Македонија
НСДП: Резултатите од пописот да бидат основа за просперитетот на државата, а не за будење на национализмот
По цели две децении безуспешни обиди за спроведување на најзначајната и најобемна статистичка операција во една држава, конечно имаме политичка гарнитура што демонстрира искрена волја и капацитет да ја реализира пописната операција, соопшти НСДП.
„Наместо честитки за успешно спроведениот попис, политичките партии, на кои национализмот им е единствената перспектива на проектирање на иднината на државата, почнаа операција на пребројување по етничка основа.
За ниту една политичка партија, во држава што е членка на НАТО и пред портите на ЕУ, не треба да бидат прифатливи пребројувањата што ќе бидат ставени во функција на зголемување на меѓуетничките тензии.
Имајќи предвид дека пописот се спроведе во согласност со највисоките европски стандарди, а и под непосреден мониторинг на експерти ангажирани од ЕУ, НСДП е на ставот дека сите одговорни политички субјекти во државата резултатите од пописот треба да ги прифатат како статистички показатели за реалните трендови и тие да бидат основа во креирањето програмски определби за тоа во кои насоки државата треба да го проектира својот развој.
Демографските движења во и надвор од државата, нерамномерниот економски развој, човечкиот потенцијал со кој располагаме, работната сила, нејзината квалификуваност, се дел од темите и прашањата што имаат легитимитет за јавна дебата помеѓу политичките партии во периодот што следува непосредно по завршениот попис. Етнички оптоварените пребројувања не водат кон одговорни политики, кои на граѓаните ќе им понудат конкретни и реални правци на развој на државата, кои ќе значат благосостојба и просперитет“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.