музички (open air) фестивали со повеќе од 20 интернационални изведувачи, продуцирање и реализација на кратки филмови, играни видеа за деца и театарски претстави.
Култура
Љуљзиме Лека-Муљаку во Чифте амам со циклусот „Метаморфоза II“

На втори април, среда, во 19.00 часот, во Чифте амам ќе биде отворена самостојна изложба на Љуљзиме Лека Муљаку со наслов „Метаморфоза II“.
Љуљзиме Лека Муљаку припаѓа на современата уметничка сцена и ја претставува генерацијата уметници кои својата дејност ја започнале со визуелен израз од 90-тите години.
Таа ќе се претстави во Националната галерија со 50 слики од различни формати, интересен циклус со дела изработени во акрилна техника.
Изложбата „Метаморфоза II“ е нов циклус на дела кој претставува реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности. Фигуративната композиција на овој циклус ја отсликува егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство.
Ликовното претставување тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик.
Изложбата ќе биде поставена до 13 април 2025, а куратор е Нарона Љума Весели.
Култура
Ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини на 4 април во НОБ

На 4 април со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Марио Меникаљи ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во насловната улога ќе настапи Благица Поп Томова , во улогата на Каварадоси ќе настапи Зоран Сотиров, во улогата на Скарпија, Maрјан Јованоски, во останатите улоги настапуваат: Борко Биџовски, Драган Ампов, Никола Стојчески, Тихомир Јакимовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија.