Македонија
Ковачевски – Хулм: Важен е развојот на Македонија на европскиот пат

Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со Мелани Хулм, државна министерка за Европа и меѓународни односи на покраината Баварија при Сојузна Република Германија.
На состанокот е констатирано дека е од големо значење Република Северна Македонија да направи исчекор во европските интеграции бидејќи пандемијата и особено војната во Украина покажаа дека е важно државите во Европа да дејствуваат заедно, а дека местото на Западен Балкан е во ЕУ.
Во таа насока нагласена е важноста – Република Северна Македонија да го продолжи развојот на европскиот пат.
Во новата Влада на Република Северна Македонија и во премиерот Ковачевски, како што е оценето, се гледа насоченост кон развојот на државата.
На средбата е разговарано и конкретно за унапредување на односите помеѓу Северна Македонија и Баварија преку активирање на формираната Мешовита меѓувладина комисија, со фокус на економијата, правдата, младите и дигитализацијата и иновациите.
Премиерот Ковачевски изрази благодарност за поддршката на нашата држава на европскиот пат и за заинтересираноста од Баварија за поддршка на развојот на капацитетите во посочените области.
Тој посочи и на фокусот на Владата кон надминувањето на предизвиците со грижа за граѓаните и државата.
„Во односите на Северна Македонија и Бугарија, со премиерот Петков поставивме логичка рамка на разговори на принципиелно ниво. Ја споделуваме визијата за напреден Балкан, пример за европски просперитет, а не за конфликти и одржувањето на ова ниво на комуникација со волја од двете страни може да донесе решение. Ние силно ја осудивме воената агресија во Украина, ги усогласивме целосно нашите политики со политиките на НАТО и на ЕУ, што е веќе поздравено од таму, се справуваме со енергетската и економската ситуација според новонастанатите околности и сметаме дека со тоа Република Северна Македонија покажа дека практикува европски вредности и нашето место е во ЕУ“, рече премиерот Ковачевски на средбата со баварската министерка за Европа, Хулм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари од човек со став, стана потрчко на Ахмети, велат од ВМРО-ДПМНЕ

ДУИ и нивните сателити реагираа. А и како не би врескале, кога Таравари конечно го положи испитот на максимална послушност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од АА на Таравари сега слушаме апсурдна логика: ако ВМРО-ДПМНЕ ги критикува, значи се на вистинскиот пат. Не, не сте!
Вие сте на патот на ДУИ. А тоа значи: пат на корупција, клиентелизам и лични договори зад грбот на народот. Кога ДУИ ќе ви аплаудира, кога нивните портали ќе ве бранат, кога поранешни противници ќе ве фалат, знаете дека сте направиле нешто многу погрешно“.
Во соопштението од владејачката партија велат дека Арбен Таравари не е нападнат затоа што некој се плаши од него. Напротив, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, жално е да се гледа како еден лекар, некогаш со кредибилитет, сега мора да се правда преку соопштенија на ДУИ и да се радува кога тие го „тапкаат“ по рамото.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека партијата е „нападната затоа што е пречка за криминалот на ДУИ и нивните нови соработници.
И тоа е вистинската причина за нервозата. А Таравари, колку и да се труди, нема да може да ја избрише вистината: од човек со став, стана човек со валкани домашни задачи. Да потпишува партиски соопштенија напишани во Мала Речица.
Дали е на „вистинскиот пат“, најдобро покажуваат анкетите. Од 2,7% поддршка, падна на 1%, а според некои и под 1%. Ако тоа значи да си на вистинскиот пат, да станеш потрчко на Ахмети, и да ти се сруши рејтингот тројно, тогаш навистина „добар пат“ има фатено.
На добар пат е Таравари да ја доживее целосната НДП-изација и ДПА-изација на својата структура. Да се сведе на 3–4 илјади клиентелисти што ќе чекаат Ахмети да им додели некоја функција или тендерче, со некоја идна влада на СДС, ако некогаш таква се случи. Таков е нивниот „пат“, таква им е стратегијата – и тоа е нивно право“.
Наше право и обврска како ВМРО-ДПМНЕ, велат од партијата на Мицкоски, е да внимаваме во иднина, во која било идна коалиција, никогаш да нема Таравари или некој сличен по „интегритет“.
Му порачуваат на Таравари да си ги обнови релациите со Филипче и со Заев и нека остане, како што велат, во друштво во кое најдобро се пронаоѓа.
„Ахмети ќе му најде место. А народот, ќе си пресуди. Како што знае“.
Македонија
Пороен дожд, град, ветер и грмежи попладнево во делови од Скопскиот, Кумановскиот и Кривопаланечкиот регион

Од пладневните часови во северните делови (Скопскиот, Кумановскиот и Кривопаланечкиот регион) имаше локален развој на нестабилна облачност проследена со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град, соопшти УХМР.
„Во овие попладневни часови нестабилно е во западниот дел од Скопската Котлина со пороен дожд и појава на град, во околината на Крива Паланка, Штип и Пробиштип, а силна нестабилна облачна маса се приближува кон Велес проследена со интензивни поројни врнежи од дожд, силни и чести електрични празнења, силен ветер и појава на град.
Времето до крајот на денто: променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град“.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.