Македонија
(Видео) Боки 13 кон судијката: Oваа пресуда е доказ дека си слуга на Заев
Откако ислуша дел од пресудата, Бојан Јовановски, кој доби нови девет години затвор, ѝ порача на судијката Софче Гаврилова-Ефремова дека е слуга на експремиерот Зоран Заев. Тој беше револтиран од моментот кога судијката убедуваше дека парите од околу 700 илјади евра биле законски одмрзнати и без да добие збор ѝ кажа: „Не, ослободени беа по налог на Зоран Заев, по негова интервенција за да ги лапнат парите“.
„Најголемата хиена, слуга на Зоран Заев. Оваа пресудата е доказ дека ти си слуга на Зоран Заев. Господ ќе суди, ќе казни“, рече Јовановски по што ја напушти судницата.
Реакцијата следеше откако судијката кажа: „Тие парични средства биле замрзнати да се провери потеклото во смисла тој што ги уплаќа. По проценката дека тие се легални пари“.

Четири казни за физички и една за правно лице, изрече судијката Софче Гаврилова-Ефремова заедно со судечкиот совет во случајот „Меѓународен сојуз“. На претседателот на невладината организација Бојан Јовановски-Боки13 му изрече девет години, заменик-претседателката Јасна Мандиќ доби четири години, таткото на Боки13, Миле Јовановски доби условна казна, експратеничката Фросина Ременски е ослободена од обвинение. Асистентката на Боки 13 – Кристина Блажевска и е изречена казна од една година. „Меѓународен сојуз“ треба да плати еден милион денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Гласањето се одвива без проблеми
Гласањето на болните и немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните локални избори, се уште е во тек, информира Државната изборна комисија.
„Според податоците пристигнати до Државната изборна комисија до 15:30 часот, од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено поправните установи, гласале 44 лица. Од вкупно пријавени 249 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, до 15:30 часот, правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. 2 лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово и Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека „досега гласањето се одвива без проблеми и на секој гласач му е овозможено непречено да го оствари своето право на глас“.
Македонија
УХМР: Водостоите остануваат високи, вечерва се очекува заладување и снег
Според податоците од хидролошките станици се уште е висок водостојот на река Сатеска, како и на река Коселска кој почнува да бележи благо намалување, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во благо намалување е и водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот но се уште е прилично висок. Останува висок и водостојот на река Треска и на река Кичевска каде сеуште со внимание треба да се следи состојбата. Исто така, во Охридско-Преспанскиот регион сеуште е висока влажноста на земјата и високи се подемните води така што можно е и понатаму да се појавуваат заезерени површини во Струшкото Поле. Водостојот на река Црна во долниот дел од сливот е во намалување но останува можноста за појава на заезерени површини во Пелагониската Котлина“, велат од УХМР.
Оттаму додаваат дека „за време на вечерните часови и ноќта се очекува заладување на времето и врнежите насекаде да бидат во вид на снег. До тогаш остануваат високи водостоите во посочените региони и останува можноста за појавување на заезерени површини во котлините и низините. Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците до крајот на денот“.
Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.

