Економија
НБРМ: Меморандум за соработка меѓу Народна Банка и високообразовните установи

Со формализирањето на соработката помеѓу Народната банка и Универзитетот на Југоисточна Европа, како една од високообразовните институции во земјава, ќе се постигне синергија во унапредувањето на истражувачката дејност и градењето млади, квалитетни кадри во областа на макроекономијата и финансиите. За таа цел, денеска беше потпишан Меморандумот за соработка помеѓу двете институции од страна на гувернерката на НБ, Анита Ангеловска-Бежоска и ректорот на Универзитетот на ЈИЕ, Абдулменаф Беџети, во присуство на вицегувернерот Фадиљ Бајрами, информираат од НБРМ.
Дообјаснуваат дека со Меморандумот се предвидува остварување на повеќе заеднички активности од централната банка и Универзитетот. Меѓу нив, планирано е кадри на НБ да бидат гости предавачи на Универзитетот на Југоисточна Европа. Исто така предвидено е и централната банка да даде свој придонес во осмислувањето на новите студиски програми за монетарна политика, макроекономија и банкарство. Од друга страна, универзитетските професори и истражувачи, заедно со вработените од централната банка, ќе соработуваат на истражувања и анализи. Предвидени се и тркалезни маси, конференции, семинари и работилници и размена на информации за активности и настани организирани од домашни и меѓународни институции.
„Секогаш е добро време за да му се посветиме на градењето на човечкиот капитал. Формалното образование игра значајна улога во подигнувањето на продуктивноста на една економија. Пренесувањето на практиката во образованието, како и постојаното учење низ професионалната кариера се од особена важност. За таа цел, централната банка, како институција којашто спроведува истражувачка и аналитичка работа, гради партнерства со образовните институции. Преку соработката со високообразовните установи, како Универзитетот на ЈИЕ, сакаме да постигнеме синергија, преку која нашите вработени ќе бидат поддршка за нивната основна цел ‒ образовната дејност, додека професорите од ЈИЕ ќе бидат поддршка во дел од нашите истражувања“, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска.
„УЈИЕ е свесен за образовната и истражувачката улога во човечкиот и во општествениот капитал, ја одржува и ја развива сè поголемата посветеност за придонес во најважната и најпредизвикувачка компонента во моментов, онаа на човечките ресурси, не само во квантитативна смисла, туку пред сè во квалитативна, исто така и определување на неопходните профили со специфични знаења за пазарот на трудот. Факултетот за бизнис и економија при УЈИЕ со години практикува ангажирање гости предавачи од областа, особено со експерти од Народната банка, но денес постојната соработка ја официјализираме со конкретни активности, преку кои кадарот на Народната банка и академскиот кадар на УЈИЕ ќе дадат конкретен придонес за осмислување нови студиски програми за потребите на макроекономската политика, монетарниот и финансискиот систем. Тие ќе се изведат преку организирање состаноци, тркалезни маси, консултации и други форми на соработка. Ова уште еднаш сведочи за силната определба на Универзитетот за понуда на квалитетни студиски програми засновани на цврста анализа и поддржани од пошироката заедница и од релевантните институции во земјава“, посочува ректорот Беџети.
Народната банка има потпишано меморандуми за соработка и со други универзитети, а отворена е за формализирање на соработката и со други образовни и научни установи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.