Економија
(Видео) Николовски: Подготвен е национален план за поддршка на производството на храна со мерки за зголемено производство на стратешките земјоделски култури
Преку посебен национален план за поддршка на производството на храна ќе го зголемиме производството на стратешките земјоделски култури, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција.
Министерот Николовски посочи дека е подготвен национален план за производство на храна, кој содржи мерки чија цел е одржливо и зголемено производство на стратешките земјоделски производи, односно на полјоделските култури, и кој ќе биде доставен до Владата. Планот е подготвен врз основа на детаљни анализи на Министерството за земјоделство и Министерството за финансии, но и како резултат на повеќе средби со економските и социјалните партнери, земјоделците, Факултетот за земјоделски науки и храна и потсекторската група за жито.
„Со планот предвидуваме измена во Програмата за интервентен фонд, односно се зголемува поддршката за набавка на вештачки ѓубрива за пченица на 4.000 денари од хектар доколку минимум е употребено 200 килограми ѓубриво за хектар. Тоа значи дека државата субвенционира околу 40 % од трошоците за набавка на вештачко ѓубриво за површини со пченица“, рече министерот Николовски.
За оваа субвенција може да аплицираат сите земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделските стопанства, кои во производната 2021/2022 година имаат засеани површини со пченица и имаат набавено вештачки ѓубриња за прихрана на посевите во периодот од 1.12.2021 до 31.5.2022 година. Рокот за поднесување барања е до 15 јуни 2022 година, а се подготвува и модел за исплата на субвенцијата за да може земјоделците навреме да извршат прихрана на посевите под пченица.
„Исплатата ќе се врши на неделна основа за да може земјоделците веднаш оваа поддршка да ја искористат за навремена прихрана на посевите со пченица. Односно, секоја недела по поднесување барање предвидено е да се врши исплата. На пример, од понеделник до петок до 12 часот ќе се вршат прибирања на барањата во подрачните единици на МЗШВ, потоа истиот ден се праќаат до Платежната агенција, таму се обработуваат од понеделник до среда, во четврток се носат во трезорот и веќе во петок се исплаќаат“, изјави Николовски.
Дополнително, за зголемување на производството и на приносите од пченица, со планот се предвидени и неколку измени во постојната Програма за финансиска поддршка во земјоделство. Сите земјоделци што ќе остварат минимум 4.000 килограми приноси од хектар пченица, ќе добијат дополнителна субвенција од 5.760 денари за хектар.
„Речиси 6.000 производители на пченица, кои имаат повеќе од еден хектар површини со пченица, ќе имаат можност да добијат по 6.000 денари за хектар дополнителна субвенција доколку имаат принос од 4.000 килограми од хектар. Оваа мерка опфаќа над 22.000 хектари со пченица. На овој начин ги мотивираме земјоделците навремено и со потребните количини да извршат прихрана на посевите за да остварат зголемено производство на пченица и со тоа да придонесат кон вкупното зголемување на производство на пченица“, изјави министерот Николовски.
Притоа Николовски посочи дека ова е само дел од мерките предвидени во подготвениот национален план за производство на храна, кој опфаќа и нови мерки во интервентен фонд, измени во програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, наменски огласи за доделување земјоделско земјиште за полјоделски култури, предвремено пуштање на системите за наводнување, законски измени, стратегија за производство на храна и важни култури во 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

