Македонија
(Видео) Мицкоски: Радев и Петков треба да знаат дека тоа што ќе го потпише оваа Влада не е завршена работа

Сето она кое ќе биде надвор од тоа што е предвидено согласно Резолуцијата која ја усвои македонското Собрание, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го почитува и тоа треба да им биде јасно и на Петков и на Радев, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на новинарско прашање за спорот со Бугарија при пуштањето во употреба на спортски комплекс во Бутел.
Според Мицкоски, промена на власта во земјава ќе се случи многу бргу.
„Ако мислат дека тоа што оваа влада предводена од Османи и Ковачевски ќе потпише е завршена работа, не е“, нагласи тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна и дека според неговите информации, голем дел од земјите членки на ЕУ се противат билатерални прашања да бидат дел од преговарачката рамка.
„На тој начин преговарачкиот процес ќе биде приказна без крај односно секој секого може да блокира и никогаш процесот на проширување нема да стане реалност“, објасни Мицкоски.
Воедно, тој ја соопшти и неговата порака до Брисел.
„Отавете ги овие егзибиции и циркуски претстави. Ниту Ковачевски, ниту Петков не знаеја дека овој процес постои, а камо ли сега да бидат луѓе кои ќе изнајдат решенија. Затоа се секогаш оптимисти и насмеани.
Суштината е многу потрауматична за македонскиот народ и суштината е навистина проблематична за македонскиот народ.
Суштината е во барањата на бугарските политичари, на Радев, на тоа што е Резолуцијата усвоена во рамки на бугарскиот Парламент, немојте да правите егзибиции кои што дополнително ќе го искомплицираат процесот“, порача партискиот лидер.
Според Мицскоски, оваа влада нема легитимитет од народот и секое решение кое што Ковачевски ќе го потпише, нема да биде решение, туку, како што кажа, дополнителен проблем.
„Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, секое решение кое што ќе ги задира националните интереси, идентитетот, посебноста на македонскиот народ, културата, традицијата, обичаите, многувековната борба на македонскиот народ за формирање своја, сопствена држава, македонскиот јазик, владата на ВМРО-ДПМНЕ нема намера, нема намера да го почитува“, нагласи тој.
Мицкоски порача и дека кај него секогаш има оптимизам за почеток на преговорите, доколку навистина Брисел сака Македонија да ги почне.
„Без изговори треба да се направи притисок врз Софија да го повлече ветото, бидејќи овој народ покажал многу пати во минатото дека има европски вредности и дека заслужува да ги почне преговорите“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.