Економија
(Видео) Бектеши – Ковачевски: Со владините мерки и менаџирањето од ЕСМ успешно се пребродија кризите со електрична и топлинска енергија
Министерот за економија, Крешник Бектеши, и генералниот директор на АД „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски, денеска на прес-конференција информираа за мерките што ги донесе Владата за справување со енергетската криза, а кои се спроведоа преку АД ЕСМ, кое како државна компанија секојдневно ги менаџире состојбите во справувањето со кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија.
Министерот Бектеши во своето обраќање истакна дека во услови кога цела Европа е соочена со една од најголемите енергетски кризи, Владата преку АД ЕСМ успеа со навремени мерки да се справи со ценовниот шок, кој беше неминовен. Успеавме да обезбедиме минимален раст на цената на струјата и парното, а во време кога сите земји во регионот имаат рестрикции на струја, обезбедивме непречено снабдување со електрична енергија за сите домаќинства и мали потрошувачи.
„Како резултат на порастот на цените на енергентите на европскиот пазар, пред сѐ, електричната енергија и гасот, на крајот на годината настана потреба од итно преземање мерки со цел справување со последиците од рапидниот пораст на цените. И можам слободно да кажам дека Северна Македонија беше една од првите земји во регионот, но и пошироко, која веднаш донесе мерки за справување со ценовните шокови што дојдоа однадвор“, изјави министерот Бектеши.
Министерот информира дека со цел да се амортизира покачувањето на цената на електричната енергија и на парното, од буџетот на државата, двапати, на крајот на 2021 и на почетокот на 2022 година, на ЕСМ му беа префрлени вкупно речиси 10,6 милијарди денари, или 171 милион евра, по прогласувањето кризна состојба во електроенергетскиот сектор и кризна состојба на пазарот со топлинска енергија.
„Заложбата на Владата е во услови на криза, без оглед каква, пред сѐ, да ги заштити граѓаните и стопанството. Навремено ги донесовме мерките за прогласување кризна состојба и можам слободно да кажам дека Северна Македонија беше една од првите земји во регионот, но и пошироко, која веднаш донесе мерки за справување со ценовните шокови што дојдоа однадвор. Овие мерки резултираа со многу помала корекција на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, која од почетокот на годината се зголеми 9,4 отсто, а цената на струјата на берзите бележеше рекорди, како и помали цени на топлинската енергија за корисниците на парно од реалната пазарна вредност, односно цената изнесува околу 20 отсто од пазарната“, потенцира Бектеши и додаде дека во цела Европа имаше покачувања на цената на струјата од 20 до 30 отсто, а во Турција 120 проценти. Министерот Бектеши додаде дека реалното зголемување на цената ќе беше многу поголемо доколку Владата и АД ЕСМ не презедоа обврска да им помогнат на државните енергетски компании во наредниот период.
„Од 2018 година наваму, од либерализацијата на пазарот на електрична енергија, ЕСМ се јавува како стабилизатор на цената на струјата со поддршка на Владата. Цената на струјата на берзите се движеше од 113 евра за мегават-час во септември 2021 година до 315 евра во март 2022 година, со многубројни осцилации, а во пик до 600 евра. Во вакви услови цената на ЕСМ за струјата на граѓаните е 41 евро за мегават-час кон ‘ЕВН хоум’“, посочи Бектеши.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, рече дека изминатите 7 месеци биле најтешките во постоењето на АД ЕСМ. Обврската за секојдневното менаџирање на криза со електрична енергија и на кризата со топлинска енергија му беше доделена на АД ЕСМ од страна на Владата и таа обврска ја прифативме и извршивме во целост.
„Владата го задолжи ЕСМ и во однос на цената кон ‘ЕВН хоум’, но и со 6 други продукти. кои истовремено ги работи на енергетскиот пазар сѐ со цел да се амортизира енергетската и топлинската криза. Презедовме обврска за 100 % испорака на електрична енергија кон ‘ЕВН хоум’, покривање на техничките загуби во системот на ‘ЕВН Електродиструбуција’ и МЕПСО, стартување на ТЕЦ ‘Неготино’, преземање на енергијата од ТЕ-ТО и привремено управување во БЕГ и со ‘Скопје Север’ за топлинската криза“, рече Ковачевски.

Заради транспарентност и отчетност во користењето на средствата од кризната состојба, АД ЕСМ секој месец писмено ја информира Владата како се користат средствата од наменската сметка за кризата и заедно со Владата, премиерот и економскиот тим министри се креираат чекорите за менаџирање на состојбата.
Тие средства се искористени за набавки на основните енергенски и основни трошоци.
АД ЕСМ во време на енергетската криза го прошири својот обем на работа интегрирајќи и други енергетски субјекти во својот систем, како ТЕЦ „Неготино“, ТЕ-ТО, менаџирањето со БЕГ и „Скопје Север“, снабдување електрична енергија за системските загуби во мрежата на ЕВН и МЕПСО. При сите тие дополнителни обврски успеавме целосно да го снабдиме „ЕВН хоум“ со потребната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.
Денеска сакаме да објавиме дека ги завршивме договорите за деловно-техничка соработка со ТЕЦ „Неготино“ и со ТЕ-ТО. Во изминатите 3-4 месеци овие два капацитета многу помогнаа во системот и со нивното интегрирање во работењето на АД ЕСМ се заштедија над 31 милион евра.
Што се однесува до набавката на електрична енергија, АД ЕСМ беше принудено да набави енергија во тек на неколку месеци, пред сѐ, и најмногу во ноември кога имавме пожар предизвикан од надворешни фактори на трансформаторот на РЕК „Битола“ поради што во РЕК „Битола“ беше исклучен од мрежата Блокот 3 и тој е во процес на санација.
Понатаму, во текот на зимскиот период се наиде на проблеми при набавка на мазут и на дополнителни количини јаглен, а тоа беше предизвикано од енергетската криза поради која на пазарот не можеше навремено да се добават енергенти. Затоа, во одредени денови бевме принудени да го спуштаме нивото на производство и да дополнуваме со набавена енергија. Не се набави голема количина енергија, но со оглед на енормниот скок на цените на берзите, таа енергија нас нѐ чинеше многу повеќе од тоа што било во минатото во околности на потреба.
Од денес ЕСМ продолжува да снабдува само преку своите капацитети – два блока во РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“, гасната електрана КОГЕЛ – Скопје, хидроелектраните и ветерниот парк. Со ова производство се задоволува потребата на домаќинствата и малите потрошувачи.
„Кризата отвори потреба и од подолго користење на рудниците, така што инвестираме и во нови сопствени ископи, рудникот ‘Живојно’ во РЕК ‘Битола’ и рудникот ‘Гуштерица’ во РЕК ‘Осломеј’. Но, мора да се има предвид дека во енергетиката резултатите доаѓаат по подолг период и ефектот од тоа што денес се работи во енергетиката ќе се види по 3 до 5 години. Издржавме голем удар, се подготвуваме за понатаму. Пред сѐ, за нови предизвици со енергетската криза и за следната грејна сезона“, рече директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

