Македонија
Мицкоски за Зеќири: Еден Рашковски се замени со друг

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето како го коментира обвинението за Мухамед Зеќири, рече дека е згрозен иако верува во презумпција на невиност и остава органите да си ја завршат работата, иако многу пати до сега изразиле сомневање во објективноста на нивната работа.
„Ако е тоа вистина сум згрозен, бидејќи еден Рашковски се замени со друг, но јавноста треба да знае дека тие крадат за некој друг, за тој што ги поставил таму и многу малку останува за нив. За нив останува срамот и, за жал, сè повеќе се разочаруваат и ако некој сè уште си го поставува прашањето зошто Македонија се намалува и граѓаните се селат, токму поради овие причини“, кажа Мицкоски.
Утрово јавен обвинител донесе наредба за истрага во која осомничени се Мухамед Зеќири и две други лица. Зеќири се гони бидејќи во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Поради можноста осомничените, меѓу кои е и Зеќири можат да се дадат во бегство, побарана е мерка притвор, за која одлучува кривичниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.