Свет
Дали Орбан ќе го освои четвртиот мандат? Заврши гласањето за изборите во Унгарија
Во 19 часот официјално заврши гласањето за парламентарните избори во Унгарија, а првите прелиминарни резултати се очекуваат подоцна во вечерните часови.
На изборите во Унгарија актуелниот премиер Виктор Орбан ќе се обиде да го освои четвртиот последователен мандат.
Орбан и неговата партија „Фидес“ на изборите ќе се соочат со здружена опозиција, првпат откако дојде на власт на изборите во 2010 година.
Според последното објавено истражување на јавното мислење, „Фидес“ на Орбан има тенка предност во однос на опозицискиот сојуз, објави претходно АП.
Коалицијата Обединети за Унгарија, која обединува шест опозициски партии со широк политички спектар – од либералите, преку центарот до десното крило, ги здружи силите за да ја собори десничарската Фидес.
Кандидат на опозицијата за премиер е Петер Марки-Жај, кој во моментов е градоначалник на Ходмезевашархел, град во јужна Унгарија.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти дека ќе испрати мисија за набљудување на изборите во Унгарија, вклучувајќи 18 долгорочни набљудувачи и 200 други на денот на изборите. Ова е втор пат ОБСЕ да го прави тоа во една од земјите на Европската унија, додава АП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венс: Мировниот план мора да го зачува украинскиот суверенитет
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс порача дека мировниот план за Украина мора да го зачува украинскиот суверенитет. Претседателот Доналд Трамп ѝ даде рок на Украина до четврток да одговори на неговиот најнов мировен предлог, кој предвидува значајни уступки од Киев, меѓу нив повлекување од делови на источна Украина.
Венс на „Икс“ порача дека секој план мора да го запре крвопролевањето и да биде прифатлив и за Украина и за Русија. Тој ги критикуваше противниците на предлогот, велејќи дека погрешно го толкуваат или ја игнорираат реалноста на теренот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Украина се соочува со „многу тежок избор: или да го загуби достоинството или да ризикува да го загуби клучниот партнер“, мислејќи на САД. Рускиот претседател Владимир Путин го прими планот позитивно, оценувајќи дека документот од 28 точки може да биде основа за мировно решение.
Европските лидери, меѓу кои германскиот канцелар Фридрих Мерц, како и лидерите на Франција, Италија и Обединетото Кралство, денес ќе одржат состанок на маргините на самитот Г20 во Јоханесбург за да го усогласат можниот одговор. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го најави состанокот на „Икс“.
Свет
Трамп: Украина треба да го прифати мировниот план за да заврши војната
Американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш го коментираше мировниот договор со САД, за кој рече дека Украина треба да го прифати за да се стави крај на руската војна во земјата.
На прашањето дали разговарал со Володимир Зеленски за мировниот план од 28 точки за Украина, Трамп рече: „Имаме план. Ужасно е што се случува. Тоа е војна што никогаш не требаше да се случи.“
„Мислиме дека имаме начин да постигнеме мир. Тој ќе мора да го одобри“, додаде американскиот претседател.
Кога еден новинар му спомна дека мировниот план наишол на критики, Трамп возврати прашувајќи: „Мислите дека [на Зеленски] не му се допаѓа?“
„Ќе мора да му се допадне, а ако не му се допаѓа, тогаш претпоставувам дека треба да продолжиме да се бориме“, рече Трамп.
Тој, исто така, се потсети на своите претходни изјави. „Во еден момент, тие ќе мора да прифатат нешто. Се сеќавате во Овалната соба, не толку одамна, реков: „Немате карти“.
„Ја наследив оваа војна. Мислев дека требаше да постигне договор пред една или две години“, заклучи Трамп.
Свет
Туск: Полска е премногу силна
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Русија се обидува да ја дестабилизира Полска бидејќи, како што процени, Варшава денес претставува „премногу силна држава“ за да биде директно нападната. Неговата изјава ја пренесува веб-страницата Lidovky.cz.
„Русија сака да нè ослабне по секоја цена, бидејќи денес Полска е премногу силна за да ја нападне директно“, рече Туск, додавајќи дека, според него, стратегијата на Москва е јасна и насочена кон внатрешен раздор.
Според Туск, целта на Москва е „да ја подели Полска со Европа, со Украина и пред сè – да ги натера Полјаците да се караат едни со други“, според написите.
Фото: принтскрин

