Македонија
Кривична пријава против експретседателот на ДИК Оливер Дерковски за набавката на софтверите
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот претседател на Државната изборна комисија Оливер Дерковски, претседателот на Комисијата за јавни набавки и двајца членови на Комисијата за јавни набавки, за период од 2019 година, за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Според информациите, Дерковски во текот на 2019 година, во својство на претседател на Државната изборна комисија (во понатамошниот текст ДИК), искористувајќи ист траен однос и прилики, ја искористил службената положба и овластување при вршење јавни набавки на начин што, спротивно на начелото за конкуренција меѓу економските оператори, еднаков третман и недискриминација на економските оператори и транспарентност во процесот на доделување на договори за јавни набавки и спротивно на Законот за енергетика, без да објави јавен оглас и без да спроведе постапка за јавна набавка, извршил набавка за снабдување со електрична енергија, услуги за одржување на хигиена и писмоносни услуги во внатрешен сообраќај и склучил договори со три економски оператори, на кој начин им овозможил вкупна корист од 2.840.270,00 денари со ДДВ.
Првопријавениот, спротивно на член 99 точка 4 и став 4 од истиот член, во текот на месец мај 2019 година склучил Анекс број 1 кон договорот број 05-886/10 од 08.04.2019 година, врз основа на кој набавил дополнителни количини на паравани за гласање, наменети за спроведување на вториот круг на гласањето за претседателски избори 2019 и предвремените избори за градоначалници на општина Охрид, Ново Село и Дебар, со вкупна вредност од 771.600,00 денари без ДДВ, без да спроведе постапка за јавна набавка и без претходно да утврди дали има реална потреба и пишано барање од страна на Општинските изборни комисии за набавка на нови паравани за гласање и на тој начин му овозможил на економскиот оператор да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 771.600,00 денари.
Првопријавениот во својство на претседател на Државната изборна комисија, заедно со второпријавениот, во својство на претседател на Комисијата за јавна набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК и лице или организациски облик за јавни набавки согласно член 80 од ЗЈН, третопријавениот, во својство на член на комисијата за јавна набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК и четвртопријавениот, во својство на член на Комисијата за јавна набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК во текот на 2019 година, спротивно на член 99 став 5 и член 141 став 6 од Законот за јавни набавки (Службен весник на РСМ бр.24/19) свесно ги повредиле прописите за јавна набавка со причинување на битна повреда на Законот за јавни набавки, на начин што, првопријавениот донел и потпишал одлука за јавна набавка и ја одобрил тендерската документација за набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во Државната изборна комисија (ДИК) изготвена од страна на второпријавениот, третопријавениот и четвртопријавениот, во која одлука и тендерска документација бил предвиден критериум најниска цена, што довело до дискриминација на економските оператори, ограничување на пазарната конкуренција и на тој начин пријавените овозможиле во постапката за јавна набавка да се јави само еден економски оператор со кој е склучен и договор при тоа овозможувајќи му на економскиот оператор да се стекне со имотна корист во вредност од 5.007.920,00 денари со ДДВ.
Со ваквите преземени дејствија пријавените, им овозможиле на економските оператори да се стекнат со имотна корист во вкупна вредност 8.619.790,00 денари
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.
Македонија
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Тој кажа дека од почетокот тврдел дека евентуалната постапка за негово разрешување е политичка одлука.
Тој предмалку ја соопшти одлуката на прес-конференција во Обвинителството. Коцевски рече дека си заминува од функцијата гордо и со крената глава.
„Функцијата што ја вршев нешто помалку од две години ја извршував чесно и достоинствено, заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава. Доказ за тоа е дека дури денес во 10 часот, на само еден час пред закажаниот почеток, ми беше доставена покана од Собранието да присуствувам на седницата за која ќе се раправа за мое разрешување. Предлогот за мое разрешување не ми е доставен и немам на што да се произнесам“, рече Коцевски.
Тој вели дека е јасно оти предлогот за негово разрешување не е заснован ниту на закон ниту на факти, туку претставува преседан со далекосежни последици врз независноста на Јавното обвинителство.
„Овој предлог како основи за разрешување содржи само три реда, а ниту еден од нив нема образложение или аргументирана поткрепа. Законот е јасен: државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење по предлогот на Владата, како уставно и законски надлежен орган задолжен да ја штити независноста на јавното обвинителство. Оттука, самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана“, вели Коцевски.
Според него, предлогот за негово разрешување е дојден затоа што јавно и отворено зборувал за проблемите во обвинителството.
„Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е заради мое непрофесионално работење. Тоа не е заради недостаток на резултати. Туку затоа што, како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување. Убеден сум дека стојам тука пред вас и затоа што се зафатив со еден навистина значаен и тежок процес – прочистување на редовите на обвинителството. Јас сум првиот државен јавен обвинител кој, по донесувањето на Законот за јавно обвинителство во 2021 година, изврши контрола на работењето на вишите јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, рече Коцевски.

