Македонија
Шаќири – Гарсија: Создаваме квалитетен и инклузивен воспитно-образовен систем
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, одржа работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Хосе Луис Лосано Гарсија.
Шаќири, како што појаснуваат од неговиот кабинет, ги нагласил пријателските односи меѓу двете земји и споделил информации за реформските процеси што се реализираат во Министерството за образование и наука.
„Република Северна Македонија цврсто опстојува на европскиот пат и нашите заложби во образованието се создавање квалитетен и инклузивен воспитно-образовен систем во согласност со најдобрите европски искуства. Затоа ни се многу важни конструктивната поддршка и размената на знаења“, посочил Шаќири.
Тој изјавил дека со промените во деветолетката учениците се насочуваат кон настава што кај нив развива аналитичко и критичко мислење, ја поттикнува креативноста и ги обучува за препознавање вистинити и невистинити информации. Основни вредности кон кои упатуваат новите наставни програми се почитувањето на различностите, толеранцијата и мултикултурализмот. Што се однесува до промените во средното стручно образование, тие целат кон потесна врска меѓу училиштата и компаниите како услов за задоволувување на потребите на пазарот на труд, од една страна, и можностите за брзо вработување на младите, од друга.
Амбасадорот Гарсија рекол дека Шпанија останува сигурен партнер на Република Северна Македонија и ја искажал подготвеноста за континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.
Двајцата соговорници се согласиле дека од заемен интерес е натамошното поттикнување средби меѓу претставници на двете земји како добра насока за размена на позитивни практики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрани за камиони на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан
Забрани за тешки товарни возила на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Сопиште и Илинден денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани два прекини и тоа:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на дел од село Добри Дол. (општина Сопиште)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците во село Кадино кон црквата Св.Илија, улица 6. (општина Илинден)
Македонија
Облачно со повремени локални врнежи од снег
Времето денеска ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови и се очекува висината на снежната покривка на планините и на некои од повисоките места да се зголеми до 25 cm. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до -2, а максималната ќе достигне од 0 до 6 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе се задржи претежно стабилно време, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег.

