Македонија
Спасовски: 2021 е година со најмал број жртви во сообраќајот
Безбедноста во сообраќајот веќе подолго време ја третираме како приоритетен сегмент од особен јавен, односно општествен интерес, преку кој се пресликува нашата посветеност за создавање безбедни средини за граѓаните. „Вози како секое дете на улица да е твоето“ – така гласи моето мото како учесник во сообраќајот и се трудам секогаш да го почитувам. Бидејќи за безбедноста во сообраќајот сме одговорни сите! Тргнувајќи од самите себе како поединци, и секако, сите чинители во општеството, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на тркалезната маса на тема „Безбедноста на пешаците во сообраќајот“ што се одржа во организација на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св.Климент Охридски“.
Во своето обраќање министерот Спасовски, потенцирајќи ја не само важноста од стриктното почитување на сообраќајните прописи и правила, туку и драстично интензивираните напори на министерството во преевентивно-репресивното делување во областа на сообраќајот пред сè последниве неколку години, презентираше низа статистички показатели при што особено го акцентираше фактот дека како резултат од тие полициски активности евидентен е падот на бројот на жртви во сообраќајните несреќи.
„Според статистичките податоци, а на мое големо задоволство – бројката на жртви постојано паѓа. Така, минатата 2021 година ја завршивме како година со најмал број жртви во сообраќајот во последните 15 години – 116, а најголемо намалување на сообраќајните незгоди според местото на случување е забележано на подрачјето на СВР Скопје, кое важи за подрачје со голема фреквенција на возила и учесници во сообраќајот. Притоа, како производ на зајакнатите акциски контроли во сообраќајот, кои очигледно даваат резултат, се регистрираните над 992 илјади превентивно-репресивни мерки во последните пет години, против прекршителите на сообраќајните правила и прописи, во најголем дел за брзо возење. Тоа придонесе за континуирано намалување на бројот на жртви, а со самото тоа и постапно остварување на нашата цел, па ако во 2013 имаше 198 жртви, во 2016 тој број беше 165, во 2017 – 155, 2018 – 133, во 2019 – 132, во 2020 – 125, во 2021-116“.
Засилените контроли продолжуваат со несмален интензитет и во 2022 година, сè со цел да придонесеме оваа година да биде најбезбедна досега. Податоците од првото тримесечје во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Имено, во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28. Само во месец март 2022 година имаме четири жртви, а во март 2021 имало 16, што е бројка дури четири пати поголема од март 2022“, нагласи министерот Спасовски.
Според Спасовски, од аспект на надлежностите полицијата во делот на сообраќајот, фокусот беше ставен како на квантитативно засиленото полициско работење во контролата на сообраќајните правила и прописи така и во делот на дополнително полициско материјално-техничко опремување за ефикасно извршување на интензивираните задачи во тој сегмент почнувајќи од новите радарските контролни системи, мобилните системи за снимање па се до нови дрегери за алкотестирање.
„ Со набавка на модерни, технички високософистицирани радари, сите опремени со уред и за ноќно снимање, далеку посупериорни од малкуте дотогашни, следствено на актуелните европски полициски стандарди во овој дел од полициското работење, нашата сообраќајна полиција е единствена во регионот која е комплетирана со уреди од последната генерација, од кои невозможно е да се избрише снимениот материјал“, потенцираше министерот Спасовски.
Министерот Спасовски, исто така посочи дека полицијата активно работи и на полето на превенцијата и едукацијата – во насока на драстично подигање на нивото на сообраќајната култура, притоа особено таргетирајќи ги младите и децата.
„Се разбира, МВР реализира превентивни активности и во соработка со нашите партнери од граѓанскиот сектор, општините, училиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а од неодамна и со Факултетот за безбедност, со кој имаме долгогодишна соработка во повеќе сегменти, а сега заеднички ја спроведуваме и актуелната кампања за пешаците под мотото ‘И јас и ти- сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!’ Уверен сум дека само со активен ангажман на сите чинители во општеството ќе дојдеме до посакуваниот резултат – поголема безбедност на патиштата“, истакна на крајот од своето излагање министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

