Македонија
Јавен повик од град Скопје за финансирање на проекти и активности од интерес на младите

рад Скопје објави Јавен повик за распоредување буџетски средства за финансирање програми, проекти, активности и манифестации за младите за 2022 година.
„Со овој јавен повик, Град Скопје сака да ги поттикне младите активно да учествуваат во општеството низ афирмација и поддршка на младинските активности, младинската работа и неформално образование; да поттикне сојузи, здруженија и други облици на здружување да учествуваат во креирање и спроведување на младинската политика, како и зајакнување на капацитетот на здруженијата за млади на подрачјето на град Скопје; да обезбеди услови за активно и квалитетно искористување на слободното време на младите; да ги поттикне младите да учество во спортско-рекреативни активности со акцент на негување здрави животни навики, да волонтираат, да организираат семинари и едукации; да ги поттикне младите да се вклучат во активности од областа на културата и уметноста, за заштита на животната средина и просторното уредување во Скопје, како и да ги поттикне во креирање идеи од областа на информатичката технологија.
Средствата за финансирање на активностите ќе се доделуваат од Буџетот на Град Скопје за 2022 година, од Програмата за активностите во областа на спортот и младите во град Скопје за оваа година“, се наведува во соопштението на градските власти.
Потребните податоци, како и предлог програмите и проектите, програмските активности и манифестациите, со финансиската конструкција треба да се достават на посебна пријава што може да се преземе од официјалната веб страница на Град Скопје или да се подигне во архивата на Градот Скопје (барака 16).
Јавниот повик трае до 21.04.2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стабилно снабдување на онкологија и хематологија, за само една година, две промени во позитивната листа на лекови која не беше обновена 10 години, се пофали Клековски

„Не почнавме од нула, туку од минус. 10 години во Македонија не беше обновена позитивната листа на лекови. 10 години од 2014-та година ниедна промена на позитивната листа, за една година ние успеавме да направиме две промени. Во првата промена 9 генерички лекови, во последната 2 онколошки лекови кои од следниот понеделник ќе бидат достапни во аптеките“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директор на ФЗОМ, Сашо Клековски на денешната трибина во Штип на тема „Реформи во здравството – Ги градиме темелите на промените“.
Клековски додаде дека фокусот бил ставен на лековите.
„Благодарејќи на поддршката на владата одвоивме неверојатни пет милијарди денари за иновативни лекови, тоа е 70% повеќе од 2024-та година или двојно повеќе до 2023-та година. Тоа се многу повеќе пари, една милијарда повеќе за онкологија, повеќе пари за хематологија, педијатрија. Ова не се само пари, ова се животи спасени и олеснети. Стабилно снабдување на онкологија и хематологија, сите пациенти на неврологија со мултипла склероза опфатени. Луѓето на кои им треба хормон раст не чекаат веќе на тоа, и многу такви примери“, вели Клековски.
Тој истакна дека бројот на ин витро што го покрива ФЗОМ наместо 3 сега е зголемено на 6 и исто така процесот за добивање известување за барателите на ин витро е дигитализиран.
Македонија
Повторно се разгоре на Готен, шест пожари активни во државата

Денес попладне повторно се разгоре пожарот над селото Подареш на планината Готен од радовишка страна, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов. Како што рече со овој пожар надлежните борба водат над 15 дена и е исклучително тежок пожар за гаснење. Ангелов уверува дека пожарот нема да го загрози селото. Прашање е како што рече, колкава штета ќе нанесе на природата околу селото.
Според него ангажирани се сите ресурси, меѓу нив и полицискиот хеликоптер и чешкиот „Блек Хок“ како и противпожарни служби на општината и месното население.
Инаку на територијата на државата до 18 часот попладнево има вкупно 24 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, два се под контрола а 16 се изгаснати, соопшти ЦУК.
Активни се шест пожари:
1. Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, планина Голем Готен и Малешевските планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација);
2. Општина Прилеп – с. Бешиште, место викано Бешишки Рид (под контрола), друг крак кон с. Градешница (Опш. Новаци) и трет крак кон границата со Р. Грција (мешана шума, не се интервенира поради детонации);
3. Општина Прилеп и Кавадарци – помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен (Опш. Прилеп) и Галиште и Трстеник (Опш. Кавадарци) (мешана шума и ниска вегетација);
4. Општина Крушево – Градска депонија кај м.в. Струнга (ѓубре, сува трева и нискостеблеста шума);
5. Општина Струга – делницата Струга – Калишта (трска и ниска вегетација);
6. Општина Штип – с. Чардаклија – с. Караорман (ниска вегетација);
Под контрола се два:
1. Општина Карбинци – с. Јунузлија (шума);
2. Општина Делчево – Градска депонија Острец (ѓубре);
Изгаснати се 16 пожари:
1. Општина Штип – помеѓу селата Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и ниска вегетација);
2. Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација);
3. Македонски Брод 2 – помеѓу с. Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација);
4. Македонска Каменица – с. Ќосевица (борова шума);
5. Општина Прилеп – ул. Јоска Јорданоски (ниска вегетација);
6. Општина Струмица – с. Просениково (трска);
7. Општина Гевгелија – с. Миравци (грмушки и ниска вегетација);
8. Општина Радовиш – кај базенот во Радовиш (грмушки и ниска вегетација);
9. Општина Валандово – с. Јосифово (грмушки и ниска вегетација);
10. Општина Чашка – с. Оморани (грмушки и ниска вегетација);
11. Општина Росоман – с. Трстеник (напуштени лозови и овошни насади);
12. Општина Делчево – с. Звегор (ниска вегетација);
13. Куманово 1 – с. Градиште (ниска шума и ниска вегетација);
14. Куманово 2 – населба Баново трло (ѓубре);
15. Куманово 3 – населба Баново трло кај Туш маркет (ѓубре);
16. Општина Боговиње – кај Рио Компани (ниска вегетација).
Македонија
Сиљановска-Давкова-Бирн: изразена надеж дека Ирска ќе продолжи да се залага за кредибилен процес на пристапување кон ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Томас Бирн, државен министер за европски прашања и одбрана на Ирска.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи, како и за процесот на пристапување кон Европската Унија.
Претседателката оцени дека политичките односи се пријателски и без отворени прашања, но со скромна динамика и посочи на потребата од интензивирање на контактите на највисоко политичко ниво. Таа ја истакна потребата за поголема економска соработка и трговска размена меѓу двете држави.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка од Ирска за нашите аспирации за членство во Европската Унија. Потсети дека и по 21 година од формалната апликација за членство за време на ирското претседателство во 2004 година, процесот е заглавен во лавиринт од двојни стандарди.
Барајќи фер шанса за земјата, таа изрази надеж дека Ирска, за време на нејзиното претседателство во втората половина на 2026 година, како поддржувач на политиката на проширување ќе продолжи да се залага за кредибилен процес на пристапување, базиран на заслуги.
Таа уште еднаш укажа на опасноста по процесот на проширување, од неговата билатерализација и оптовареност со идентитетски и историски прашања.