Македонија
(Видео) Стоилковски: Јавното обвинителство и Комисијата за корупција да отворат предмет за дивоградбата на Каевски
Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство по теркот на молкот за имотот на Шилегов, молкот за имотот на Филипче, па и молкот за имотот на Рашковски, молкот за имотот на кој сѐ не од тимот на Заев, сега по истиот терк се однесуваат и за несразмерниот раст на имотот на Дарко Каевски, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Ниту една институција по цела недела пресови и јавни настапи не се произнесе дека отвора предмет како тоа именуван функционер – директор од СДСМ, очигледно има имот што не е пријавен во анкетниот лист? Ниту Јавното обвинителство не се заинтересира за потеклото на парите иако постои основа за сомнеж? Дарко Каевски се обидел да скрие куќа во Волково, која потоа ја руши и гради нова хациенда со базени, иако има основано сомневање дека за тоа нема документ“, вели Стоилковски.
Смета дека Дарко Каевски е пратеник на СДСМ и со тоа, како што вели, овие прашања се од јавен интерес.
„Дарко Каевски во октомври 2020 година, кога од именуван директор станува избран пратеник, ја руши семејната легализирана куќа и на нејзино место гради луксузна хациенда. Ниту стариот објект ниту, пак, новиот го има во анкетниот лист – и за тоа Државната комисија за спречување корупција молчи. Јавното обвинителство не отвора предмет како тоа Дарко Каевски на 30 години, по неполни три години директорување со административна плата, во иста година купува стан во Скопје и гради луксузна вила со базени, што не ја пријавува и за која досега не прикажал дозвола за градба“, посочува Стоилковски.
Според него, Македонија тоне во криминал и во корупција, со години се нотира пад во борбата со високата корупција – корупција на функционери од власта. „Народот е сѐ посиромашен, функционерите од СДСМ се сѐ побогати“, вели Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) „Наместо студен камен, никнуваат дрвја што ќе растат“ – засадени 63 јавори во спомен на починатите во „Пулс“
Во Кочани се засадени 63 јавори, по еден за секој млад живот згаснат во пожарот во дискотеката „Пулс“.
„Овој чин не е само еколошка акција, туку длабоко симболичен и човечки гест. Секој јавор претставува жив споменик, тивок знак на почит и сеќавање на нашите деца“, велат семејствата на загинатите деца.
Наместо студен камен, како што додаваат, избрале да засадат дрвја што ќе растат и ќе сведочат за постоењето на нивните деца, како симбол на живот, надеж и сила, со порака дека тие никогаш нема да бидат заборавени.
Семејствата им се заблагодарија на сите кои дале поддршка и солидарност во најтешките моменти, истакнувајќи дека токму таа поддршка ја покажува општествената одговорност и човечност, и дека од болката заеднички е создадено нешто трајно, достоинствено и исполнето со љубов.
Македонија
„Зелен хуман град“: Орце Ѓорѓиевски се прогласи за ненадлежен да го заштити Скопје од детонации
На последната седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја отфрли Иницијативата на „Зелен хуман град“ за забрана на огномет на територија на градот велејќи дека Советот бил „ненадлежен“, најомиленото образложение на функционерите во Македонија, државата во која никој не е надлежен за ништо. Споредбата за наводната ненадлежност Ѓорѓиевски ја доведе до апсурд со изјавата дека тоа било исто како Советот на Скопје да забранува абортус, соопштија од Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.
Од друга страна, велат од таму, Општина Кавадарци на почетокот на декември донесе одлука да ги слави празниците годинава без огномет.
„Иако во иницијативата доставена до Советот на Град Скопје беше експлицитно наведена надлежноста според Закон за Град Скопје во чијшто член 10 е прецизирана обврската што нашата локална самоуправа ја има да ги заштити водата, почвата, воздухот, да спречи нивно загадување, да спречи бучава, за градоначалникот таа надлежност не постои?! Неговото образложение беше дека МВР спречувале неовластено користење огномети. МВР исто така се надлежни за неовластено палење отпад и загрозување на животната средина со неовластено одлагање отпад, па тоа не ја намалува обврската и надлежноста на Градот да собира отпад и во својата одлука за комунален ред да уредува начини за негово прописно одлагање. Ако Градот забрани на својата територија кој било да користи огномети, петарди и останати експлозивни материи, тоа не одзема од надлежноста на МВР туку додава“, велат од „Зелен хуман град“.
Според нив, со ова скопјани добија сигнал дека здравјето на граѓаните, ранливите групи и животните е помалку важно од политички калкулации.
„Детонации на секои пет минути не се празнување. Детонации на секои пет минути се вознемирување, разболување и смртни последици за животните. Тоа го знае секое семејство со дете со аутизам, секој хронично болен човек, секој граѓанин што не може да спие, секој што си го бара правото на мир и достоинство“, се наведува во соопштението.
Македонија
СДС се опозиција во Србија или во Македонија?, прашува ВМРО-ДПМНЕ
Навистина сме вчудоневидени , СДС живее во паралелен универзум, денес тоа и се потврдува, велат од ВМРО-ДПМНЕ, како реакција за прес – конференцијата на Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.
„Генералниот секретар на СДС, денес на прес-конференција излезе и објаснуваше за тоа дека банка од Србија купила банка во Македонија. Повеќе од 10тина дена, СДС сака да продаде некаква приказна за српски свет во државата, но тешко им оди. Не ја научија лекцијата која им ја одржаа граѓаните, а на следните избори добро е ако имаат и 100.000 гласови. Прашањето кое го поставуваме е дали СДС е опозиција во Србија или во Македонија? И зошто се толку опседнати со наша соседна држава? Дали има нешто коешто Заев и Филипче го кријат од јавноста во Македонија за некаков бизнис во Србија па затоа се гласни? Дали преку нашиот северен сосед, Заев купувал акции во индиска авиокомпанија? Чиви банкарски интереси во Македонија штити? На лагите на СДС им се кратки нозете. „Бомбите” што ги промовираат, освен дим и чад, не ‘пукаат’“, пишува во реакцијата.

