Забава
Оскаровката Аријана де Бозе немала намера да се пријави на аудиција за West Side Story

Аријана де Бозе, која освои „Оскар“ за улогата на Анита во „Приказна од западната страна“ на годинешната церемонија, за малку ќе ја пропуштила аудицијата бидејќи мислела дека нема шанси да ја добие улогата.
31-годишната актерка ја доби златната статуетка во категоријата најдобра актерка во споредна улога во римејкот на Стивен Спилберг на мјузиклот од 1961 година.
Таа сметала дека нема да биде кандидат за улогата бидејќи не е доволно позната и не личи на Рита Морено, која глумеше во оригиналниот филм.
Во разговор со Никола Кофлан за списанието „Интервју“, ѕвездата на „Бриџертон“ ја праша Аријана: „Прочитав дека не си сакала да одиш на аудиција за West Side Story?“
Аријана ѝ рече: „Па, и да и не. Не се чувствував како кандидат бидејќи немав 500.000 следачи на социјалните мрежи. Не бев име. Јас сум од Бродвеј и обично кога прават филмски мјузикли во САД, не користат театарски таленти, туку поп-ѕвезди. Другата работа беше што ликот Анита не личеше на мене – таа не е Афроамериканка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Конзумирањето на Омега 3 и витамин Д го забавуваат стареењето

Не можеме да го спречиме стареењето, но се чини дека можеме малку да го забавиме – барем одвнатре. Според ново истражување објавено во престижниот магазин Nature Aging, комбинацијата од два многу познати додатоци во исхраната – омега-3 масни киселини и витамин Д – би можела да го забави биолошкото стареење.
Не, не зборуваме за креми или козметички третмани. Ова се случува на ниво на ДНК. Што е всушност биолошка возраст?
Хронолошката возраст е едноставна – тоа е бројот на свеќи на тортата. Но, биолошката возраст покажува како всушност старееме одвнатре – како функционираат нашето срце, мозок и клетки. И додека не можеме да влијаеме на хронолошката возраст, секако можеме да влијаеме на биолошката возраст – преку исхрана, физичка активност, спиење… и очигледно, додатоци.
Во студијата учествуваа 777 постари возрасни лица, а научниците го следеа процесот на метилација на ДНК – што често се користи како индикатор за биолошка возраст. Примероците беа земени на почетокот на студијата, а потоа три години подоцна.
Групата што земала омега-3 (1.000 мг на ден) и витамин Д (2.000 IU на ден) покажала значително побавно биолошко стареење во споредба со оние што не земале никакви додатоци.
Колку побавно?
Во просек, биолошката возраст на оваа група се забавила за три до четири месеци во текот на три години. Не е драматично, но имајќи предвид дека ефектот може да биде кумулативен – не е лошо, нели?
Уште подобро – кога омега-3 и витамин Д се комбинираат, резултатите се подобри отколку кога се земаат одделно.
Забава
Организаторите на венчавката на Безос: Добивме јасни инструкции, не смееме никого да вознемируваме

Во пресрет на раскошната венчавка на Џеф Безос и Лорен Санчез, која ќе се одржи следната недела во Венеција, парот се најде на мета на критики од дел од италијанската јавност. Но, организаторите на настанот, компанијата Lanza & Baucina Limited, издадоа соопштение во кое тврдат дека Безос и Санчез инсистирале да ја почитуваат Венеција, нејзините жители и локалната заедница уште од самиот почеток на планирањето на свадбата.
Lanza & Baucina, основана од принцот Антонио Ликата ди Баучина и грофот Рикардо Ланза, е позната по организирањето на големи свадби на познати личности, вклучувајќи ги и оние на Џорџ и Амал Клуни и Селма Хајек и Франсоа-Анри Пино. Тие во изјава за медиумите наведуваат дека Безос и Санчез им дале јасни упатства дека венчавката не треба да се меша во секојдневниот живот во Венеција.
„Од самиот почеток, инструкциите на нашите клиенти, како и нашите сопствени принципи, беа крајно јасни: минимизирајте го секое нарушување на градот, покажете почит кон неговите жители и институции и вклучете го локалното население колку што е можно повеќе во организацијата на настаните“, се вели во соопштението на Lanza & Baucina.
Свадбата се одржува во текот на три дена, а на листата на гости се најпознатите светски имиња, меѓу кои Опра Винфри, Леонардо ди Каприо, Ким Кардашијан, Бил Гејтс, Барбра Стрејсенд и Иванка Трамп.
Од друга страна, венецијанските демонстранти се собраа под слоганот „Нема место за Безос“ поставија плакати низ градот со пораки како „Венеција: Игралиште за олигарсите“ и најавија блокади на канали и улици. Протестите се поврзани со долгогодишното незадоволство од прекумерниот туризам, капитализмот и товарот на градот од настани од висок профил.
И покрај тоа, венецијанскиот градоначалник Луиџи Бруњаро изјави дека соработува со организаторите и верува дека венчавката ќе има мултимилионски ефект врз локалната економија.
„Работиме заедно со организаторите за да се осигураме дека настанот е целосно во согласност со чувствителноста и уникатноста на Венеција“, рече Бруњаро.
„Секој што ја сака Венеција е секогаш добредојден“, додаде тој.
Организаторите нагласуваат дека влијанието на настанот се размислувало со месеци однапред, многу пред да се појават вестите за протестите.
„Пред да се појават вестите за протестите, работевме да се осигураме дека свадбата ќе има што помало негативно влијание или нарушување на животот на граѓаните на Венеција и нејзините посетители“, рече организаторот.
Тие исто така додаваат дека нивните клиенти од самиот почеток биле вклучени во поддршката на градот и неговата лагуна преку непрофитни иницијативи и сродни проекти.
Според Page Six, Безос и Санчез донирале средства на локалните венецијански организации во април како дел од нивното планирање на свадбата. Во чест на гостите се испраќаат и донации, како симболичен подарок.
Во соопштението испратено до локалните медиуми на 19 јуни, организаторите цврсто ги негираат гласините дека Безос и Санчез ја резервирале целата градска флота на воден транспорт.
„Гласините за „заземање на градот“ се целосно неточни и спротивни на нашите цели и реалност. Ниту, пак, се нарача прекумерно количество водени такси или гондоли – бројот на резервации е пропорционален на бројот на гости“, велат од Lanza & Baucin.
Овие тврдења ги потврдија и градските власти, посочувајќи дека парот не резервирал голем број гондоли или невообичаено голем број водени такси. И покрај несогласувањата во јавноста, организаторите и властите работат заедно за настанот да се одвива мирно и без нарушување на секојдневниот живот во градот.
Забава
Џони Деп отворено зборуваше за врската со Амбер Херд и мотивот за тужбата: „Отиде предалеку“

Aктерот Џони Деп дава ретки изјави за турбулентниот однос со Амбер Херд и судењето кое со месеци беше на насловните страници низ светот. Во интервју за „Д сандеј тајмс“, тој отворено зборуваше за причините поради кои одлучил да ја претстави својата страна од приказната.
„Видете, отиде предалеку. Знаев дека ќе морам делумно да се ‘разголам’. Сите велеа: ‘Ќе помине!’ Што точно ќе помине? Ако не се обидам да ја претставам вистината, ќе изгледа дека навистина сум ги направил делата за кои сум обвинет. И моите деца ќе мора да живеат со тоа. Нивните деца. Децата што ги запознав во болниците. Затоа не се чувствував нервозен ноќта пред судењето во Вирџинија. Ако не треба да го запаметите текстот, ако само ја кажувате вистината, фрлете ја коцката“, додаде тој.
Деп потоа рече: „Знаев дека ништо од тоа нема да биде лесно, но не ми беше грижа. Ќе се борам до крај“.
Актерот се осврна и на врската со Амбер Херд.
„Ако сте будала како мене, понекогаш гледате во нечии очи и ќе забележите некоја тага, одредена осаменост – и чувствувате дека можете да и помогнете на таа личност“, рече тој.
„Но, ниту едно добро дело не останува неказнето затоа што има луѓе кои кога ќе се обидете да ги сакате и да им помогнете, почнуваат да ви покажуваат точно каква е таа непријатност, таа вознемиреност што сте ја виделе во нивните очи. Таа почнува да се манифестира на други начини“, изјави Деп.
Џони Деп и Амбер Херд се запознаа во 2009 година на снимањето на The Rum Diary, а нивната врска почна кон крајот на 2011 или почетокот на 2012. Тие се верија во јануари 2014 година, а се венчаа во февруари 2015. Се разделија во 2016 година, но тогаш започна вистинската драма.
Откако Херд напиша колумна за Вашингтон пост во 2018 година во која таа се претстави како жртва на семејно насилство, Деп ја тужеше за клевета во 2019 година, иако тој не беше директно именуван во написот. Рече дека нејзините тврдења се „категорично и демонстративно лажни“.
Херд поднесе тужба за 100 милиони долари. Судењето се одржа во 2022 година и заврши со пресуда на поротата во корист на Деп – тие му доделија отштета од 10,35 милиони долари, додека Херд доби 2 милиони долари за една од нејзините противтужби.