Спорт
Игор Стефановски – Иџе по седум години се враќа во Европскиот шампионат на ридски патеки

Македонскиот автомобилист Игор Стефановски, по пауза од седум години, повторно ќе вози во Европскиот шампионат на ридски патеки, под капата на ФИА. Иџе ги освои титулите во 2014 и во 2015 година, па сезонава како искусен ќе ја предизвика новата конкуренција, на старите патеки.
Новата сезона почнува овој викенд во Франција, во Сен Жан ди Гар, местото каде што Иџе ја оствари својата прва победа. Во овие седум години, Европскиот ридски шампионат претрпе промена во системот на натпреварување, односно во класификацијата на возилата, па затоа тој со своето Хјундаи И30 ќе се трка во класа со помоќни автомобили.
„Отсекогаш сум имал високи амбиции и сум целел на највисок пласман. Така ќе биде и сега, но прво ќе видиме како ќе биде со промените во Европскиот ридски шампионат. Воведен е тој „Перформанс фактор“, тој е новина за мене и ќе видиме како ќе се однесува и мојот автомобил и на кое ниво ќе бидат конкурентите во мојата категорија. Ова е сепак прва трка, а по неа ќе ги направиме потребните приспособувања на автомобилот, бидејќи тој е истиот со кој се натпреварував на кружните трки. Ова е сепак, друг тип на предизвик. Според мене ридските трки се една од најтешките дисциплини, која бара висок фокус во секој момент од трката“, изјави Иџе.
Во претходните седум години Иџе настапуваше во ЕТЦЦ, ТЦР-Европа, ТЦР-Италија и ТЦР-Источна Европа шампионатите на кружни патеки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Одбраната на трофејот во Купот Вардар ќе ја почне против Новаци
Фудбалскиот клуб Вардар одбраната на титулата во Купот на Македонија ќе ја започне на домашен терен против Новаци.
Во Куќата на фудбалот со ждрепка беа одредни осминафиналните двојки. Се игра еден натпревар, а термините се 24.09.2025 и 29.10.2025.
Осминафинални двојки во Купот на Македонија:
Македонија ЃП – Струга Трим Лум
Охрид Лихнидос – Шкупи 1927
Вардар – Новаци
Башкими 1947 – Силекс
Шкендија – Тиквеш
Работнички – Брегалница 2008
Шкендија Арачиново – Пелистер
Беласица – Детонит Плачковица
Спорт
Парти инсистира дека е невин по обвиненијата за силување

Фудбалерот на Виљареал, Томас Парти, претпладнево се изјасни за невин кога се појави пред судот во Лондон, по обвиненијата за силување и сексуален напад.
Парти беше обвинет по пет точки за силување и едно обвинение за сексуален напад, поради спорни настани во 2021 и 2022 година. Обвиненијата се однесуваат на три жени.
Парти во тоа време беше член на Арсенал, а веќе една година англиските медиуми пишуваат за овој случај.
„Топџиите“ не го продолжија договорот со 32-годишникот, па тој го напушти клубот како слободен агент и се пресели во Шпанија со одобрение на судот.
Според условите што ги постави судот, Парти не смее да контактира со ниту една од трите жени, мора да пријави каква било промена на адресата во полиција и мора редовно да одговара на судските покани за сослушувања. Следното е закажано за 2 октомври.
Фудбалерот ги негира сите обвинувања.
Парти синоќа играше за Виљареал, против Тотенхем во првиот натпревар од Лигата на шампионите, на тереното влезе во 78-та минута, но не можеше да го спречи поразот на „Жолтата подморница“.
Парти е роден во 1993 година во Гана, а на 19-годишна возраст дојде во шпански Леганес. Набрзо се пресели во Атлетико Мадрид, во чиј прв тим беше од 2015 до 2020 година, исклучувајќи ги позајмувањата во Мајорка и Алмерија.
Тој беше член на Арсенал од летото 2020 година, кога клубот за неговиот трансфер на Атлетико му плати 50 милиони евра.
Foto/ EPA
Спорт
Јамал ќе го пропушти натпреварот во Њукасл

Напаѓачот на Барселона, Ламин Јамал, ќе го пропушти натпреварот на Барселона против Њукасл јунајтед во Лигата на шампионите во четврток на „Сент Џејмс Парк“ поради повреда на препоните, објави шпанскиот клуб.
Јамал се повреди додека играше за националниот тим, а тренерот на Барселона, Ханси Флик, жестоко го критикуваше селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, дека во репрезентацијата не се грижеле за 18-годишникот, кој ја пропушти и победата во Ла Лига против Валенсија викендот.
Јамал постигна два гола и имаше три асистенции во три натпревари одиграни за Барселона оваа сезона.
Клубот објави дека, покрај Јамал, не можат да сметаат на Алехандро Балде и Гави, како и на Марк-Андре тер Штеген, но ќе го имаат на располагање Френки де Јонг.
Барса беше елиминирана во полуфиналето на Лигата на шампионите минатата сезона, додека Њукасл се врати во Лигата на шампионите откако не успеа да се квалификува за натпреварувањето минатата сезона.