Македонија
(Видео) Мухамед Зеќири спроведен во притвор во затворот во Шуто Оризари

Судот му одреди притвор на Мухамед Зеќири. Полицајци од надлежна полициска станица по шест часа во Кривичен суд, со полициско возило го спроведоа од судот. Распитот траеше еден час, се чекаше три часа, а се одлучуваше два часа. Обвинителката си замина пред него, оставајќи дежурниот судија сам да донесе одлука, по нејзините аргументи. Зеќири се бранел и не се согласувал да му се изрече мерка на претпазливост.
Обвинителката Катерина Коларевиќ побара ефективен притвор што подразбира негово носење во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Мерката беше побарана поради сомнежи дека може да избега, да го повтори делото или да влијае на сведоци. Таа очекуваше истата да биде одредена, а нејзините аргументи да се прифатени. Таа рече дека нема материјални докази, но има сомнежи за можно бегство.
Мухамед Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Попладнево, Зеќири даде оставка и од позицијата генерален секретар на Владата.
„Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија. Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност. Почитуван претседателе, Ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од Вашиот владин состав и Ви благодарам што верувате во мојата заложба и посветеност во работата“, напиша Зеќири.
„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против едно лице за кое постојат основани сомненија за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, судија на претходна постапка по произнесување на надлежниот обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител во однос на предлогот, а притоа ценејќи ги сите факти приложени во предлогот, донесе решени со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1,2 и 3 од ЗКП. Како што и претходно информираше судот, судијата на претходна постапка по добивање на предлогот на Јавниот обвинител, во Законски утврдениот рок издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот, но во текот на денот истиот самиот се пријави во судот да се произнесе во однос на предлогот“, вели Кривичен суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бислимоски ќе побара цената на водата да ја одредува РКЕ место советите на општините за да се намали загубата, која сега изнесува 64 отсто

За да се намали загубата на водата за пиење која на национално ниво во просек изнесува близу 64 %, неопходно е Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да ја определува конечната цена на водата. Ова е клучното барање на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ во организација на Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ.
За тоа да се случи, неопходна е да се направат измени на сет на закони, за кои е потребен општествен и политички консензус, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„Потребно е двотретинско мнозинство со кое ќе се донесат измените на законите во оваа област и ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената, не е во ред: долга е процедурата, поделена е во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието, за да отпочне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии, кои се поттикнувачки и веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги “, рече претседателот на РКЕ Бислимоски.
Неопходни се стабилни и самоодржливи јавни комунални претпријатија (ЈКП), за да се направи промена на дотраената водоводна инфраструктура, што пак ќе влијае врз намалувањето на загубите.
„Ние немаме Б опција да работиме без јавните комунални претпријатија. Мора да поставиме систем кој ќе биде економски одржлив, а не да се одржува врз основа на донации. Да ги поттикнеме оптимално да работат, но и да се остави можност да направат профит, пари кои ќе ги инвестираат во енергетска ефикасност и во нови капацитети за обновливи извори“, вели Бислимоски.
Македонија
Директор на „Комуналец“ во Кичево отворил дива депонија, МВР поднесе кривични пријави

Против директор на „Комуналец“ во Кичево и четворица вработени, поднесена е кривична пријава за несовесно работење во службата и загрозување на животната средина и природата со отпадни материи.
Од МВР велат дека директорот на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ во Кичево, З.Ј.во периодот од 2020 година до денеска постапувал спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата.
„Формирал дива депонија на повеќе илјади квадратни метри во населена зона во Кичево, за која давал задолженија на вработените секојдневно да складираат, оставаат или расфрлаат отпадни материи. З.Ј. постапил спротивно и на одредбите од Законот за управување соа отпад и Законот за заштита на животната средина затоа што депонија ја формирал на државно земјиште во населениот дел на Кичево без одлука на Советот на општина Кичево, без градежна дозвола и без да поседува Интегрирана еколошка дозвола и Елаборат за заштита на животната средина“, велат од МВР.
Ваквата состојба, како што се додава, била констатирана со Записник за извршен инспекциски надзор на Државен инспекторат за животна средина. На 04.06.2025 во дивата депонија, полициски службеници ги затекнале Б.Б., С.А., Д.Ј. и Ф.Т., сите вработени како возачи ЈКП „Комуналец“, како истураат комунален отпад од специјални возила за собирање отпад.
Фото: илустрација
Македонија
Седум години од потпишувањето на Договорот од Преспа

На денешен датум, 17 јуни, во 2018 година, Скопје и Атина го потпишаа договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји. Потпишувањето беше организирано во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Осум месеци по потпишувањето договорот беше ратификуван во македонското Собрание и во грчкиот Парламент. На 12 февруари 2019 година Договорот и официјално стапи во сила и Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Договорот наиде на негодувања од двете страни на границата, а во земјава беше спроведен и неуспешен референдум проследен со прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. На референдумот гласаа само 36,91 отсто од гласачите, од кои 91,47 проценти беа „за“, а 5,64 отсто „против“. Голем број граѓани во тој период се изјаснија дека ќе го бојкотираат референдумот. Во периодот на референдумот, беше забележана огромна меѓународна кампања, при што голем број лидери на држави и челници во ЕУ, го повикаа македонскиот народ да се согласи на промена на името и ветуваа почеток на преговорте со Унијата, што до денес не се случи.
Договорот де факто овозможи Грција да не стави вето на приемот на Македонија во НАТО и се обврза дека нема да стави вето ни за приемот на Македонија во ЕУ. Вето за почеток на преговорите со ЕУ подоцна стави Бугарија.