Македонија
Девет години затвор за Боки 13, Ременски е ослободена
Четири казни за физички и една за правно лице, изрече судијката Софче Гаврилова-Ефремова заедно со судечкиот совет во случајот „Меѓународен сојуз“. На претседателот на невладината организација Бојан Јовановски-Боки 13 му изрече девет години, заменик-претседателката Јасна Мандиќ доби четири години, таткото на Боки 13, Миле Јовановски, доби условна казна, експратеничката Фросина Ременски е ослободена од обвинение. На асистентката на Боки 13, Кристина Блажевска, ѝ е изречена казна од една година. „Меѓународен сојуз“ треба да плати еден милион денари.
„Бојан Јованоски сторил измама и перење пари, за што судот му утврдува затвор од по 5 години и го осудува на единствена казна од 9 години. Јасна Мандиќ сторила кривично дело… за што судот ѝ утврдува казна затвор од по 2,6 месеци, односно ја осудува на казна затвор од 4 години. Фросина Ременски се ослободува од обвинение бидејќи не беше докажано дека го сторила делото. Христина Блажевска го сторила делото перење пари за што ја осудува на затвор од една година. На Миле Јовановски му се утврдува условна осуда и нема да се спроведе ако во наредните 5 години не стори ново кривично дело“, кажа судијката.
Судијката Софче Гаврилова-Ефремова елаборираше дека се исполнети битијата на делото измама и перење пари. Таа посочи дека Бојан Јовановски парите кои му ги уплаќале ги користел за купување предмети за дома и за трошоци во 1ТВ, а немал намера ниту ги употребил парите за проектите кои требало да ги реализира. Јасна Ерцеговиќ, според судијката, парите што ги добивала а биле уплаќани од бизнисмени во ‘Меѓународен сојуз’ ги уплатувала на фирмите „1ТВ“ и „БМЈ медиа груп“ како позајмица.
„Судот прифаќа дека парите уплаќани во ‘1ТВ’ и ‘БМЈ медиа груп’ како донации и позајмици се од бизнисмените“, кажа Софче Гаврилова-Ефремова.
За Миле Јовановски, кои правел позајмици на „1ТВ“, судијката исто така смета дека нема покритие за парите.
„За сите овие уплатени средства немал легално покритие. Неосновано е дека семејството Јовановски стекнало имот со продажба на јаболка и недвижнини, бидејќи нема докази. Јовановски е обвинет и за незаконско поседување на оружјето. За две оружја е потврдено дека се надвор од функција, а за едно е во функција. Тие се пронајдени при претрес. Факт е дека тој нема дозвола за оружје.
Според судот, преку изведените докази, обвинителката Ивана Трајчева докажала дека Бојан Јовановски успеал да ја искористил невладината организација за да донесе во заблуда бизнисмени кои ги нарекува оштетени, со цел тој да ги земе парите. Јасна Мандиќ и Фросина Ременски беа товарени дека му помагале на Боки 13 да ја оствари целта, за што, за Ременски беше посочено дека тоа го правела со нејзиниот углед што го уживала. За асистентката Блажевска и Миле Јовановски, судот смета е докажано дека тие ги ставале земените пари во оптек. На Миле Јовановски на твар му се ставаше уште едно дело кое се однесува на поседување оружје, за кое во интервју за „А1он“ кажа дека е старо и нефункционално, оставено од неговиот дедо. Пресудите се донесени за кривичните дела измама, перење пари и примање награда за противзаконито посредување.
Претходно, Бојан Јовановски-Боки 13 негираше дека проектот за изградба на старечки домови бил наводен и посочи дека бил реален. Во однос на поддршката од Владата, посочи дека дури и доказите на Обвинителството преку приложените комуникации го потврдуваат тоа. Со ова, Јовановски пред судот сакаше да ги побие фактите на обвинителката Ивана Трајчева дека тој лажел дека има поддршка.
Обвинетата Фросина Ташевска-Ременски негираше вина и посочи дека според антикриминалистичката теорија, постапувањето на обвинителката Ивана Трајчева е злоупотреба на службената положба и овластување. Таа кажа дека постапката за „Меѓународен сојуз“ не е водена според законот: „Целта не е потрага по објективната вистина, туку спротивно, а тоа треба да добие процесно руво. Изигрувањето на истражните верзии, ја изигрува и судската верзија. За правилна пресуда и изигрување на замките, судот треба да има судска верзија и така ќе биде отворен за докажување на кривичното дело“. Според неа, Трајчева се обидува да симулира кривично дело.
Бојан Јовановски-Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска се невини, посочи неговиот адвокат Сашко Дуковски пред судот. Тој рече дека има договор помеѓу ‘Меѓународен сојуз’ кој бил склучен со две фирми, а Обвинителството сака да посочи дека тој е направен за да биде направена измама и додаде: „Јас такво нешто немам видено“. Дуковски кажа дека договорот е граѓанско-правен однос, а за негово неисполнување не може да се одговара кривично.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

