Македонија
Невреме со силен ветер и пороен дожд на повеќе места и во наредните денови слични временски услови

Денеска до крајот на денот не очекува променливо облачно време со засилен ветер од јужен правец (на места со брзина над 80 км/ч), соопшти УХМР.
Попладнево на повеќе места беше нестабилно со пороен дожд, грмежи и силен ветер, локално во форма на невреме со појава на град.
Доцна попладнево невреме со силен ветер, пороен дожд и грмежи има и во Скопската Котлина, поизразено во нејзините источни делови.
Според УХМР до крајот на денот ќе имаме променливо облачно време, локално и понатаму со пороен дожд, грмежи и силен ветер. И во следните часови ќе има услови за поинтензивни процеси во форма на невреме.
Утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено во крајните западни и крајните источни делови. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Ќе дува силен југозападен ветер. Кон крајот на денот поради заладување на планините врнежите ќе преминат во снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 13, а максималната ќе достигне од 11 до 20 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува силен југозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне 16 степени.
Во следните денови ќе се задржи променливо облачно и посвежо време со повремени локални врнежи од дожд, а на планините со локални врнежи од снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Доаѓа невреме – силен ветер, пороен дожд и град ќе ја погодат Македонија

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, во понеделник и вторник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
„Процесите ќе бидат поинтензивни особено во текот утрешниот ден кога локално ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2), силен ветер (над 60км/ч) и изолирана појава на град“, велат од УХМР.
Според најавите, од среда ќе преовладува претежно стабилно и потопло време со пораст на дневната температура.
Во Скопје, утре и во вторник времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има појава на невреме со пообилен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Од УХМР препорачуваат во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
ЦУК: Четири активни пожари во Македонија, 2 под контрола

Центарот за управување со кризи информира дека на територијата на Македонија се евидентирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои: 4 се активни, 2 се под контрола, а9 се изгаснати.
Активни пожари: 4
1. Општина Чашка – над Богомила (мешана шума)
2. Општина Куманово – с. Слупчане (нискостеблеста шума)
3. Општина Студеничани – с. Дречавица (шумски пожар во планински терен)
4. Општина Македонски Брод – с. Грешница (деградирана нискостеблеста шума)
Под контрола: 2
1. Општина Долнени – с. Стровија, позади место викано Гајдарец-Клепало (нискостеблеста шума)
2. Општина Желино – с. Церово (мешана шума)
Изгаснати се пожарите во Берово, Брвеница, Струмица, Гевгелија, Куманово, Крушево, Долнени, Струга и Студеничани.
Македонија
(Видео) Избувнаа повеќе нови пожари – „Во Македонија има многу граѓани кои не ѝ мислат добро“, вели Михаилов

Попладнево низ повеќе делови од Македонија се појавија нови пожари, откако претпладне беше стабилизирана состојбата на теренот.
Надлежните институции реагираат со интервенции на копно и од воздух.
Информации објави заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.
„Дефинитивно во Македонија има многу граѓани кои не и мислат добро, друго објаснување за ова кое се случува јас немам!
Пожаров кој го гледате е над село Ваксинце, општина Липково и избил пред 30 тина минути, а истиот ветерот многу бргу го шири накај Стража!
Таму се две екипи на ЈП “Македонски Шуми” Куманово и ТППЕ Куманово!
Откако ја стабилизиравме целосно состојбата и со добра координација на Главниот Штаб на Македонија до пладне го решивме и последниот активен пожар кај Долнени, во текот на попладневните часови веќе имаме пријава за неколку нови пожари!
После пладне е пријавен нов пожар во близина на село Богомила, општина Велес каде веднаш од страна на Главниот Штаб беа упатени сили на ЈП “Македонски Шуми” , екипи на МВР и месно население, а таму на помош беше пратен и делуваше од воздух еден хеликоптер.
Во 14 часот, во исто време се појавија два пожари, едниот во близина на село Милетино во општина Брвеница кој по брзата интервенција од копно беше локализиран и пожарот во општина Желино, во близина на село Церово на кој во моментов во координација со Главниот Штаб делуваат копнени сили составени од ТППЕ и ЈП “Македонски Шуми” и двата ЕР Трактори на ДЗС!
Исто така, нашите копнени сили кои сеуште се наоѓаат високо на пожарот во Долнени над селото Стровија попладнево ни пријавија појава на дури четири нови чадења или нови пожари кој во моментов службите ги проверуваат и пристапуваат на гасење на истите!“, напиша Михаилов на ФБ.