Економија
Бесими – Светската банка: Подготвуваме решенија за инвестиции на компаниите во зелена и дигитална трансформација

Министерството за финансии заедно со Светската банка (СБ) работи на воспоставување инвестициски фондови во земјата за поддршка на компании во сферата на зелената и дигиталната трансформација. Решенијата што се во фаза на подготовка, а се дел од нацрт-студијата подготвена од нивна страна, беа дискутирани на средба на министерот за финансии, Фатмир Бесими, со Мисијата на Светската банка за иновации и конкурентност предводена од Масимилијано Паолучи, постојан претставник на СБ во земјата.
Станува збор за инвестициски фонд за микро, мали и за средни претпријатија за инвестиции за зелена и дигитална трансформација во ФИТР, како и стратешки инвестициски фонд за поддршка на инвестиции во ТИРЗ и инфраструктурата во зоните.
Воспоставувањето на овие фондови произлегува од потребата за финансиска поддршка на компании што се во фаза на основање и компании на кои им требаат средства за развој, но не може да ги обезбедат во традиционалниот банкарски сегмент, како и за инвестиции на компаниите во проекти за намалување на штетното влијание врз животната средина и енергетската ефикасност.
Инвестициите во иновации, нови производи, дигитална трансформација, проширување на нови пазари, модернизација на опремата, подобрување на продуктивноста и воведување еколошки стандарди во производството ќе придонесат за закрепнување на претпријатијата во постковид-периодот и придонес кон забрзан економски раст.
Двата фонда се дел од предвидените финансиски инструменти во планот за забрзан економски раст на Министерството за финансии, со кој ќе се поддржат инвестиции од јавниот и приватниот сектор, а во насока на достигнување просечни годишни стапки на раст од над 5 %. Приоритетни области се подобрување на конкуреноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, а се насочени во повеќе приоритетни области, како што се зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, развој на физичка инфрастуктура и човечки капитал, како и социјална кохезија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.